Рамиз Хаџибеговиќ
МЕРАК
Одговор на животот и потрагата по неговата смисла
Додека мојот син Дамир студираше, секоја година поминуваше по неколку месеци во Америка. Понекогаш, размислував за можноста да живее таму после завршувањето на студиите. После неговиот последен престој во Вашингтон, љубопитен, го прашав дали би можел да живее во Америка. На мое изненадување ми одговори: Тато, животот е прекраток, а јас немам намера меракот кој го имам овде да го менувам за мало, но тешко стекнато богатство.
Како културен и друштвен феномен, неизбежен во човечкиот живот уште од почетокот, меракот соодветствува со позитивните емоции кои суштински го дефинираат човечкото постоење и смислата на животот. Во актуелните лексикони и речници по странски зборови и изрази, меракот, од неговото изворно значење, од турски се преведува како уживање, желба, страст, занес, копнеж. Ако, пак, се преведе од арапски (maraqi) тогаш е финост, префинетост, суптилност, деликатност, мекост, но и хипохондрија, волја за нешто, сладост, пријатно расположение.
Зборот мерак не е лесно да се преведе на некои од светските јазици. Кога ќе се спомене, овие јазици остануваат без збор, бидејќи не се преведува. Англиски збор кој би бил соодветен превод не постои, не може да се пренесе емоционалното ниту пак животното искуство што го поседува зборот мерак. Дури и да се проба тоа, јасно е дека преводот не може сосема да соодветствува на неговата оригинална смисла бидејќи е сложен поим, со многу нијанси, кој во себе содржи цела низа на емоции. Во таа мисија, јазикот е сѐ уште верен инструмент на нашите мисли и емоции, а симулацијата на меракот, кој не е ниту материјална придобивка ниту корист, е важна за подобро да го разбереме нашиот менталитет, нашата природа и причината за нашето уживање. Како ендемски феномен, значаен за нашите обичаи и духовното наследство, меракот има посебно значење и е од голема вредност. Меракот лесно се пишува, долго се памти и има своја убавина во самата семантика. Кога се изговара, тоа се прави полека, со многу страст, почит и уживање, за на соговорникот да му се даде до знаење за каква вредност и квалитет станува збор. Кога се споменува мерак, организмот рефлексно до мозокот праќа информации преполни со емоции кои доаѓаат со тој збор.
На Балканот се користат изразите ќееиф или ќеф (турски keyif, aрапски keyf – уживање) и вкус, кои имаат слично значење како мерак. Дури може да се каже дека, понекогаш, имаат исто значење.
Поетиката на тој феномен, чудесниот релаксирачки карактер, е заснован на хедонистичкиот принцип на живот и затоа доста се разликува од европските сфаќања за уживање. Тој му личи и одговара на сензибилниот човек кој живее опуштено, полека, спонтано, кој своите обврски ги прави без нервози и искрени реакции. Или како се вели во нашиот секојдневен жаргон „со меракот кон меракот“. Преку оваа состојба на духот ние, освен ресетирањето на нашата енергија, ги регулираме нашите емоции така што го оттргнуваме сето она што е вишок, што нѐ гуши и мачи, истовремено полнејќи го организмот со синергија која ни е потребна, која ни одговара и која го подигнува нашето расположение до врв и така се доведуваме до склад со природниот тек на работите. Меракот е нешто ситно, топло, мило и драго на душата, релаксирачко и исцелително, ситница која знае да одмори, да утеши, да мотивира, да усреќи. Една стара поговорка вели дека не е богат тој што има многу туку оној на кој малку му треба. Значи, меракот не е ништо друго освен хармонија со самиот себе, смисла и радост.
Меракот е од архетипско потекло, соединет со суштината на човечкото суштество. Има посебна матрица, специфична приказна, но и општо посебно значење. Во општа смисла, меракот кај нас е одомаќинет поим, вообичаен дури и во секојдневната комуникација, за многу постапки кои дури не мораат да имаат врска со тој феномен, додека посебно значење има и во своите манифестации на поединечното мерачење.
Искуството за меракот е најчесто неискажано, бидејќи не постои емоција во која креативноста и оригиналноста се манифестираат во толкава мерка како во меракот. Вo својата сложена полност, како и да го опишуваме и дефинираме, сепак не постојат доволно зборови да се опише неговото точно значење.
Како таков, тој е вештина и уметност, но и инспирација за поезија, музика, сликарство, литература, филозофија и психологија, кои изучуваат разни видови на среќа и човечки задоволства. Меракот е мерка за случувања и искуства. Тој нѐ вознесува, повремено носи, но секогаш донесува вредности и убавини. Најчесто, го прави моментот величествен, ни го крева адреналинот, го слави животот, им годи на сите сетила, ги замаглува погледите, го запира зборот во грлото, го мати умот, ѝ пркоси на денешната суровост. Тоа е убавината на порокот и медитативната реалност. Секој бара моменти на среќа, па дури и оној кој сака да се обеси, велеше Паскал.
Со меракот се негува и одржува животот. Тој не бара ништо надвор од него, но ни порачува: нема импровизација, биди свој, следи ги своите инстинкти. Исто така, меракот не обврзува никого, туку на лесен начин нѐ соочува со најинтимните желби. Затоа е и харизматичен, бидејќи само во него потполно уживаме. Тоа е длабока, интензивна радост, најпозитивна возбуда, најсуптилна емоција, украс на животот и културата. Меракот е привилегија и слаткост на некоја несвесна и отсутна реалност чија смисла не ја дoстигнуваме, освен оние кои уживаат во него. Баш затоа, секој обид за дефинирање на меракот, како етнолошки, антрополошки, социолошки па и психолошки поим, е невозможен, толку колку што е тешко да се пронајде неговата логична поврзаност со просторот и амбиентот во кој постои. Каде да се најде логика кога меракот ја потврдува душата од која што се слуша гласот на радоста. Што би се рекло: Меракот е мерак, и што има тука веќе да се зборува и објаснува?
Меракот не е ништо друго туку самиот живот, а тоа што нам ни изгледа така или мислиме дека е нешто посебно и треба да го бараме, тоа е наша природна особина. Меракот е склоност кон живот без обврски, а сепак исполнет со мечти. Меракот не е одложено уживање, туку моментална радост која секојдневно ни порачува: не живеј во минатото, не сонувај за иднината, биди тука и сега. Нѐ учи како треба да живееме, односно, како треба да се почитуваме себеси, другите и сѐ она што нѐ опкружува. Тој е своевидна мерка за нашите вкусови и избори – ми се сака, мило ми е; стил и начин на живот, состојбата на духот и афирмација на животот. Меракот има вонвременска смисла и значење, а понекогаш е најблизок до драматичните емоции. Најчесто е надвор од сите традиции, обичаи, протоколи, принципи и верувања. Не може да се даде или да се препушти на некој друг. Треба секогаш од ново да се открива, да се негува, да се чува, не влегува во животот кога сака и како сака, туку само со согласност на нашата волја, желба и инспирација: Што е животот: неколку чекори, малку тага и мерак, не можам без пријатели, вино, жени и кафeани. [1]
Современиот човек живее во комплицирани, драстични, романтични, комични услови, во време на брзи промени, стресни ситуации, бројни предизвици и бескрајни можности, затворен во себе, несигурен, незадоволен, неспокоен, во време кога е непожелно и непристојно да покаже емоции. Покореници сме на времето кое ни го забрзува животот и ни го вознемирува ритамот на секојдневието, не размислуваме за тоа дека човекот може да има сѐ освен време за себе. Како сериозноста да стана врвен критериум за животот и комуникацијата меѓу луѓето. „Во трка со времето човекот нема можност да се препушти на длабоките чувства, а камоли пак да ги покаже“.
Многу луѓе живеат во минатото, младите луѓе во иднината, а сѐ помал број живеат во сегашноста. И во такви услови, меракот може да му овозможи на човекот да ги вкуси убавините во малите ритуали, на пример додека јаде колачи, пие кафе, пуши цигари. Затоа секое возвишено чувство на радост кое не е вообичаено и секојдневно, заслужува да му биде посветено внимание и да биде значајно. Всушност, Андриќ вели „Чудно е колку малку ни е потребно да бидеме среќни, а уште почудно колку тоа малку всушност ни недостига.“
Секој момент и секоја одлука го сочинуваат нашиот живот. Од тоа што ќе јадеме, пиеме, како да се организираме, со кој ќе се дружиме, што ќе читаме или ќе гледаме на телевизија. Сѐ тоа го сочинува нашиот живот и тоа што сме, исто како и оние работи што ги бираме што во нас предизвикуваат радост и возбудувања. Фата Халил го прашува меанџијата: Дали мојот Мехо беше овде вечерва?
Да, одговори тој, меанџике млада, тој беше тука од самрак до зора. До полноќ беше безгрижен, а пред утрото го скрши часовникот. Ми ги искрши и чашите и часовниците, а пред зората отиде во комшилукот. Кажа и тој којшто прашува за него, да не скита залудно. Тој ќе дојде, кога меракот ќе пројде.
Животот, сведен на момент помеѓу обврски и потреби, прави еден момент да стане наша судбина. Разликата помеѓу меракот и некое друго задоволство е очигледна, затоа и секое споредување е неумешно и непристојно изразување непочит кон меракот. Секој мерак, кој е рационален и прагматичен допир со реалноста и со самиот себе, претходи на доза возбудување. Меракот е наш избор, додека задоволството може да биде поттикнато од други. Тој има боја, мирис, вкус, допир, слика, смисла… Меракот трае подолго, додека задоволството е временски ограничено. Доминира во секој поглед во однос на задоволството затоа што за мерак треба да се има позитивна енергија и емоција. Исто така, постои и мислење според кое меракот е метафора за среќа. Треба да се знае дека среќата, како најголема тема во филозофијата, исто така трае кратко. Таа е околност, или како што би се рекло, судбина. И, уште нешто, понекогаш среќата не е добра за здравјето, додека пак меракот секогаш ги лечи сите болести. Со него ја избегнуваме замката на осаменоста.[2]
Додека се во мерак, луѓето се во сегашноста, без сенките на минатото и иднината, нивниот мозок е фокусиран на пријатното чувство, сите сетила им се во хармонија, пружајќи задоволство, мир, опуштеност. Меракот нѐ прави емотивно и духовно благородни, тој е антистрес терапија и лек за душа. За некој да ја дознае неговата суштина и смисла, мора многу да помине во животот. Како што би се рекло: Кој пробал и доживеал, знае, или мерак е мерак и нема друго објаснување и значење, освен тоа. Понекогаш, меракот може да биде најинтимна молитва, каде ги прикажуваме нашите сништа и притаени желби, или благодарност и насмевка кон животот, вршидба[3], бериќетна година, богати божиќни или бајрамски софри.
Како што скарата, овошјето и зеленчукот, излетите и кафеаните не мирисаат веќе како порано, така ни меракот не е она што некогаш беше. Нови услови, нови содржини и темпо ги диктираат новите желби и задоволства. Редефинираната природа на меракот ја покажува неговата културна издржливост и необичната мимикрија. Додека меракот секој момент ги мами и повикува, саможивите и разгалени луѓе тешко го забележуваат она што им е навистина важно, она што ги опушта и радува, а прашања има многу, кој сум, каде сум, што правам и до кога така? Живеејќи во своите заблуди, луѓето мислат дека можностите им се многу помали од желбата и не можат ништо да сменат. Се среќаваат со илјада различни ситуации, информации и социјални интеракции, семафори, реклами, таксисти, продавачи на пуканки, просјаци, шетачи на кучиња, амбулантни и полициски автомобили, улични свирачи, распродажби. Сѐ е на тацна, градот е полн со сешто, а човекот – празен. Очигледно е дека среќата и технологијата, без која, за жал, не се може, не се комплементираат. Се живее бурно, несигурно, возвишено, комично, весело, напнато, сѐ помеѓу желбата и можноста, талентот и шансата. Во такви услови, луѓето поминуваат малку време правејќи го она во коешто уживаат, бидејќи еволуцијата е спора работа, а на нашиот мозок му треба доста време да се прилагоди на тоа, додека пак животот е секогаш тука, со нас. Чека да го живееме, чека да му одговориме што сакаме. Ако човекот не ужива во секој момент, каков живот живее тој? Ако не е среќен со тоа што го работи, каква е таа работа? Сепак, парадоксален е фактот дека овој наш, балкански, вроден, и на секој поединечен мерак, го разубавува животот и ја уништува ваквата реалност.
Меракот произлегува од самите нас, па затоа не е изненадна работа, ни прво уживање во нешто. Тоа е меморизирано и повторувано задоволство, помеѓу реалноста и можноста, во која емотивно се врзуваме за одредени ритуали, обичаи, постапки. И, како што напоменав, и самиот ритуал може да биде нечив мерак. Во својот роман, „Бессудна земја“ Милован Ѓилас брилијантно го опишува мераклискиот ритуал на една своја сонародничка од Беран: Баба Марта имаше две страсти: тутун и кафе. Како да не живееше до тогаш, без кафе и цигари, само од билки. Со необична вештина и леснотија, во мрак како и на светлина, ја виткаше цигарата на коленото. Кафето секогаш го пиеше горко, држејќи пола шеќерен локум на јазикот. Секогаш пушеше добар тутун, по можност скадарски, жолт и сечен на тенко. И во двете уживаше на спор, сладок начин. Таа во тоа уживање се внесуваше душевно, со длабок внатрешен мир и тивка среќа.
За мерак не е потребно друштво (постои изрека: за сопствен мерак), музика, пиење, веселби, туку само малку вистниска радост во која ќе ужива душата. Многу луѓе губат мала радост, надевајќи се на голема среќа, вели Перл Бак. Често се вели: Кој не е роден за мерак, односно кој нема душа за него, тешко ќе се научи, навикне на таков вид уживање, нема мерак сѐ додека не се доживее својата песна, испие или одболи; мерак е кога душата ужива за три животи, мерак е поголемо задоволство од животот, кога ќе се почувствува мирисот на душата, тоа е мерак. Со меракот се хранат сништата, меракот е нешто посебно во животот, нешто што ти е помило од тоа да се најадеш леб, овој човек го живее меракот, ниту го зборува, ниту го мрмори; сѐ е добро додека меракот ти го води паметот, да не беше меракот, животот би бил како јадење без зачини, ако немаш мерак на јадење, не ги допирај ќебапите, кој не знае што значи кога душата боли и одболува, не може да се радува на меракот, само со меракот може да се дојде до мир сам со себе и со својот живот, каде е меракот нема зло и омраза, ах мерак, тешка мако, меракот има голема среќа што е тука меракот. На меракот не му се приговара, уште помалку замерува.
Проучивајќи го овој феномен, дојдов до заклучок дека кај нас најпознати се хедонистичкиот, кафанскиот, интелектуалниот, духовниот, боемскиот, поетскиот, филозофскиот, музичкиот, националниот, ромскиот, но и вообразениот мерак. Неретко, меракот може да биде фикција или илузија. Не постојат два идентични мераци, бидејќи секоја индивидуална перцепција е посебна и различна. Секој од нас има свој интимно искрен мерак, свој момент на радост, уживање (кај нас и махале и даровите имаат свој менталитет и свои мераци). Изненадувачки е до која мерка две личности можат да се разликуваат во начинот на кој доживуваат една иста ситуација и околност, што е за едната личност мерак, за другата е потполно чудно, дури и одбивно.[4] Значи, меракот е субјективно чувство и радост. Секој си го прави меракот според личните вкусови и сфаќања и според моќта на својата имагинација. За некои поединци може да се каже дека нивниот мерак е еднаков на нивниот целосен живот: Мојата драга, мојата мила, стоеше на вратата. Од мерак и страст, отвори дуќан. Низ дуќанот, низ дуќанот, го фрли бисерот. Да го купат, да го купат, беќари од Санџак.
За некој да ужива во меракот, треба да знае како да игра и да биде слободен. Оној кој не умее да си игра, кој ги заборавил игрите или пак никогаш не си играл, тој е во недоразбирање со светот и со самиот себе. Ако преку игра не си дадеме смисла кој ќе ни ја даде? Всушност, секој кој си игра наоѓа некоја смисла во тоа и ужива во играта. Затоа меракот е игра во која срцето се отвара потполно, а душата ужива. Тоа е состојбата кога очите се навлажнуваат, кога рацете се креваат, кога се кршат чаши во задимена кафеана, некако само од себе, кога пеачот или свирачот „да му го ебам ќемането“[5], добро се опари; кога косата ќе се крене на главата. Такви се среќни бидејќи знаат дека не треба да се изгуби ниту еден момент од својот живот, во какви било услови и можности да живеат.
Антун Ханги во своето дело „Zivot i obicaji muslimana u BiH” (Sarajevo, 1906) вели: Меракот е нешто посебно, што нашите муслимани, веројатно ни еден народ на светот не го знае. Меракот е кога ќе се вознесеш во некое безгрижно царство, не знаејќи за момент ниту да дишеш ниту кафе да пиеш, ниту тутун да пушиш.
Европјаните „стиснати во својот свет“ кога доаѓаат кај нас со предрасуди кон нас, откако го запознаат духот на нашиот простор, начинот на живот, изненадени и зачудени велат „нигде нема ваква забава и луд помин“. „Отуѓениот странец“, на нашите забави, сфаќа што е веродостојност, страст и афирмација на емоцијата, изгубената смисла на животот, духовната слобода, толку потребна, но недостижна во нивната совршено уредена, но стерилна татковина. Веродостојноста на „дивиот“ Балкан, во кој редот лесно се нарушува, ако воопшто и постои, каде слободата не е испреплетена со многубројни правила коишто западот толку строго ги наметнува, претставува неодолив повик кон отуѓените жители на Европа. Посебно ги изненадува фактот што народите на Балканот, без разлика на познатите конфликти, колку-толку, се наклонети едни на други.
Од дамнешнина, најпаметните луѓе на планетата се обидуваат да ја дефинираат смислата на животот. Да се дојде до тоа не е ниту лесно ниту пак едноставно. Многумина одамна се изгубија во потрагата по смислата на животот, други и денеска ја бараат, но меракот сам им се нуди. И покрај сите наши неволји што траеле со векови, потрагата по смислата на животот на Балканот престана оној момент кога луѓето ја сфатија суштината на меракот, па поради тоа потрагата за смислата на животот ја заменија со потрага по смислата на меракот. Соединувањето со духовниот код на Балканот најдобро го објаснуваат нашите луѓе кога велат дека меракот е она што се бара, она што се сака и посакува, она што ги прави исполнети. Не вели бадијала Јован Ѓуриќ: Животот ја има таа смисла што ќе му ја дадеме. Меша Селимовиќ пишува: Секој човек губи ако во животот не пронајде љубов. Јас малку би ја прилагодил мислата на Меша така што би рекол дека секој човек губи ако во животот не го пронајде меракот. Затоа што љубовта доаѓа и си оди, во неа се случуваат раскинувања, разочарувања, додека во меракот сѐ е мерак. Достоевски кажува „убавината ќе го спаси светот“, а јас би додал дека меракот ќе го спаси човекот од пребрзиот начин на живот. Не случајно Балканот е Мека на меракот, на запад не ви дозволуваат често ни да се наспиете, па како во такви услови да размислувате за некаков си таму мерак. Затоа кај нас е јасна изреката: Можам сегде да работам, но само на Балканот можам да живеам!
Секој, во даден момент, доживува мерак. Разликата е само што некој знае да ужива во малите задоволства, додека други на тоа гледаат без чувства. Меракот може да се менува во текот на денот, годините, целиот живот, отстапувајќи место од еден на друг, но секој останува оригинален и единствен. Неговата смисла не треба да се открива, туку да се чува, негува, потврдува и да се ужива. Вистина е дека некои ритуали за заедничка страст се повеќе, како што секој од нас има ритуални навики кои се посебни и специфични, првото утринско кафе со цигара, или како што би рекле: филџан, ѓезве и колач, шолја чај со добро друштво, слатки, патувања, музика – на многумина мерак, на други навика, на трети само потреба. На некои поединци им е важен мирисот на ќебапи, отколку скапоцен подарок, како што Микеланџело радостата ја наоѓа во меланхолијата. Некој наоѓа мерак седејќи на сонце, среќен што му припаѓа на него. Балканската кафеана секогаш била некој вид на мерак или храм, понекогаш замена за храм. Тешко е да се замислат нашите веселби без старите, изворни, народни песни, журки, родендени и разноразни забави не можат да се завршат без песните на Тома Здравковиќ, Харис Џиновиќ, Ксенија Радојчиќ, Сафет Исовиќ… Вредните и традиционалните песни ги чуваат од заборав и пеачите и кафеаните, но и вистинските љубители на божем-меракот, љубовта како и потрагата за неа, љубовните маки и страсти. Затоа меракот е ориентална нирвана на балкански начин – состојба на тивка еуфорија, помешано со состојбата на зен смиреност, меланхолија и прикриена еуфорија: Кој да игра? Кој да пее? Кој да жеднее? Кој да пие? Кој да ја разбие грижата? Умре батко Ѓоргија,/ за една чашка ракија/ не умре од болест/ туку од лудост/ тој виде убави девојки/ тој сака да се негови/ сѐ што ќе види батко Ѓоргија/ сѐ сака да е негово.
Мераклиите имаат позитивен став спрема себе, другите и животот. Тие на вистински начин се носат со животот, проблемите и потешкотиите. Интимно го чуваат и почитуваат нивниот мерак. Кога станува збор за пиење, јадење и многу други работи, многу е лесно да се забележи мераклијата, тој јаде полека, ужива, мерачи. Значи, тие имаат поза, стил, достоинство во сѐ што прават. Некој некогаш рекол: кога би плачеле за сѐ она што се случува околу нас, цел живот би ни поминал во плачење. Затоа од многуте работи треба да се избере она најубавото и да се ужива во тој избор, од секој ден да се направи празник, да се зачини со мала доза луксуз, да се сподели радоста со другите, да се спојат незамисливите работи, да се прават невозможни комбинации, да се биде креативен и исполнет. Треба да се подарува, да се дава, да се пружа, да се усреќува, а не само да се зема и да се добива. Не постои лош момент за добар мерак, тој ни е достапен секој ден. Свесноста е најмоќниот дел на човечкото битие, но и врската помеѓу телесната, психичката и емотивната состојба. Хипократ вели: Голема грешка е да се раздвои телото од душата. Во тој контекст, меракот е одлична врска помеѓу перцепцијата и емоцијата.
Како најсуптилно чувство, проткаено од искуства, близок до крајот на животот, меракот има само една мана, најдобро „успева“ на Балканот и на тие луѓе им пружа најслатко уживање. И заради тоа, налошо што може да му се случи на човек што живее на овие простори, е да го осудат на живот без мерак. Меракот е возбуда, невидена радост, занес, перцепциска способност, препознавање на убавината, привилигиран момент на среќа, наша мерка и хармонија, возвишена состојба на задоволство и добрина, афирмација на животот. Секој мерак има сопствен живот. Не мораме нешто да поседуваме за да бидеме задоволни, доволно е да умееме да гледаме, да видиме и да уживаме во тој естетски излет. Меракот е лично совршено искуство, кое со времето се зголемува, расте, трае, прелива и се претвара во доживеано. Тој е игра на духот затоа што припаѓа на натчовечкиот свет, свет кој човекот го насетува и чиј шарм никогаш нема да го почувствува потполно. Меракот е најдемократска појава на светот, бидејќи е насекаде, и помеѓу најсиромашните, богатите, во сите класи и касти. Треба да се препознае, присвои, и да се внесе меракот во својот живот и, уште подобро, во својот дом. Меракот е семеен ритуал, но и разговор за љубов помеѓу двајца луѓе. Колку што е постар човекот, толку повеќе е склон кон меракот и уживањето. Младите се преокупирани со игри, средовечните со кариери, а старите со хедонизам. А стариот Тадеј за тоа вели: Какви ти се мислите таков ти е и животот. Од стариот свет се протерани интимата, романтиката, приватноста, мечтата, фантазијата, играта, интуицијата. Егото и умот завладеаа со нашите животи. Премногу планираме, судиме, мислиме, калкулираме. Едни тежнеат кон иднината која е замаглена и непозната, други мислат на минатото кое е нејасно и непроѕирно. Би била катастрофа ако таквата состојба би владеела со природата. Дали треба да се родиш повеќе пати, што треба да научиш и запамтиш, а што да заборавиш за животот да би имал смисла, убавина, содржина? Го живееме нашиот единствен живот кој го имаме и зарем не би било логично во него да најдеме причина за среќа и уживање, па колку било тие да изгледаат неважни? Кои и да сте, со што и да се занимавате, какви било да ви се целите во животот, најважно е секогаш да најдете време за мерак. На тоа се сведува и утринското кафе, и работата, и распоредот на дневни активности, професионалниот и семејниот живот. Целта на животот, на кој меракот иронично се смее и го исмејува, не е човекот да се убие од работа, туку да си дозволиме да живееме удобно, отмено и раскошно. Кој ќе го открие подлабокото значење на меракот, потполно ќе се сака себеси и другите. Уверен дека ништо повеќе не ни одговара од меракот, една лична сугестија: ако сакате да се усреќите, престанете да барате среќа. Наместо неа, изберете го меракот.
Денеска нивото на задоволство во сопствениот живот е многу малку поврзан со среќните случувања кои го сочинуваат. Наместо да чекаме некој многу радосен момент позитивно да ни го смени животот, треба да го побараме во убавината на добрите работи во она што веќе го имаме така што секојдневно ќе работиме на нешто што нѐ исполнува, и релаксира. Како што напоменав, клучот за меракот го поседуваат сите луѓе. Тие не треба да бидат магионичари за да можат да ја отворат вратата кон сопственото задоволство. Доволно е само да го забележиме меракот во обичните ситници. Значи, нашите животи може да изгледаат различно доколку постои искрено предавање кон меракот.
Знаејќи дека само измислениот свет поседува некаква смисла, меракот, како суштина на човечкото постоење, не може да го смени светот, ниту пак тоа е негова задача, но може да го облагороди така што човечкото постоење во кое љубовта, како кон себе така и кон другите, е најголемата вредност. Животот е воз и треба да го исполниме со мерак бидејќи тој ги поместува границите на уживање, воспоставува нови правила на игра, ги провоцира срцето и душата. Кој не наоѓа убавина во животот и среќа во меракот, тој остарува брзо, тие кои во своето секојдневие наоѓаат пат до него може да се сметаат за остварени и среќни, а својот живот за исполнет, живеејќи го двапати[6].
Меракот, кој би го нарекол над-мене, овозможува човекот да верува во својата иднина, што е облик на вечна младост, но исто така го повикува да работи секојдневно на суштината и смислата на своето задоволство. Научете да уживате. Тоа е најлесниот, најкраткиот и најбрзиот начин да се побегне од сите бесмислености.
Секој од нас е во потрага по тајната на животот, а тајната на животот е меракот.
Превод од српски на македонски јазик:
Вера Трифуновиќ
[1] Песна од фолк пејачот Харис Џиновиќ.
[2] Американски истражувачи, од разни универзитети, сметаат дека среќата е сведена на лично чувство и расположение, без да бидат вмешани виши сили и цели, Бог и вонземјани.
[3] Раздвојување на зрната на житото од класот со помош на вршало или вршалка.
[4] Грчкиот филозоф Диоген, кој се залагал за природноста, самозадоволството и вежбањето, живеел во буре и ги презирал друшвените конвенции и богатството. Кога Александар Велики го прашал што сака, тој му одговорил „Тргни ми се од сонцето“.
[5] Ќемане е вид на музички инструмент што традиционално се користи на Балканот и Анадолија
[6] Им предлагам на балканските земји и нивните културни институции да воведат Ден на меракот. Тоа би била прилика преку меракот уште еднаш да ја потврдиме смислата на животот, неговата суштина, важност, виталност и вистинското уживање.