ДВА МЕТРА РАСТОЈАНИЕ НА СТОЈАЛИШТЕ
Катадневното патување со јавен превоз има определени предности, една од нив е прилагодувањето на фреквенцијата на туѓите разговори, животни филозофии, теории на заговор, а друга прилагодувањето на она што ќе го слушне човек, а да не повлијае на неговата мисловна траекторија, оти денеска како никогаш досега лесно човек може да полуди.
Во автобусот на седиштата пред мене беа сместени двајца пензионери, од видот со голи раце кон непријателот. Едниот зборуваше, другиот слушаше. Зборуваше за неговиот голем имот, за тоните јаболка, пченица, спомна илјаднци евра. Автобусот запре на стојалиштето пред Клиничкиот центар, слегоа двајцата, со себе носеа најлончиња низ кои се наѕираа нивните здравствени легитимации, беа побрзи од мене во слегувањето, па го слушнав другиот како му вели на овој првиот „Џабе Јохане, ќиурот џебој нема, а аздисавме…“
По една недела почнаа да се спроведуваат мерките за претпазливост, животот се стави во втора брзина, одеднаш сѐ што беше човечко стана туѓо, нема дружење, нема прегратки, нема ракување, секој еден човек претставува опасност, одеднаш човек на човека му стана упат за на инфективно одделение.
Моето семејство не може да има заеднички ручек како минатата година за Велигден, мојата осумдесет годишна баба е сама, да, телефонски се слушаме, но таа е стара и сама, потоа си велам, не, таа е силна и сама, ме теши, на лето ќе се видиме, ќе поминела оваа чума, ќе ми направела гурабии со сало. Се смеам, таа умее со оваа ситуација, па дваесет години веќе живее сама, откако умре дедо ми.
Мојата пријателка е инвалид, постојано се слушаме по телефон, ми ѕвони во главата нејзината реченица: „Мене оваа вондредна ситуација не ми менува ништо во животот, јас со години живеам во карантин“. Ме погоди оваа нејзина изјава, исто како што ме погоди кога пред половина деценија докторката ми рече дека имам автоимуно заболување и морам да се научам да живеам со ограничувањата, затоа што ќе ги имам до крајот на животот, не се лекува, па така спаѓам во ризичната група: имунолошко-компромитирачки заболувања.
Деновите се лизгаат како низ песочен часовник, скоро и да наликуваат како јајце на јајце, одењето в продавница е празник, малку подолг од фрлањето на ѓубрето час пред почетокот на полицискиот час и неартикулисаното зјапање во празната улица.
Престанав да гледам вести, пресови, статистики, престанав да гледам телевизија, чат – пат слушам дали расте бројката на оздравени лица. Читам. Читам книги. Понекојпат ќе чкртнам нешто мое авторско од душава, ама главно читам, сакам да го држам мозокот зафатен со идеи за развој, за напредок, дека утре ќе биде подобро од денеска.
Во тие два метра растојание сакам да ја почувствувам близината, лековитоста на човечката душа. Минатата година, приближно оваа доба, првпат станав мајка, кога букна епидемијата на морбили, моето дете се роди предвреме , тогаш ја узнав најголемата љубов и најголемиот страв и вредноста на материјалниот свет. Овие сегашни два метра растојание тогаш беа денови на немоќно растојание и по некоја секунда надеж благодарение на респираторната машина.
Светот аздиса исто кога Мојсеј се задржа на Синајската Планина по плочите со Божјите заповеди, а народот нетрпелив почна да му се поклонува во разврат на златното теле, лажниот бог. Паднавме во замката дека парите го ротираат светот, паднавме во прегратките на евтината љубов и ниските страсти, дозволивме постепено да нè совладува општествената деменција која распаѓањето на семејството како универзално почетно општество апсолутно го поддржа. Овој дваесет и први век требаше да биде век на едно од највисоките скалила на човечката еволуција и еманципација, а не постапно учење како правилно да си ги измиеме рацете. Смешно и во исто време и трагично.
Маската и ракавиците одеднаш почнаа да ми даваат една тивка слобода со чија помош можам во одредени интервали да дејствувам во просторот кој е контаминиран од напумпани дневно политичкo-здравствени совети, од нестручните надрилекари кои делат стручни совети, од паланечката служба којашто е преокупирана со наоѓање на имињата и презимињата на инфицираните лица, од постојаното репетирање на изјавата дека има стотици умрени…па живиот човек и тоа како е засегнат од смртта, како смртта да е нешто ново…додека не се појави оваа чудна вироза, на никкого не им беше гајле колку луѓе умираа дневно, колкумина од нив се деца, колкумина од нив се нечии мајки, татковци, баби, дедовци, браќа, сестри…само во војна се пребројуваат жртвите, останатите се замолчуваат или се заробуваат. Два метра растојание на стојалиште е новата идеална мерка за движење на духот во сопственото тело од иста ваква композиција, дали во хоризонтална или вертикална положба тоа е прашање на сопствен вкус.
(Димко Т. Б. (2020). Два метра растојание на стојалиште. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 78-80)