Зоран Пејковски
ВО МИГОВИТЕ КОГА ГЛУТНИЦА ВОЛЦИ
САКААТ ДА МИ ЈА РАСПАРЧАТ ТАТКОВИНАТА
На великаните Петре М. Андреевски и Анте Поповски
Прво пеење
Папсале ли мускулите на светот,
нема ли машкост небото да го крепи,
сонцето да го издржи,
себе да се надживее
со чист образ да стаса до Македонија?!
Ветросани ли го изгубивме умот,
времето на претците го затрупавме
ветувајќи им воскресение на потомците
што ги натеравме клекнати на коленици
да им се радуваат на белите облаци
ослободени од слободата на сите поранешени татковини
што ни ја распродаваат недоветните,
заборавајќи на прзаното столче на трпезата на апостолите.
Сме ја заборавиле ли лозинката
за влез во новото време,
сме ги заборавиле ли старите аманети
на горостасите на зборот
што трагаа по сонот на Дениција,
по Сината Песна од панаѓурите,
на кои во изобилство се нудеше
Македонска пролет, Македонско лето,
Македонска есен, Македонска зима,
и од сите заедно – Македонска турлитава
од кујните на Цариград и Рим,
од кујните на Софија и Париз.
Второ пеење
О, распаќе од небиднини!
Недокрстени ли бевме безимени да сме?!
Тие го рекоа името Македонија, за да се осознаеме,
а предавниците го одрекоа
за полесно да нѐ продадат, на фашистичките натрапници,
кои нѐ распнуваат на трите страни на Татковината.
Тие го рекоа невидливото што го развиделува
со духовното око на претсказанието.
Тие ја запишаа интерпункцијата
на себитието на народите,
што ја смешале крвта на претците и потомците.
Тие го рекоа зборот меѓник
што не стигна на целата
за најдолгиот пат во историјата
што толку столетија го крстосува светот
барајќи го најкусото растојание
од името на Македонија
до татковината на Македонците.