Клаудија Пичино (Claudia Piccinno) е родена во Јужна Италија, но живее и работи како наставник во северниот дел од Италија. Објавена е во над 100 антологии, а е и поранешен шлен на жири комисии за доделување значајни национални и интернационални книжевни награди. Пичино е национален раководител за Европа за Светскиот фестивал на поезијата (World Festival Poetry), ја промовира истанбулската култура во Италија како амбасадор на асоцијацијата „Ист Санат Арт“ (Ist Sanat Art Association). Има објавено 34 книги поезија меѓу кои има нејзини авторски книги, но и нејзини преводи на италијански јазик на познати поетски имиња ширум светот. Ја има добиено престижната награда „Stele of Rosetta” во Истанбул во 2016 година, “World icon for peace” (Нигерија, 2017), наградата Najiman (Либан, 2018) и околу 250 награди од Италија за заслуги во областа на културата. Уредник е на меѓународното книжевно списание „Papirus“ во Турција и меѓународното списание „Atunis“, но и на италијанското списание „Gazzetta di Istanbul“ коешто се печати во Истанбул.
СЕ ВИКАШ ДАВИД
(песна посветена на едно дете со аутизам)
Каде твојот поглед замре, Давиде?
Те обзедоа деталите за да не го гледаш целото.
Не е лесно да се открие
компасот на сетилата
во хаосот на социјалните дразби.
И како да ја поддржам наградата
од таквата проблематична биологија?
Да сме сведоци на неуспехот
во поврзувањето на твоите сензорни способности
претешко е тоа за нас,
за нас, така наречените „нормални“.
Да компензирам со гестикулација
за да ти привлечам внимание,
за да ти помогнам да кажеш што сакаш,
тоа е нешто што постојано ми е во главата.
Се викаш Давид,
за мене ти не си дијагноза
или варијација или недостаток од генетска архитектура,
немарно очекување,
рана или доцна интервенција,
нарушена мозочна пластичност,
спректрум на пореметувања.
Се викаш Давид
детето кое ги сака деталите…
Ќе го носам твојот поглед,
Ќе ја слушам твојата збунета стереотипија
Ќе слезам долу за да стигнам до предметот што те привлекува
за да ја намалам далечината
што те чува затворен во една соба.
ПРЕВОД ОД АНГЛИСКИ НА МАКЕДОНСКИ: ДАНИЕЛА АНДОНОВСКА-ТРАЈКОВСКА/ TRANSLATION FROM ENGLISH INTO MACEDONIAN: DANIELA ANDONOVSKA-TRAJKOVSKA).