ОРАЧИТЕ И МЕСЕЧИНАТА
Во вреќи струнени орачите зрна кријат.
Квачка небото го пребарува,
колвајќи ѕвезди над поле.
А таму каде што долината истекува
месечината ко златна тепсија фрлена
на небо преку мене патува.
Со засукан фустан
од извор надолу растрчува,
играјќи криеница
со ноќните пеперуги.
Пред зори врбите ги позлатува,
полето скришум го претрчува
ко невеста задоцнета од вода.
По нивите орачите и неа ја бркаат,
со клетви ја стрелаат во очите
и солзи по полето остава таа
и злато во меѓите
за утревечер
и ралиците да им ги позлати.
Зрната со ноќ орачите ги запретаа,
со остени месечината ја претепаа,
наденувајќи ја на пределот од плугот
браздите да ги доистраат.
(Цветковски, Р.П. (2018). Орачите и месечината. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, В. Мундишевска-Велјановска, М. Димитријовска Радевска и Д. Андоновска-Трајковска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 18-19, стр. 25)