ДВЕ КУЛИ
(антилогиска песна)
И двајцата градевме кога по една кога по две кули
И стававме во имагинарниот ѕид барем по две тули
Всушност ти ја градеше кулата секогаш побавно од мене
А јас га градев кулата брзо и полетно како ветер
Па ќе надојдеше силниот бран и ќе ја срушеше прво мојата
Зашто твојата секогаш беше потрајна со план и темел
Но јас за утеха ќе речев дека градењето на кулите
Била највзалудна работа затоа што ако не ветерот
Тогаш реката задолжително ќе ги сруши
Зашто беа од влажна песок која брзо се сушеше
Пукаше и ронеше и докажуваше дека е мека градба
Како мекиот полжав кој по неа ако останеше ќе лази
Но и двете кули се срушија како и да не постоеле пред тоа
Ниту твојата ниту мојата и кога немаше вода и ветер
А луѓето беа свртени со главите кон небото и се молеа
Мрмореа нешто неразбирливо и самите ќе си речеа нечујно
В пазуви дека нема кули без тврда градба и препечени тули
А сѐ друго е импровизација каење подвлекување салдо и бетер!
(Петрески, Х. (2020). Две кули. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 16)