ПОЕТСКИ ЕПИГРАМ ЗА ДВАЕСЕТ И ПРВИОТ ВЕК
(со мала, но несебична помош од неколкумина словачки литерати)
„Поети од цела Европа обединете се, бирократите веќе се обединија“,
зар против тоа не треба да се измисли солиден рецепт?
Бирократот е во многу нешта далеку понебезбеден лик отколку познатата карикатура на комунистичките естради во централноевропското подрачје. Евробирократот, сепак, нема господар! Боледува од најлошата форма на алергија, затоа и неговата арогантност не треба да нè чуди!
Затоа и литературата е веќе форма на одмазда. Ги плаќа сметките на судбината, на другите, а во прв ред – своите. Со камата.
Потврдите и документите што треба да им се дадат на бирократите се повеќе отколку пречките на коњските егзибиционистички трки. А, таквите пречки ги издржува само силен натпреварувач. Поетот, секако, не е таков.
Со бирократите може успешно да војува само бирократ. И тоа тактички.
Затоа, на литературата овде ѝ останува да ја прифати бескрајно отворената можност за премин од комунистичкиот харем во капиталистичкиот бордел. Бидејќи, сега веќе секој оди „на своја тура“. Потешко е, да признаеме, тоа што во таквата медијална атмосфера – оригиналната литература мачно бара „љубовник“. А, мастурбацијата со тек на време станува досадна и надминлива. За среќа, уште живееме во време кога функционираат Дарвиновите закони, кои впрочем ги копира и економијата на слободниот пазар.
Од друга страна, пак, за жал, не е восхитувачки ни животот на независниот уметник:
„Некогаш – да не дозволи да го купат!
Денес – како да се продаде!“
Заклучок (заокружете – во кое време активно суштествувате?):
а. Камено време
б. Бронзено време
в. Хартиено време
(време на бирократски хартии од „преценета“ вредност)
Среќните добитници се молат, со хамбургери во рацете и со инстант–пијалак,
да ги заземат своите места на SMS poetry квизот.
Почнува манифестацијата SLАM POETRY на BBC и на CNN.
(Танески, З. (2019). Поетски епиграм за дваесет и првиот век. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 20, стр. 6-7)