Борче Панов
ДЕНЕС, ЧОВЕК ТРЕБА ДА СЕ СЕТИ
Денес, човек треба да се сети
да ги исклучи мобилниот телефон, компјутерот и интернетот,
телевизорот, војните, убиствата, цунамите, нуклеарните централи
што истечуваат радиоактивност, џиновските мутации на мекотелците
исфрлени на брегот од една нова еволуција,
малите и големите диктатори,
што жонглираат со фосилите на историјата
како со отсечени човечки глави,
кои бесрамно не’ гледаат во очи и ни кажуваат вицеви за Худини,
потоа поларниот вортекс што ја сопира играта на брановите во езерата,
и во водопадите го резба иконостасот од замрзнатиот пекол на Данте,
па озонските дупки и светлината што не’ пеплосува
како филмска лента со сонцето од кое сме се откажале,
а потоа и дигиталниот часовник за будење,
машинката за бричење и алармите –
едноставно – сета електроника околу,
во која понираме како електрони наредени во бинарни низи
што не’ раскажуваат на мониторите како некои непостојани Јас,
освен –
навреме да се сети да ја замени батеријата на пејсмејкерот,
ако срцето му е слабо.
Тогаш, може да заборави на времето
и да ги направи првите стапалки низ невиноста на снегот…