МОЌ, СЛАВА, ДО НЕЗАПИР
На првата наредна седница на сенатот, се најде царот, со најголеми почести седнат на централното место на големата, за оваа пригода посебно украсена маса пред навреме дојдените и седнати сенатори. Почеста се гледаше и по тоа што лево и десно од столот за него, беа избрани да седат по двајца најстари, најуважени сенатори, од кои еден беше претседавачот и кои при појавата на царот на вратата, сложно станаа на нозе, како и целиот преостанат сенат. Тука беше присутна династијата, и не беше потребно друго објаснение.
Најавен дека ќе му се обрати на сенатот и почитно поканет, именуван со зборовите „ваше величество честит царе“, тој сепак стана, зашто така му беше позгодно да им зборува на поголем број луѓе, и без заобиколување рече:
– Вие не се сеќавате да предложите, јас се сетив. И уредив со главниот градител на Рим, да биде изграден споменик на вашиот цар, на еден од главните градски плоштади, а во дворот на дворската палата – биста. Нека се знае што мислите: е добро тоа, или не е?
– Е добро, – одговорија без грешка кренатите раце на сите сенатори, некои и гласно, со овие два збора, како што ги кажа величеството цар.
– Јас имам уште еден предлог, – продоложи царот Нерон, – кој што, можеби некој досетлив од вас се спремал да го поднесе, но ете јас го испреварувам, па вие проценете дали требаше да се чека мојов глас против досегашното глуво молчење на сенатот. Предлагам…
И тој без никаков напишан лист ни во раката ни пред себе, ја искажа потребата од постоење расположива добра сума пари, со која домаќинот на оваа држава, – си дозволи така да се нарече себе – ќе води грижа за важни потреби од државен интерес, и потоа за помагање на сиромашни и онесреќени, па за наградување на врвни патриоти, на заслужени и славни, со чија слава ќе се зголеми славата на Рим, и зарем треба сето тоа тука сега да го набројува! Зашто оваа држава – не смее никој тоа да го заборави – постигнала голема слава во изминатите времиња, па редно е и „нашево време“ (како што го нарече), да даде свој дел во таа вековита слава! – Сакам веднаш да го чјујам вашиот одговор, ако сте ум и совест на Рим, како што „Редно е, и требаше уште побргу ова да го видиме!“ извика еден сенатор, истовремено кревајќи ја раката и станувајќи на нозе.
„Редно е… Редно е!…“ – беше придодадено предвремено искажување на волјата уште од два-тројца.
Претседавачот на седницата, во вистинскиот миг земајќи го раководењето во свои раце, откако со многу љубезни зборови се заблагодари на неговото величество царот Нерон за учеството на седницата, со што отвори драгоцени насоки на нивната работа, не пропушти, со пофалбени зборови во кои се содржеше и благодарност, да истакне дека и покрај очигледната наша согласност и желба да застанеме цврсто заедно со него, спомнувам сепак, според традиционалната принципиелност на високава државна институција, и како што сме должни, како што и заслужува неговото величество и самата сериозност и значајност на неговиот апел што повела да ни го упати, во овој свечен миг и со вообичаената форма на нашето гласање, ние сите сенатори да го сториме тоа!“ И покажувајќи со раката дека не завршил, благопријатно насмевнат, тој додаде, понеофицијално, веќе поблиско: Да ја покажеме нашата веќе искажана согласност.
Како што би се обрнал татко во сложна фамилија, во која сѐ се прифаќа. И прв ја крена високо раката.
Шума од силно подигнати раце над главите на поседнатиот сенат, го даде одговорот.
Задоволниот претседавач и не стигна да каже што и да било во миговите на здржана, пристојна тивкогласна збрмченост што се искрена во воздухот од поседнатите на столовите.
Не ќе станеше овојпат царот Нерон, но заради мрморот што сакаше да го надвие, се исправи пак на нозе пред сенатот, и во истото време беше победен човечкиот зуеж:
„Се гледа дека од овој сенат ќе може да се исчекува нешто.“ Само толку кажа во заклучок. И придружуван од само двајца препочитни китени стражари, поправо кукли од стражари, со болскотно оружје на нив, што по првиот чекор му се припоија, излезе од големата просторија на сенатот. Надвор од зданието беше дочекан со бурна овација на две одделенија гардисти, иако на сенатот му беше првично најавено дека неговото величество ќе пристигне со неголема група од неговата гарда. Можеби малата група стана две одделенија заради посилна овација? Или, пак, за што друго?
Сепак, кочијата тргна со малубројна почесна стража, зашто царот одбегнуваше да претставува дел од долга поворка. Тој се најде во убав разговор со личниот помошник Требониј, кој јасно повикан уште од палатата, и сега седеше покрај него.
„Многу убаво решено, почитувано величество! Тоа е силно нешто! Ќе ве гледа народот и ќе збира во себе полет.“
„Да“, одговори Нерон, сметајќи дека малку ја претерал Требониј. „Ама што народот? Тој нити согледал нешто, нити пак сторил. Туку дека е корисно – е. Споменикот ќе можат и боговите да го гледаат и да се восхитуваат.“
Требониј со восхитеност одобруваше.
Но царот Нерон подруги мисли веќе го напаѓаа, пак се потсети:
„Ќе ја добијам… Ќе ја добијам!“, се тешеше по прашањето на тешкодоаѓачката инспирација, која и по денешниот блескав успех – некое чувство така му зборуваше – стануваше недооткриено нешто, како проблем за понатаму.
Којзнае како се случи тоа, и по убиството на возрасното момче Хилон, не доби некоја голема инспирација, само доби идеја. Дали премногу на идејата ѝ се предаде, та го исполнуваше сега сиот негов ум, не оставајќи место за друго? Што да направи? Ќе се бара решение. Знае тој… Целта мора да се оствари! Допрва… Голем е светот пред неговите очи… мравјалник. Ќе има нови случаи, поуспешни… Тој мора! Па тој е предодреден! Во него требаше да го видат луѓето тоа што постои, и што се прикрива упорно. Да, луѓето… Сепак, луѓето да го видат, па мали, или немали, не е тоа толку важно. За да биде човек многу високо, треба да постои некој, или некои, од кои што, ќе види дека се издигнал повисоко. Без тие други, кои и да биле, без тоа премерување – што? Еден многу жален пат на мислите…
Не само затоа, не можеше да се замисли без поетска слава. Голема поетска слава! Без таа слава, нешто ќе му избегаше… Можеби целиот свет од пред него, којшто матно си го замислуваше. За таа грижа, с е разбира, немаше обичај да расправа нити со Требониј, нити пак со кого и да било друг. Тоа само во него се напластуваше, кришум, кришум, останата една трајна состојба, небаре како кога човек си фучи низ нос, а скоро и заборавил зошто…
(Фрагмент)
(Кочовски, Н. (2020). Моќ, слава до незапир Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 74-77)