ИСТО НЕ Е
На својот јазик лебот го јадеме
го правиме нужниот залак
меѓу светот на играта што расте
и ништожноста како последица
од презирот на болот и студенилото
Тешко е човек да ги изрече сосема
нештата што треба да ги набљудува
како предизвик на непознатото
со кое полесно се споделуваат
јазикот и сигурноста во певот
Затоа кога и да сум успеал
да засеам семиња со нов порив
секогаш стокатно ми се враќал
одгласот под капата небеска
„треба да се оди секогаш понатаму“
Така ни зборот ни солзата своја
не ќе паднат на неплодна почва
и потаму од срцето не ќе старееме
зашто отаде него и сонот ист не е
ни споменот иста радост ќе има
(Чаловски, Т. (2015). Исто не е. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, К. Неделковски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 12-13, стр. 36)