НА КРСТОСНИЦА
На квантната крстосница
од подзагубеното постоење
нема семафори
за регулација на нашата отсутност.
Во времето што навидум стои
трпеливото исчекување
на нашето спознание
е сеприсутност.
На тротоарот на неодлучноста
секоја честичка енергија
лебди во неизвесност.
Со секој одек на секундарникот
од преткомората на срцето
го програмираме алгоритмот
на нашата стварност.
Ако впишеме ТАГА – тажни ќе сме,
ако избереме СРЕЌА – таа ќе е сè,
ако вкодираме СПОКОЈ – дофатен е.
Во зенитот
на контрастното (о)понирање,
нашите очекувања
се димензионирани претстави
на идните самодизајнирани остварувања.