РЈАБИНА
Овојпат нема да Ви зборувам за највозбудливото лето во мојот живот, зашто оттогаш безмалку ништо не останало. Дури ни во спомените! А сѐ што помнам и што ми остана од тоа лето, највозбудливото во мојот дотогаш скромно безгрешен живот а и отпосле, беше рјабината. Да не должам, на крајот од летото прошетав, не за друго туку да ме видат, по Широк сокак, со едни Русинки и со што се знае други -(ин)ки од до кај што постои земја на веков. Требашe да ги качам само на воз и ништо повеќе. А и јас морав да си ги проверам возовите за себеси за уште едно тргни-врати се по полиња и по планини до кај што одат возови по белиов ми свет. А веќе бев толку сит од сите што ми беа тоа лето на помини-замини, а и од оние со кои смогнав да сум само на Ти или на Вие, па дури и само на погледни-загледни, па немав сили веќе ни за полузбор со нив.
– Зарем успева во Битола рјабина, ме запрашува највозрасната од нив, очигледно не препознавајќи го во мене оној истиот што го запознала на почетокот на ова или на којзнае кое друго лето.
– Никако, ѝ велам незаинтересирано и само следам кој сѐ ме гледа така во убаво друштво.
– Направиле… – почнува таа, со оној ист приповдигнат тон како што обично би зборувал во ситуации што не заслужуваат ни внимание а камоли одговор човекот на нејзиниот живот, всушност, мојот професор со кого немавме некое си разбирање речиси по ниедно прашање од науката, а камоли од литературата, но затоа без поговор се разбиравме околу жените: јас имав бесконечно разбирање за сите што ги привлекуваше орбитално околу него, како што тој умееше да изнајде смисла во оние што сателитски ги облетував, злоупотребувајќи го безмерно неговиот авторитет. Професорски! Јас и немав многу професори, а и сите му бевме некако ученици, иако не бевме којзнае каква разлика во годините. Такво беше времето а и науката не беше поинаква, да не зборувам за литературата, но и времето почна да се менува, па и поезијата и… да успеваат рјабини во Битола.
– Што за рјабина, ѝ велам на Русинката, која очигледно подобро знаеше што се случува кај нас од мене недоволно заслушан во многу нешта што можат да се дознаат од обична кутија што те гледа в очи и ти зборува в уши, и не го тргам погледот од другите со мене Русинки и други -(ин)ки, сѐ дури не ги испратив до на Железничка во стилот јас тебе никогаш не ќе те заборавам, јас тебе никогаш не ќе те видам, и само што ги испроверив возовите што одат и љубовта ти ја земаат, па едно што се завраќав по Широк сокак само и само да ја земам чантата и да ги фатам еден за друг на пусија возовите до Краков, оти професорот ме имаше наговорено за накај полињата пoлски и планините средноевропски, кога што ќе видам: рјабини! Низ цел Широк сокак, поредени една по друга, чинам и од една и од другата страна. Или, пак, од неочекувано толку многу рјабини почнало да ми се врти во главата и да гледам удвоено. Сакав да се затрчам по возот штотуку заќувкан, да направам некоја пат-комбинација, да стигнам барем до Прилеп или до Скопје, па ако треба и до Чоп, до Москва па и до Сибир, до тие таму некои градови на -нск, што ги знаев само од по разгледници што обично ми ги испраќаа некои никогаш несретнати -(ин)ки со по една реченица а без ниту еден глагол и да им кажам на сите што пред часкум во преград им реков збогум… а што ги бев сместил ете така низ купеата на брзиот што требаше да биде експресен оти името му беше и мило и големо и експресно, за да поминеле низ тој дел од Македонија, особено преку Богомила, за да видат сѐ што не им бевме доизнаприкажале, што професорот, што јас и другите, за нашите предци, богомилите, од какви чаши пиеле и со каков прибор јаделе, и како наздравувале додека ги пишувале тајните книги… дека навистина има рјабини во Битола. Ќе да сакав да им кажам и други горки стихови од руската поезија, значи, јас ве љубев, но љубовта…
Сѐ што знаев дотогаш, го имав научено од професорот. Мислам, што се однесува до стихот, до виното и до жените. А и немавме некои поголеми потреби. Професорот си беше хроничар, па бев и јас, и ги знаевме сите возови на име, кој од каде тргнувал и каде пристигнувал од кога постои железницата на светов и веков, и кој сѐ патувал со нив, особено по наши краишта, професорот го интересираа, од навика, стари нешта, ги викаа антиквитети, па и мене, иако и тој зборот на -анти многупати не ќе го изговорев како што треба, особено ако бев фрлил некоја чашка отповеќе, а знаев и за некои од власта што се викаа така некако, а и како ќе бев ист професорот ако не ме привлекуваа во иста количина исти нешта. Особено долгите возови, убавите жени и лошите вина. До снеможување!
Професорот не еднаш бил во Краков, а и јас ги знаев сите возови за натаму. А и сега ќе одев по негова препорака, да не речам, директива. И точно го знаев денот на поаѓање и возот, цело лето само на тоа мислев, да не го утнам денот, да не се заборавам со таму па да се задржам, чинам затоа и ги оставив на станица Русинките и другите со нив, зашто професорот имаше добра мисла а зла намисла ако му подзгрешиш нешто, не толку во науката колку во друштвото, и веќе точно знаев што треба да правам во Краков, па дури и точно знаев што ќе му раскажувам, кога ќе седнеме спокојно на неговата тераса, ќе пиеме соплица и ќе гледаме на другата страна од границата и ќе се присеќаваме за нашинците отаде, распрснати што кај нас што по светот, кога ќе се вратам. Од Полска! А и што ќе му кажев, веќе ќе знаеше. А и сега до пред малку Широк сокак го шетав по негов наум, а и гледав да не испуштам нешто. Само, еве, не знаев, а од каде и би знаел дека некому, ете, не за друго туку од злоба да ми направи пакост, му текнало да засади, ене, рјабини од обете страни…. Па нема да му ги зборувам и рјабините, дури и да ме праша ако дознае како сум немал тогаш поим дека има рјабини во Битола!
Така замислен со чудија рјабини во умот го одолговлеков патот вечнотија цела, ама едно што стигнав во Полска, не само што ги заборавив Русинките, туку ги бев заборавил и рјабините битолски и сѐ што расте со божја повелба на овој свет. Се разбира, освен Полјачките.
И Полска не бев ја имал видено не знам од кога, но како да беше лани, сношти или вчера, како не бев поминал од кај драгите ми пријатели полски на професорот само и само да ги видам и да им однесам по некој локум и кафе во зрна, и шише вино тиквешко и ракија домашна и по некоја книга штотуку излезена и „Нова Македонија“, задолжително. И ги испосетив сите од најмладите до средните по врст и ми остана уште највозрасниот што го бев читал уште од дете и што не го имав никогаш порано видено а сега му ја знаев само адресата.
И тргнав по адресата на крајот од Краков во кој имав испоминато не знам колку зими, но само во центарот, оти никогаш не бев подзавлегол на кај понавнатре по тие предградија краковски што ми ги кажуваа испоцрнети од јаглен па и куќите им биле такви и душите, и едно што се доближав до домот од адресата, кога што ќе видам, цел мал бел дом обиколен со рјабини, а рјабинките чинам го препокриле со гранките и покривот, а сред нив антена сателитска како од приказните за неверување.
„Цел свет го гледам од дома“, ми се исполафи домаќинот на сите можни јазици од на овој свет, фалејќи ми го чудото што го знаев само од слики и од филмови, а и од по некоја книга од иднината што ги бев читал како мал од него напишана и додека му го давав локумот ми раскажа некоја приказна персиска за локумот, додека мелев од кафето, а голткавме од виното, во историска доверба ми потшепка дека исто било и кафе и вино како збор оти од ист крај дошле на кај нас и по светов, а за ракијата веќе немав уши да слушам и брзина да го следам па влеговме во гостинската во која имаше еден огромен телевизор колкав што дотогаш не бев имал видено и што сѐ знае фотелји и столови в круг наредени а домаќинот од далеку го вклучи и само што излезе бојата почна на прсти да врти програми. Ликум и умом ми заприлега на рабин.
„Ова што го правам е забрането кај нас да се гледа“, беше неуморен со прстите од левата рака како искусен машинописец секогаш подготвен за голема буква, а со десната подголткаше од високиот кристал на столче, „но веќе одамна немам што да измислувам, пишувам против власта и уживам патувајќи… погледни, имам над сто програми, ова е Америка, Си-еН-еН, уживаше во големите букви, сакаш да погледнеш од Англија, Би-Би-Си, Австралија, Африка, почна сѐ на големите А, а имам и Македонска, сега ќе ја фатам, куќа – цел свет ми е“, а јас заседнав на најстариот му стол, бездруго од некој минат век, и што од умора што од досада бев задремал и сум втонал во некој плиток сон.
Се најдов сред Париз, седнат во една кафеана, околу мене девојки во облаци од панталони, а на една маса, гледам девојка сама, прегладнета и руска, бездруго од некогашно аристократско семејство, како да ја бев видел на излитен портрет од зафрлена книга во заборавена библиотека, пишува писмо или песна, на кирилица и на руски, со букви од кои повеќето веќе никој не ги користи: „не ми е жал за Москва ни за Русија, само кога ќе видам рјабина, во срцето ме обзема тага“. Станав од масата, онака полутрезен со „смирнов“ на кристално столче, не да ѝ наздравам туку да ја утешам дека има рјабини и сред Битола и дека прва згода ќе ја водам и со пајтон ќе ја шетам по Широк сокак, ќему одиме на гости и на конзулот руски, но кристалот се претвори во гранче рјабинкино, и не успеав ни да му се очудам а се најдов со девојката париска заедно сред Москва на Красниот Плоштад што го знаев како Црвен а таа ме убеди дека е Убав, а околу мене тенкови и некои нови луѓе качени на Мавзолејот.
„Мажот ми мора да е тука, мора да го најдеме, тој е секогаш тука, се крие и демне…“
Мислев дека е девојка, но сфатив дека мажена била таа и ѝ изрецитирав „девојко, црвено јаболко“, оти само јаболкото е и црвено и убаво.
„И рјаб…“
Не смогнав да ја дочујам што ќе ми возврати, оти ме затресе домаќинот, а и на сон веќе кој сѐ не ми доаѓаше со перо и пушка и на баракади од што се знае револуции, па скокнав спотнат од столот изрезбарен во некој одамна изминат век.
„Се растури Советскиот, не остана ни трага од Варшавскиот“, ликуваше со управувачот во десницата домаќинот што ми заличуваше на полковник, додека ги менуваше сите светски станици само со една единствена вест, а надвор блескотеше на северното сонце антената сателитска; додека сум дремел незнаено колку, ги откорнал рјабините да шета послободно со управувачот в прсти небаре пеш по светот. И да пишува, само да најде нешто анти-.
Ден-два отпосле прошетав пак, овој сам, уште од рани зори, само што заслезен од возот, по Широк сокак. Од рјабините ни трага ни гранка. Немаше, чинам, потреба никому да му пишувам, дури ни на полковникот.
Знаев дека знаеја.
(Пандев, Д. (2017). Рјабина. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, П. Димовски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 17, стр. 17-21)