Филип Димкоски (1995) е поет, преведувач и новинар. Пишува за возрасни и за деца. Досега објавил пет поетски книги. Поезијата му е препејана на повеќе од петнаесет јазици и објавена во повеќе зборници, списанија и антологии во Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Израел, САД, Тунис, Бугарија, Италија, Добитник е на неколку домашни меѓународни и домашни награди меѓу кои „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво и „Сима Цуциќ“ на Банатскиот културен центар. Во 2019 година Советот на Град Прилеп на Димкоски му го додели највисокото градско признание – диплома „3 Ноември“ за афирмација на македонскиот јазик и образованието. Преведува од српски, од бугарски, од хрватски и од руски на македонски јазик. Долгогодишен новинар-соработник е во дневниот весник Нова Македонија, а на порталот КулАрт.мк ја води рубриката за балканска поезија Licentia poetica.
ТАА ПАМЕТИ
Почнува со неа новото патување,
овоземното наше битисување
не крштеваат во металното коритце
попрскани со капките нејзини
и со гранчињата босилек.
Со неа ни баат од уроци,
ни ја матат со шеќер од уплави
болните заздравуваат
слепите прогледуваа
од чешмите
со вода лековита…
Ја гасне жедта од уморот,
блажината ја пресекува
солта ја разблажува
во неа го гледаш својот одраз
таа лицето го мие
ама не и валканиот образ…
Плиска во заливите
трепери и ѕвони,
ги дроби карпите
тивка вода брег рони.
Грга од врутоците
Пее од потоците…
Слегува во реките
Мирува во океаните…
Доаѓа од небото
а извира од земјата…
Знае да шушти и
на сон да доаѓа
сонот да го краде
да одзема животи
во вртлози и поплави…
И по мигот неодминлив
додека догорува темјанот
со киска босилок не попрскуваат
и не испраќаат…
Нас не нема…а таа памти.
Знае се….
Крај е…
И почеток е…
На една смрт
На едно живеење…