ТРОЈАНСКАТА КОБИЛА
И тогаш дојде.
Сенка на гладна и нема волчица
која тивко се лизга низ најмалите пукнатини
на човековата мисла.
И човековото тело.
Демнееше зад лампионите и огнометите,
неочекуван плод на дрвото
веќе одамна мртво.
Долета.
Мала и опасна крвожедница,
слепа, крилеста глувчица,
реверсот на темниот искон
и кусурот од смртоносниот комар
кој човештвото со векови го игра.
Се дотркала.
Тројанската кобила
на збунетата и длабоко ранета природа.
Преку мазната кожа на рептилите
и ножот на касапинот
ја вкуси крвта на градителите и писателите
и тираните и убијците и боемите.
И се опи од милениумите
кои во неа узреале.
И во неа си направи дом.
И се круниса себеси.
Невидлива и сеприсутна ја нападна
голтката воздух
и ги засркна сите зборови
кои говореа за иднината.
И не би час,
ги обеси околу вратот
клучевите од најголемите и најбелите дворци.
Ги расчисти автопатите.
Го испразни небото.
Ја занеми музиката.
Го секна џагорот.
Ги пресуши насмевките.
И среде таа морничава тишина,
тропкаше на кревката лушпа
од јајцето во кое светот се врати.
Несаканата гостинка.
А светот го покажуваше
своето најопако лице исковано во страв,
несвесен
дека никогаш толку не наликувал
на дете со дрвена пушка во рацете,
пред глутница изгладнети ѕверови.
Среде најголемиот плоштад на човештвото,
Тројанската кобила
и натаму стоеше,
ругајќи ја помислата за неговата вечност.