Весна Мундишевска-Велјановска
ВИСТИНА
Што е вистината?
Она што ни го кажуваат,
она за што нè подлажуваат,
етичка детерминанта
во функција на вредноста
или параметар заглавен
во равенството на вечноста!?
Неодлучните бескрајно
по неа трагаат,
неверниците постојано
одново ја вагаат,
несигурните не сакајќи
ја одминуваат,
неспокојните во култ
ја издигнуваат,
себеостварените
со неа зреат,
мудрите
– ја живеат.