ЗБОРОТ
Чувај го зборот до последен здив
одбрани ја приказната од смртоносен оган
зашто кажаниот збор е неразбран и непожелен
заскитан куршум со непознати намера и цел
премолчи го во тишина, закопај го длабоко
да не боли, да не пече таговно воспеал народот.
Кажаниот збор не познава близок и љубен човек
сам по себе тој е проколната судбина
непожелен гостин, тугинец, откорнатик
закатанчен ковчег за кого гроб нема
оти му било проречено на третата вечер
да биде самотник и голтар распнат
на голем крст од гнило дрво без корен.
Мигот е вечност и друга вистина нема
затоа чувај го зборот, одбрани ја приказната
стори го тоа ако и малку се сакаш себе
сокри го од блиски, доверливи, мили луѓе
сочувај му го достоинството
оти еден збор со себе носи многу, недоброј зборови
Сега приказната ти е позната, предупреден си
додека надвор завива глутница гладна и бесна
сочувај ги зборот и приказната живи и здрави
(Тоциновски, В. (2020). Моќ, слава до незапир Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 13)