Манифестацијата „Битолски книжевни паметења“ е меѓународна манифестација која има за цел поддршка и промовирање на македонската литература, уметност, култура и издаваштво, популаризација на современите македонски автори пред домашната публика и пред странски автори и издавачки куќи, доближување на творештвото на реномирани странски автори до македонската публика и остварување на соработка со друштва на писатели од други земји.
Се организира еднаш годишно. Првата манифестација беше одржана во 2010 г.
Програмските содржини на меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“ се секогаш актуелни и ги следат модерните текови во литературата и културата во земјата и странство, а учесниците се реномирани автори од Македонија и странство.
Во текот на манифестацијата се реализираат промоции на книги од домашни и странски автори, промоции на списанија од областа на литературата, уметноста и културата, книжевно претставување на учесниците, се организираат трибини за актуелните состојби и перспективите на издаваштвото во друштвата на писателите од земјите учеснички на манифестацијата, посети на културно-историски локалитети и институции заради запознавање со македонското културно наследство и афирмирање на македонската култура и слични активности за промовирање на македонската литература и култура и за интензивирање на соработката со писателите, списанијата и друштвата на писатели од Македонија и странство.
Секоја година се доделуваат и престижни награди и тоа:
– за македонските автори се доделуваат наградите „Книжевен круг“ за необјавени дела од различни жанрови според претходно објавен конкурс,
– за странските автори се доделуваат награди за необјавена книга и за достигнувања на странски автор („Мозаик“), а
– се доделува и наградата за превод „Лингва“.