Даниела Андоновска-Трајковска
Избркани прашалници
не бркајте го
детето кое трча околу вас
ако не можете да му одговорите
зошто дождот паѓа мртов на земјата
иако може вечно да живее на небото
зошто рацете се разминуваат со секој чекор
а во несреќа се спојуваат
зошто сонот бега од јавето
кога и онака никој не му верува
како мачките знаат во кое ќоше спие болката
за да ја земат на себе
а луѓето се убиваат себеси во другите
само затоа што се плашат од болка
зошто секундите на омразата траат подолго
од часовите среќа
и зошто траеме во осамата
а стануваме славни кога ќе нѐ нема
зошто молитвата е иста на сите јазици,
а Бог нема лице
кога влегува во храмот
на нашите срца
не повредувајте го
детето што ве брка со прашалници
во куќата со тесни ходници
од кои не можете да избегате