НОСОТ НА ТИНА
За еден нос, макар и тој на Тина, да биде носечки „лик“ во каков и да е литературен текст, потребно е тој да биде единствен. Како оној на Сирано де Бержерак, на пример. Или пак како оној на Барбра Стрејсенд. Или пак да ѝ оставиме простор на фантазијата за тоа каков треба да биде носот на Тина. Да тргнеме, на пример, од правење фоторобот на Тина. Еве, јас ќе ја опишам Тина, а секој од вас ќе може сам да ѝ додаде нос којшто најмногу ќе ѝ прилега на нејзиниот лик и карактер. Ова за карактерот можеби треба да го ставам во заграда. Ептен тешка задача си поставувам. А и не знам дали до толку ја познавам Тина, од една страна, а од друга страна, не знам колку носот го отсликува карактерот на еден човек. Сум чула дека долг и тенок нос со шпиц на врвот, таму каде што се разделуваат ноздрите, оти мислам дека медицински врвот е спротивниот крај од оној на што го опишав, имаат лошите луѓе. Потребна е само брадавица и веќе ја замислувам маќеата на Снежана. Значи, веднаш да кажам дека Тина не е воопшто лоша. За сплескан нос велат дека имаат луѓе што можат сѐ да претрпат во животот. Но не и Тина. Таа знае да потклекне пред тешка задача. За носот со голема грба, се знае. Тие што го прифатиле како таков се бескруполозни и успешни, а оние што се срамат од него се искомплексирани и тажни. Тина не е ни едното ни другото. Малото прчесто носе – апсолутна убавина па макар другите делови од лицето да се во апсолутна диспропорција. Тоа е носот на Мерлинка, најпосакуваниот нос на светот. Тина е сосема обична девојка. Тешко дека ќе се свртите по неа на улица, но ако еднаш ја запознаете нема никогаш да ја заборавите. Коса сечена на степени, со должина нешто колку до раменици, боја на мед измешан со цимет, очи и облик и боја на бадем, со усни секогаш исцртани со моливче и никако без сјај со вкус на јагоди. Тина знае дека таа боја не ѝ одговара многу на тенот, значи повеќе темен отколку светол, но толку ги сакаше јагодите! На сред зима како да јадеше јагоди. Чувството за вкус ѝ беше извонредно развиено. За разлика од чувството за мирис. Се извинувам ако ве изнамачив, но конечно дојдовме до поентата зошто е толку важен носот на Тина во приказната.
Откако памети за себе, носот на Тина нон-стоп тече. Дијагноза – хроничен синузитис. Тина научи да живее со тоа. Оти, да се разбереме, без престан да се секне нос не е пријатно ни за тој што тоа го прави, ни за оние што се во негова околина. И така, со години наназад до ден-денешен. И сѐ така ќе беше додека мајка ѝ еднаш дома го заборавила лончето со млеко на шпоретот. Тоа си зоврело, си претекло, си течело, истекло, тенџерчето почнало да гори, да чади, а Тина мирно им отвора на соседите и им вели дека кај нив ништо не гори.
Тина не знаеше да каже од кога не чувствува никаков мирис. На таа сметка, чувството за вкус ѝ е хиперсензибилно и таа не ја чувствуваше загубата со немирисањето. Но по овој настан сите околу неа почнаа да ја убедуваат да ги оперира синусите. За нејзино добро. Тина попушти. Но не очекуваше дека хирургот ќе ѝ предложи, со еден удар две муви, и мала естетска интервенција на нејзиниот нос. Нема да ја чини ништо повеќе, ќе ја заведат како неопходна за операцијата да биде успешна, а и ќе ја отстрани девијацијата на назалниот изговор на сите носни согласки коишто во македонскиот јазик се мошне чисти. Тина поим немаше дека имала и незабележлива говорна мана. Сите ѝ ја препишува на нејзината вљубеност во францускиот јазик. Тина е пред дилема. Дали да ја изгуби таа особеност за сметка на поубав нос? Откако ја реши, се најде пред нова, овој пат трилема, петлема, седумлема.Кој нос да го одбере од сите оние носеви што ѝ ги покажа хирургот во еден каталог.Затоа, ете, јас, ви ја замислувам Тина со нос што најмногу ќе ѝ прилега. Оти едно е да се родите со нос што ви го дала мајката природа, а друго да ѝ го наметнете на таа иста природа. За да не губи многу време ѝ предложив на Тина да посетиме еден стилист чиешто фотографско око од ништо не прави нешто туку сешто. Со помош на компјутерската технологија за миг се ереши проблемот на Тина. Нема да навлегувам во оперативните и постоперативните детали. Само ќе кажам дека кога Тина прв пат се погледна в огледало рече: Вредеше!
По операцијата Тина почна да чувствува мириси. Тешко ѝ одеше со спојувањето на вкусовите. Тоа е како да го знаеш името, а не можеш да го поврзеш со ликот и обратно. Сите беа подготвени да ѝ помогнат. Наместо тоа, ѝ направија хаос во вкусовите и мирисите. Што убаво си го распознаваше светот со јазикот. Особено немаше утка кога одбираше момче. Еден бакнеж и знаеше дека тој не е вистинскиот. А сега, овој мириса на „армани“, овој е унисекс само поради изборот на парфемот, овој мириса на лук…За жал, од сите горенаведени и којзнае уште колку ненаведени, Тина го распозна само мирисот на лукот. Непогрешливо го поврза со вкусот на печени пиперки со лукче, пинџурче, свирипиле, макало. Ладен туш за сите околу неа. Џабе операцијата и маките! Но не се откажуваа. А и со тек на времето Тина почна да поврзува и други мириси со вкусови, но сите можеше да ги почувствува само на едно место и сите беа поврзани со јадења. Можеби затоа што водач на нејзините сетила сепак беше јазикот, а местото на нивното распознавање никако не беше кујната – единствено очекувано, туку автобусот, градскиот автобус, единствениот превоз што го користеше Тина. Каков ужас! На Тина веќе не ѝ се влегуваше во автобус. Наутро ѝ се мешаа мирисот на кафе, млеко, какао, препржен шеќер, зелен чај со ѓумбир. На пладне тоа беше варена брокула со лукче, штотуку ставени во рерна полнети пиперки, похувани шницли, сите видови салати и риба…Ммм, риба,нејзиното омилено јадење. И уште многу други мириси во „петката“ на градскиот сообраќај. Кој вели дека нашите домаќинки не готват? Тина. Тоа го вели Тина. Таа тврди дека сите овие мириси ги распознава кај мажи а не кај жени. Кога Тина ќе застанеше до некоја жена во автобус не можеше да каже на што мириса – на препржен зејтин, на омекнувач за алишта, на скап парфем или дезодоранс, но не требаше да застане до некој маж а веќе знаеше дека наутро тој ѝ го подготвува кафето на сопругата, дека тој сечкал праз за питата, дека тој ги подлучувал пиперките.
Тина не можеше да одлучи што ѝ се допаѓа кај него: мирисот на печени пиперки во неговата коса или пак мирисот застоен меѓу прстите на рацете, впиен под ноктите, наталожен на кожата на дланките како крем за раце. Обидувајќи се да си го реши овој проблем, таа сфати дека го следи мирисот на еден маж. Во кој дел и да се наоѓаше во автобусот, Тина со затворени очи му се доближуваше и се опиваше од неговиот мирис. Понекогаш ќе ѝ замирисаше на нешто непознато и со денови ги мачеше сите околу себе за да го поврзе неговиот мирис со она на што мириса. Толку се внесуваше во потрагата што забораваше на сѐ друго. И се нервираше кога таа ќе биде неуспешна.Таман ќе откриеше Мирисниот, така го ословуваше во своите мисли, тој утредента ќе ја збуни со нов за неа непознат мирис. Се обиде да направи систематизација на мирисите: резок, благ, кисел, солен, јак, бајат, тазе, анемичен, егзотичен, иако за ова последново поим немаше што значи, а потоа со систем на исклучување да се задржи на еден и да погодува. Ако е кисел дали е тоа расол, дали е само салата од зелка, дали е сос од лимон…Ова ѝ стана опсесија што ја задоволуваше со одење по пазари, по маркети, по специјализирани продавници, по ексклузивни ресторани. Се однесуваше како дегустатор, само што откако ќе пробаше нешто ново мораше да го запише не само неговото име туку и да го нацрта, со детален опис на неговиот вкус, поврзан со моменти во кои го пробала, за да може полесно да го поврзе со моменталниот мирис.
И се случи. Неочекувано и за Тина изненадувачко. Еден ден застана до Мирисниот и рече:
– Печени компири наросени со брашно, црн бибер во зрна, павлака, сол, многу оцет и тоа ацидо балсамико, толчен лук, две чешниња и морска риба.
– Молам?! – ѝ се обрати запрепастениот Мирисен, не за друго туку затоа што со денови се прашуваше како да ѝ пријде. Брзо се снајде.
– Која морска риба? – ја праша тој.
Тина беше затекната.
– Сите морски риби мирисаат исто – беше првото што ѝ падна на памет, иако знаеше, барем таа тоа го знаеше, дека тоа не е точно.
– Не е точно! Ако го распознавте црниот бибер во зрна а не како мелен, лукот како толчен, имате истенчено сетило за мирис. Која риба? – не се откажува тој.
Му се доближи уште повеќе. Речиси го душкаше и размислуваше со триста на саат. Која ли риба е во прашање? Сакаше да ги затвори очите.Морам да се концентрирам – си нареди. Почна да го спушта погледот и тогаш под неговата десна мишка го виде вчерашниот број на дневниот весник што го купуваше и мајка ѝ.
– Ајкула! Ајкула во сос од сѐ она што го кажав.
– Неверојатно, неверојатно! – со неверица гледаше Мирисниот во неа. Како ли погоди?! Ајкулата е единствената морска риба што не мириса. Во тој миг знаеше дека пред него стои жената на неговиот жи-вот.
А таа пак ѝ беше благодарна на својата моќ на запазување. Откри зошто веќе еден месец го чита истиот дневен весник. За да го поврзе со Мирисниот! Мајка ѝ го купуваше весникот заради рецептот на последната страница. И тој! И тој! Мирисниот ги испробуваше рецептите од весникот. За волја на вистината, Тина не ќе го препознаеше мирисот на ајкулата. Ниту ја вкусила, ниту имаше таква намера. А состојките на сосот ги издвои благодарение на нејзиниот водич во светот на мирисите – лукот. Не го прочита синоќа рецептот. Всушност, само рецептите и не ги читаше. Тие ѝ беа без никакво значење само на хартија. Го прочита само насловот на рецептот, како и секогаш.
– Не ми преостанува ништо друго освен да Ве поканам на ручек. Рецептот е за двајца.
– Тогаш не ми преостанува ништо друго освен да прифатам.
Се симнаа на првата станица.
– Мириса на пролет – ѝ рече Мирисниот колку да каже нешто. Беше збунет.
– Ако Вие велите така – се согласи Тина.
„Ова е навистина жената на мојот живот“. И ја бакна.
М-м-м… – на Тина ѝ се допадна бакнежот. Поточно, вкусот на бакнежот. За првпат во нејзиниот живот.
(Пандева, Л. (2017). Носот на Тина. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, П. Димовски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 17, стр. 22-26)