Автор на сликата: Љубица Мешкова Солак
МАЛИ НЕШТА
Си се прашал ли некогаш
за толку многу нешта, мали нешта?
Каде умираат желбите неисполнети,
каде брановите без брег се уриваат,
каде песните неиспеани заспиваат?
Си погледнал ли со срцето
онде каде очите немоќни се?
Како бисерот во мрак се раѓа,
и бескрајот со болот се братими,
како се гордее височината?
Ако не си открил никогаш,
за боите на душата, слеп си…
Птица е што одлетува денот
и нема пролет во која ќе се врати.
Остров е што темнее смртта
и среде животот тивко плови.
Најмалата и најголемата вода
на светов – исто солени се,
морето и солзата моќни се еднакво…
Гордана Стојаноска