Автор на сликата: Драган Најденовски
КАСТРЕЊЕ НА КАЈСИЈАТА
Тогаш татко купи долги ножици за режење
и веќе немаше потреба да ја користи скалата.
Ги остави еден ден да прележат
во собата каде што спиеше
и следниот ден ги испроба на кајсијата.
Дворот мирисаше на суво овошје
и одлежано сеќавање.
Нашите бродови испловуваа со првите ветрови.
Се прашував дали сум свесен
или ова е само еден глупав сон
што само ќе ме одмине.
Тогаш сфатив колку тешко се расти
и колку лесно се смалува.
Новите ножици беа речиси бесшумни
и пред нив кајсијата се смалуваше во тишина
како сонце на заоѓање.
Дворот се исполни со гранки
кои наострени гледаа кон небото
кон своето последно возвишување.
Се прашував дали мојата кајсија
што беше калемена на слива
некогаш ќе ни прости.
Никола Илијовски