Христо Петрески
ГОРЧЛИВИ ПЛОДОВИ
Толку има горчливи и отровни плодови на светов и веков
Што не знае човек кои плодови попрво да ги вкуси помни или заборави
И дали наутро најпрвин да ја сети киселоста на крушата оскоруша
Или да заспие со горчината на пелинот на непцата и во устата
Кој ли ги создал толку многуте отрови во плодовите и цвеќињата
За да се одбрани од подадените човечки раце и гладните отворени усти
Поради алчноста и лакомоста но и поради лажната и забранета убост
Која започнува и завршува со желбата и потрагата за (не)пробан вкус
Не е се вистинско и дозволено што се гледа и привлекува
Не секоја билка и тревка е толку многу привлечна и трајно лекува
Не секој човек знае како со илјачи мелеми толченици и исцедоци
Да прегрми сто години и исправен и здрав да знае и може да векува!