Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од 1 до 3 јули 2022 г. ја реализираше меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“. Манифестацијата се одржа по 11-ти пат и со финансиска поддршка од Министерството за култура како проект од национален интерес, и со поддршка од Општина Битола. На манифестацијата учествуваа истакнати писатели од Друштвото на писателите на Македонија, како и од Саудиска Арабија, Италија, Шпанија, Франција, Полска, Србија, Босна и Херцеговина, САД, Холандија, Бугарија, Западен Бенгал (Индија), Романија, Германија, Словачка и Кина.
Организацискиот одбор на манифестацијата го сочинуваат писателките: проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Весна Мундишевска-Велјановска, кои беа одговорни и за програмскиот дел.
Пред почетокот на манифестацијата, градоначалникот Коњановски, имаше прием на организаторите и дел од учесниците на манифестацијата во општина Битола, каде меѓу другото беа претставени и наградените ракописи за годишните награди „Книжевен круг“.
Отворањето на манифестацијата се одвиваше во конференциската сала на хотел „Епинал“ – Битола, а започна со поздравна реч испратена од проф. д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска – министерка за култура на РСМ, обраќање на д-р Тони Коњановски – градоначалник на Општина Битола, како и обраќање на Елизабета Јончиќ – претседателка на „Битолскиот книжевен круг“ и на проф. д-р Христо Петрески – претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Модератор на манифестацијата беше проф. д-р Билјана Граматковски.
Најпрво беа врачени наградите од традиционалниот конкурс на „Битолскиот книжевен круг“ и беа промовирани наградените книги. Проф. д-р Гордана Стојаноска ја промовираше книгата „Три во тринаесет“ од Јована Матевска-Атанасова, добитник на наградата „Книжевен круг за проза“. Книгата со хаику поезија „Премолчено пладне“ од Никола Илијовски, наградена со „Книжевен круг за поезија“, ја промовираше Милица Димитријовска-Радевска. Проф. д-р Васил Тоциновски ја промовираше книгата „Книжевно-критички читања“ од Даниела Андоновска-Трајковска, добитник на наградата „Книжевен круг за критика“. Елизабета Јончиќ ја промовираше книгата „Денот кога го изедовме Бога“ од Гордана Јовиќ-Стојковска, добитник на наградата за книга на македонски јазик од странски автор.
Традиционалните награди „Мозаик“ за достигнувања на странски автори им беа доделени на писателите: Виктор Радун Теон од Србија, Катја Ерменкова од Бугарија и Звонко Танески од Словачка.
Беше претставена изложба на Симонида Филипова Китановска – професионален уметник и член на ДЛУМ од 1988 г., а учесниците и гостите на манифестацијата уживаа во музички колажи на познати композиции во изведба на м-р Марија Шамоска Буџаковски (пијано) и проф. Светлана Богданоска Ристоски (флејта).
Првиот ден од манифестацијата заврши со книжевно претставување на сите учесници на манифестацијата. Со свои творби се претставија: Раед Анис Ал-Јиши (Саудиска Арабија), Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Баљи (Италија/ Шпанија), Жоел Верне (Франција), Милица Димитријовска-Радевска, Катја Ерменкова (Бугарија), Златко Жоглев, Никола Илијовски, Гордана Јовиќ-Стојковска (Србија/ Македонија), Елизабета Јончиќ, Олга Лалиќ Кровицка (Полска), Сабрина де Канио (Италија), Алисија Марија Куберска (Полска), Никола Маџиров, Жарко Милениќ (Босна и Херцеговина/ Русија), Глориjа Миндок (Америка), Весна Мундишевска-Велјановска, Кире Неделковски, Кристина Николовска, Борче Панов, Зоран Пејковски, Христо Петрески, Клаудија Пичино (Италија), Виктор Радун Теон (Србија), Диме Ратајкоски, Хани Рувелер (Холандија), Санкар Саркар (Западен Бенгал, Индија), Михајло Свидерски, Константин Северин (Романија), Антје Стен (Германија/ Италија), Гордана Стојаноска, Мирјана Стојановска, Звонко Танески (Словачка), Васил Тоциновски, Лидија Чијарели (Италија), Весела Чобанова (Бугарија) и Јин Шјиаојан (Кина).
Вториот ден започна со посета на прекрасниот амбиент на Ателјето Солак на ликовните уметници Љубица Мешкова Солак и Димитар Солаковски кои ги даруваа учесниците на манифестацијата со оригинални подароци, а продолжи со промоции и книжевни претставувања во Палатата на културата – Офицерски дом, при ЈОУ Културен и информативен центар – Битола. Најпрво настап имаа Ева Трајковска, Андреа Ресановиќ и Михаела Јовановска од танцовиот клуб „Dance Expose“ – Битола под менторство на Бобан Катароски и Ана Марковска.
Промотивните активности започнаа со промоција на двата најнови броеви (бр.25 и бр.26) на списанието за книжевност, уметност и култура „РАСТ“ (издавач: Битолски книжевен круг) чиј промотор беше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, главен и одговорен уредник, како и списанието за книжевност и култура на српски јазик „Слово љубве“ (издавач: ИЦ Слово љубве – Букви букс) кое го промовираше Гордана Јовиќ-Стојковска, главен и одговорен уредник.
Следуваа промоции на најновите изданија на членови на БКК. Книгата „Убавите жени“ од Зоран Пејковски ја промовираше д-р Лилјана Пандева, додека Елизабета Јончиќ ги промовираше книгите „Две Д“ од Милица Димитријовска-Радевска и „Политики на стравот“ од Славица Гаџова Свидерска. Проф. д-р Златко Жоглев ја промовираше книгата „Книжевни осврти“ од Елизабета Јончиќ.
Следуваше книжевно претставување на добитниците на наградата „Мозаик“ кои, традиционално, сами зборуваа за себе, за своето творештво и активностите на полето на литературата и културата. Вториот ден беше заокружен со книжевно претставување на гостите-учесници на манифестацијата: Кристина Николовска, Димитар Пандев, Лилјана Пандева, Борче Панов, Христо Петрески, Диме Ратајкоски и Васил Тоциновски.
На третиот ден од манифестацијата беше посетен Националниот парк „Пелистер“ и Историската патека од Првата Светска Војна 1914-1918, а во хотел „Молика“ беше реализирана активноста „Кафе и песна“.
Дизајнот на сите материјали за манифестацијата го изработи Весна Мундишевска-Велјановска, за фотографиите од манифестацијата се погрижија Петар Ставрев, Ангела Јончиќ и Виктор Апостоловски, а за техничката поддршка Иван Јончиќ и Александар Јовановски.
На крајот на манифестацијата на сите учесници им беа доделени сертификати за учество.