БУГАРИЈА (BULGARIA)
РОЗА БОЈАНОВА (ROZA BOJANOVA)
Роза Бојанова е автор на 16 книги поезија и публицистика. Во печат е и поетската книга „Обратна гравитација“ во издаваштво на Макавеј – Скопје. Поезијата на Бојанова е преведена на англиски, руски, германски, украински, грчки, турски, полски, хрватски и романски јазик. Основач е на литературното студио „Матични птици“ при Центарот за култура „Љубен Каравелов 1940“ и е дел од програмскиот одбор за Мајските средби на словенските автори „Свето слово“, како и на Меѓународниот конкурс за млади „Уметност против дрога“. Член е на Друштвото на бугарски писатели, а била претседател на здружението „Бургаска писателска заедница“ (2015-2018), како и почесен граѓанин на Бургас од 2012 година. Добитник на повеќе книжевни награди.
***
Островот,
се огледува во водата –
без рамка
без харпун и перки,
без страв дека ќе ги расипе
ќерамидите од покривот на црквичката…
островот патува.
Небото ја пикнало главата во песокот,
а горе, до ѕвездите е бранот –
по него, како по алеја се шета
чуварот на светилникот.
Ја листа камената книга,
иако наизуст ги знае поуките
од почетокот на историјата,
(дури и признава – некои од нив сам ги пишувал).
А доверливите пукнатини голтаат,
гушкаат
и на себе носат
смоквини семиња,
паднати од галеби,
пред до дното длабоко
и темно да се нурнат
по полжави и школки.
По тој краток воден пат
и нашето ранливо време се смалува.
Истекува од едно море во друго
како во воден часовник,
како во неточен календар.
Раздалеченоста со тежок цвет
и шушкава облека
одржува дистанца што мами.
И ја пресекувам тешко таа мисла,
се лизга
пред да ме измолкне
од тука и од сега
како давеник,
пред да ме спаси.
Превод од бугарски на македонски:
Даниела Андоновска-Трајковска