(Извадок од поемата „Бегалци од својот дом“)
Мојата земја е парцела 1108
во која се експериментира
со воздух,
со вода,
со храна,
со ДНК
и со сите молекули
како на првиот генетски мутиран ДОЛИ.
Ќе издржи ли овој народ
или ќе се претвори во хибрид
што ќе личи на сѐ,
но не на Македонец?!
Јас сум
број 1108
регистрирана
како
бегалец во својот дом.
Патувам
со мојот народ
кон север, кон запад.
Америка е апликацијата на надежта
на многу ружи и виножита
кои се слеваат во мојата чаша со вино.
Очекувам ослободување
од прашањето
до кога бегалци ќе има,
луѓе кои се плашат
да живеат во својот дом,
луѓе кои не можат да бидат
свои и креативни,
туку само скитаат
од автобуска на железница
како бегалци од себе,
како бегалци од својот дом.
Од кого бегаат?
Од кого се плашат?
Каде патуваат?
Каде ќе стигнат?!
Тие се уморни,
тие се жедни,
тие се страдалници,
бегалци од своите,
во својот дом.
Немаат мир,
немаат сон
со кој го сонуваа
најслаткото патување
во земјата каде сė е возможно
чисто,
достапно,
слатко,
каде стомакот е полн,
каде има место
да се зборува за најновиот портрет
на мојата земја
со зелени ливади,
со тревни појаси,
со црвени планини
од големите дела
на старите мајстори
на перото,
на платното,
на живиот театар,
на интернетот како алка
на поврзување
со световите,
со вековите…
(Стојановска, М. (2017). Извадок од поемата „Бегалци од својот дом“. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, П. Димовски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 17, стр. 59-60)