МАРИОВО
Мариово е чудно место. Изолирано е од светот, чиниш тука застанало времето некаде во деветнаесеттиот век.
Долго време се убедував самиот да појдам таму. Ај: оваа недела, ај: овој месец, ај: оваа година… И еден ден најпосле тргнавме: натоварени во една кола, со жената, поголемиот син и помалиот син се упативме во непознатото.
Не можам да го опишам она што не се опишува. А Мариово е токму такво, неописливо. Не знам зошто е тоа така. Можеби премногу долго чекав да појдам таму, можеби денот се погоди сончев и убав, можеби воздухот ми ги разблажи мислите, можеби погледот ми ја заврте главата, можеби тивката Црна ми ги исплакна очите, можеби камените куќи нè вратија во минатото, можеби стариот човек кој нè почести со кафе и сок ни ја поврати силата, можеби лубеницата ни го исчисти правот од грлата. А можеби сето тоа. Заедно и наеднаш.
Штотуку стигнавме и се истоваривме покрај бреговите на Црна, во малата низина опколена со високи карпи, му се фрлив на апаратот. Фотографирав цел ден.
Жена ми ме прекоруваше: од толку чкрапање, ми вели, ништо нема да видиш.
Знаев дека е во право, но не можев да се разделам од апаратот.
Чекај, си велам како за себе, уште малку. Конечно, батериите цркнаа и апаратот ги затвори очите. Го џитнав некаде во багажникот и заборавив на него. Сега на ред дојде мобилниот. Сакав да му се јавам на брат ми, но нее… Нема мрежа во ова зафрлено место. И можеби е подобро што е така, бидејќи можам да им се посветам на луѓето.
Му се вртам на поголемиот:
– Ајде, татенце, викни.
– Ееееее! – викнува тој.
– Погласно!
– Ееееее! – повторно тој.
– А бе, погласно!
– Ееееее! – крикнува тој со сета сила.
Одекнува по планините.
– Сакаш да викнам и јас? – го прашувам.
– Да.
– Еее!
– Погласно – ми вели тој.
– Еее!
– А бе, погласно!
– Ееееее! – крикнувам и јас.
Потоа двајцата викаме, а жена ми и помалиот се смеат. Потоа и ние двајцата почнуваме да се смееме. Потоа сите се смееме… Луѓето до нас исто така се смеат. И оние до нив. Потоа и тие почнуваат да викаат. И оние до нив.
Во оваа отсеченост од светот, овој предел ги зближува луѓето. Човекот повторно очовечува.
Види нè! Не се знаеме, а ете заедно се смееме. Ништо поубаво од тоа: заедно да се смееш со непознати луѓе.
(Ковилоски, С. (2017). Мариово. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, П. Димовски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 17, стр. 27-28)