Автор на сликата: Љубица Мешкова Солак
ЈАЗИКОТ
Прими го ова тешко молчење
како молитва
пред тебе
ти што гледаш назад во вековите
и напред во времето
запази ни го зборот од истребување
скриј го некаде меѓу водите,
меѓу тишините,
да не ни исчезне со градот
и народот
и книгите.
Ти, што го знаеш точниот
број на галаксиите и соѕвездијата
и секоја ѕвезда што ја именуваш по име
преброј ги нашите зборови
од прабабите
од бабите
од мајките
Запиши ги во твојот речник
на вечноста.
Нам отпиши ни од товарот
од бремето, од искушението
и прости ни
оти сè ни даде
и ништо не умноживме.
Михајло Свидерски