Во салата за промоции на НУУБ ,,Св. Климент Охридски“ – Битола, беше промовиран романот „Јоше“ од писателот Петре Димовски .
Романот е издание на Друштвото на писатели „Битолскиот книжевен круг“, поддржано во рамките на годишните проекти од национален интерес во културата за 2021 г. од Министерството за култура на РСМ. Рецензијата е на академик Владимир Костов, а лектор е д-р Миме Тасеска – Китановска.
Изданието го промовираше уредникот Елизабета Јончиќ.
„Романот „Јоше“ од писателот Петре Димовски е социјален роман со силна мудрост и јачина на сижето што ја истакнува клучната идеја на авторот – низ литерарната фикција со особено ракување со јазикот да прикаже еден животен пат пропратен со мошне впечатлива поетика. Роман кој го прикажува систематското единство на животниот тек, проткаено со макотрпни тешкотии и борба за опстојување вон ограничувањата на материјалниот свет. Впечатливо и референтно обзнанување на идеолошката природа и нејзините процеси врз човечкото суштество, во несигурната и непредвидлива егзистенција. Во него се претставени сознанија за употребата на продолжување на животот, стремеж кон возвишени идеали, чесност. Спротивставување и надминување на тешкотиите, проширување на меѓусебното разбирање во човековото живеење и дејствување, тоа е роман за надминување на несигурноста, болката и страдањето, роман за опстојбата и тешката судбина на македонскиот народ.“ – истакна Јончиќ во своето излагање.
„Низ ракописот од најновиот роман на Димовски пробива една збиена енергија која читателот духовно го презема и исполнува и по секое прочитување излегува збогатен со убавината на уметничкиот збор. Главната одлика на романот е фасцинантна нарација, јадровитост и длабока мисловна мудрост. Драгоцено својство на романот е тоа што, сеедно што третира комплицирани психолошки проблеми, е прооден и лесно читлив.“ – истакнува рецензентот академик Владимир Костов.
„Во оваа книга, писателот со невидена леснотија ги предава страдањата на Македонците, борбата за живот, за гола егзистенција, за опстојување на семејството и на битието воопшто. Прикажан е животот на печалбарите во втората половина од XX век. Несомнено, Димовски е мајстор на зборот, на прозата. Совршено го прикажува обичниот човек со сите негови доблести и недостатоци, не дозволувајќи му на читателот да биде рамнодушен и смирен. Романот „Јоше“ се чита во еден здив, а остава траги засекогаш. “ – додаде лекторот д-р Миме Тасеска-Китановска.