ДОСТА БЕШЕ
Не сечи го мракот со збор
Остави го сонот уште малку да спие
Уште талкаме некогашните ние
таму каде што луњее нашата младост
Којзнае дали навистина бевме поинакви
или денес сме само портрети фатени од друг агол?
Некогаш беше потомок на боговите
и умееше да ги слушнеш земјотресите на срцето
и да ги насетиш и стивнеш ерупциите во мојата глава
Денес си заталкан човеков син
Еден од многуте што се плаши
да не се изгори од млакото сонце
Сè почесто се обидуваш да се скриеш
зад спомените од пролетта
и во безлични зборови без значење
Ако е за аир
доста беше
Воздухот е презаситен од букви
а простор-времето од болка
Денес
гавраните гракаат
со ниска фреквенција
(Танчева-Златева, В. (2015). Доста беше. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, К. Неделковски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 12-13, стр. 51)