ЗОШТО НЕ МЕ ОСТАВИШ ДА СЕДНАМ ДО ТЕБЕ?
Како пролетна вода набуена, наминав во твојата случајност. Ми го сврте текот… А не дека не знаев… Знаев, зашто не престана да ми влегуваш во сните… Во сите… И во тие што ме плашат и во тие што ми гласат… Те видов тажник. На кревет грижи легнат во црква… Свртен спроти Исус. И јас… На исти таков, спроти Богородица. Темниот не ти дава да ја испружиш дланката кон мојата. Да ме допреш, да те допрам… да ја размножиме радоста пред олтарот. Чекам… внимавам да не ти ја развеселам тагата. А мислев ќе го разблескаме Темниот, подземниот… Мислев сета сила му ја стопивме со сонот заеднички. Ама ти го покани него место мене. Нему му ја отвори вратата. Нему му подаде рака, гнездото свое му го стопли… И што сега? Ги јадете нашите златни залаци чест и чекање… Суетата и одмаздата ги мразат тие што ги хранат. А кај тебе кога доаѓав, ги кротев зборовите како добичиња… да не пребрзуваат. Стрпливо чекав во нивните чисти трепети, да наполниш возбуда… Да ги вознесеш, да ги внесеш во твојата соба за соблекување. Душата да си ја соблечам… Само сомнение облекував и… Не, не кажувам. И така ќе речеш дека е прекор. Во сѐ бараш прекор, за сѐ се лутиш. Не ја разбираш радоста, те боли. Подземниот чинам ти слугува, или ти нему?… Темниот. Господари тој со тебе, љубов моја. Се храни валкајќи ја светоста на мигот. Минува и неименливото што царува во моите клетки и клепки. Голтки години прогрмеа покрај нас. Нѐ устеа, нѐ пустеа. Подземниот изѕида радост за себе. Од твојата болка и самост. Не, јас не ги давам ни самоста, ни болката. Со нив сум најдружена, најздрава. Твоите друшки кои се? Лукаво намамуваш зрна прашања. Приказни евтини си правиш колку да се убедиш дека нештиш. Нешти и Тој… Ти ја подзема силата, те цеди. Си мислиш вреди. Зошто се плашиш од зборот?! Зошто кај тебе кога доаѓам, молк ми постилаш? И мрак?
Зошто испишуваш географија глечери, кога доаѓам да ја расоблечам својата копнежлива кожа пред тебе?! Не може Сонцето да избликне, а те задушува! Потргни се… Направи место!… Зошто не ме оставаш да седнам до тебе?! Зошто ме оставаш да седам сама во темната галерија на твојот престол? Си седиш со тагата крај маса, како со љубовница. Си ги шепотите нашите солзи… Какво неверство!? Пушти ме да седнам до тебе! Не ме оставај во темната куќа неизвесност… Ме боцка мракот и… кожата почнува да ми се разресува… Не вечерај со осамата. Пушти ме да седнам до тебе! Измами го сомнението… Пушти ме… Честички светлина ти носам за здравје! Потргни се! Зошто не ме оставиш да седнам до тебе?! И до мене?!… Зошто ме оставаш во темниот тунел на осамата? Пушти ме! Пушти ме да седнам до тебе! Дланката ти е разранета и крвави… Пушти ги моите трепети да те исцелат! Пушти ме да си поразговарам со твојата тага како со другарка! Потргни се! Направи место! Зошто не ме оставаш да седнам до тебе?
(Донева, Љ. (2020). Зошто не ме оставиш да седнам до тебе? Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 81-82)