Автор на сликата: Драган Најденовски
НА КРСТОПАТОТ НА ЅВЕЗДИТЕ
Секако дека еднаш ќе заминеш,
во длабочините на небото.
Секако дека ќе дојде денот,
кога ќе се сретнат двата краја,
на ѕвездените брегови,
и нема да остане ништо
подалеку од мигот на стемнувањето
во кое никогаш сонце не огреало.
Секако дека е тоа неопходно,
за да се движат постојано
безбројните кругови,
што го поврзуваат
синџирот на времето
на крстопатот на ѕвездите.
Премногу се далеку
сенките на тишината,
зад сето растојание на стравот,
во кој сите патишта
што си ги минал,
со твоите стапки
доаѓаат по тебе,
и ги исполнуваат несониците
на сите очекувања.
Ѕвездите,
со кои ноќта расцветува,
никогаш не созреваат,
затоа што се овошки на вечноста.
Залудно ги врстуваме погледите
во тие длабочини,
таму сите патишта,
ги снемува со разденувањето.
На високиот крстопат,
во зенитот на соништата
наместо ѕвезди,
нашите погрешни чекори
тајно се сретнуваат,
и го очекуваат последниот чекор,
на конечното збогување.
Зоран Пејковски