Според Алдо Полацески и Леонардо Сшиашија, Данте Мафија како и Дарио Белеца е „еден од најсреќните поети во модерна Италија“. Ова мислење го делат и Магрис, Бодеи, Ферони, Понтеѓа, Бродски, Варгас Лоса, Дарио Фо, Борхес. Преведен е на 18 јазици. Добитник е на наградите: „”Montale”, “Gatto”, “Stresa”, “Viareggio”, “Alvaro”, “Matteotti”, “Camaiore”, “Tarquinia Cardarelli”, “Circe Sabaudia”, “Rhegium Julii”, “Alda Merino”, “Eminescu”.
Во 2004 година, Кјампи, тогашен претседател Италија, му додели златен медал за заслуги во областа на културата. Регионалниот совет на Калабрија, Spinelli, Guarasci, Farina, Di Liegro and Crocetta Foundations и Универзитетот во Крајова го номинираа за Нобелова награда. Во чест на неговото дело е организирана и конференција, а зборникот со трудови е со наслов „Ti presentо Maffia“ (уред. Роко Патерностро, изд. Аракне, Рим). Има добиено посебно признание Honoris Causa од Папскиот универзитет.
Превод од италијански на англиски: Клаудија Пичино
Превод од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Translated from Italian to English: Claudia Piccino
Translated from English to Macedonian: Daniela Andonovska-Trajkovska
1-АНА АХМАТОВА ВО МОДИЛИЈАНИ
Ти не ги скри сенките,
раните, скротените ајкули
во срцето, ласкањето сместено
на скршената рамка на прозорецот.
Под тој прозорец хиените се собираа,
ѝ се спротиставуваа на месечината, ја измачуваа
со изливи на бес и навреди; несмасно пеeja
како удари со четка втиснати со каење.
Можев ли да не те засакам веднаш?
Можев ли да те оставам на слобода?
Можев ли да не ги ставам моите раце на твоето чело?
Моди, длабока ноќ е
Во Русија – сета мраз и сеќавања;
гласот на ѓаволот ми е казна
и ништо не може да го пополни ужасот
од твоето отсуство што лае и боли.
Не требаше да те напуштам,
твоите бои ми го кажаа тоа, но виножитата
што ми ги подари не ме предупредија
а не ме предупредија ниту сенките и лаежот на кучињата
кога доцна се вративме таа ноќ
држејќи се еден со друг, пеејќи го Бодлер.
Моето тело беше споено со твоето
како нож што дава облик сечејќи
нова поставка, до апсолутната вистина.
Вулканите знаат за љубов како нашата,
вештерките од старите шуми,
ветерот на Урал кога станува стакло
Заминав. Луда, исплашена,
будалеста, будалеста, слаба, беспомошна, неподготвена
за да уживам во приказните за амбисот,
за ѕвездите кои бувовите ги украле од небото.
Прости ми, Mоди, не можев да го издржам тоа,
трчањето на дивите стада
кои лудуваа во тебе.
Морав да ја пијам Сена, да го голтнам Лувр,
твојата стара испотена кошула,
шишињата што си ги искршил
фрлајќи со нив на железата на Ајфеловата кула.
Морав да ја имам храброста што Жан тогаш ја имаше.
Прости ми, Моди, бев премлада,
луда по тебе, дури и премногу, и веќе омажена.
Се вратив, но ти веќе беше некој друг; Ја заслужувам оваа агонија
во сивилото на Петерсбург без бои.