РАКОПИС НА НАШИТЕ НЕБА: кон „Глочка школка“
Рафиниран лирик, суптилен поет, зрело авторско перо кое длаби кон суштините на поезијата чии поетски „реки“ успешно се влеваат во океанот на актуелната поезија во светот…
Сталожен во поетскиот глас, стабилен во мислата, јасен во пораките, искрен во доживувањето, отворен во комуникацијата, вознесен во подвигот…
Таков е поетот Борче Панов, кој пред нас „глочка“ една поетска школка, ја грепка, ја распластува пласт по пласт, ја растајнува – патувајќи кон нејзината срцевина и поведуваќи нè и нас кон нејзиното среде.
Навидум едноставен, но длабоко мудар, поетички изграден, фасцинантен во поетските слики, поетот ни отвора раскошни поетски идеи.
Глочка школка
Книгата Глочка школка[1] има осмислена концепција и расте преку неколку поетски циклуси: „Рубикова коцка“, „Еволуција“, „Темна книга“, „Бели цветови на тишината“, „Остров“; „Плоштад на зачудените погледи“, „Истовремено време“, „Фосил на среќата“ и „Селска орхидеја“.
Но, зошто токму „глочка школка“?
Поетот вака го доживува тој процес, во истоимената песна „Глочка школка“:
И денес, со главата заглавен во
матката на зборот,
невозможното во мене
го прашува можното „Каде живееш?“
„Знаеш веќе – во една глочка школка
бескрајната на луѓето болка
во која го создаваш бисерот на
животот“[2]
Ете така ми одговара можното,
а сферите седефни околку зрнцето
песок
сè помалку се болка, сè повеќе –
блесок.[3]
Да појасниме…
Глочка е глагол и значи „грепка“.
Зрното песок ја глочка школката. Неа ја боли, поради тоа таа лачи седеф околу зрнцето за да не ја глода и за да ја намали болката. И така, околу зрнцето се создава бисер-блесок.
Така и поетот, од својата болка или од глочкањето на „душевната школка“- создава бисер-блесок. А школката, и во поширока семантичка смисла е – матка, но и – универзум.
И така: бисерот е – живот.
А во поезијата, песната – е бисер.
Бисер-блесок е – поезијата.
И така ова дело расте низ велемајсторски „невидлив“ силогизам, чија суштина е метафората, и тоа по пат на аналогија. Онаа славна аналогија – уште од Аристотела.
А песната „Глочка школка“, истовремено е – и реална и метафизичка. Реална бидејќи поетот ја пишува својата вистина, но и метафизичка поради универзалните пораки за животот.
„Глочка школка“ е – и песна за школката и бисерот, но и песна за – поетот и песната.
И така, ние сфаќaме дека сме во Ars Poetica универзумот, во „матката“ на овој драгоцен процес кој, по многу што асоцира на раѓање на принова. Така и поетот, биографски ја започна оваа песна, сосем оригинално, со своето атипично раѓање преку карлично породување на мајка му, та така, преку аналогија, раскошно ја отвори метафората за раѓањето – кон Ars Poetica процесите.
„Глочка школка“ останува клучна песна за растајнување на целата книга, но и за сиот опус на поетот кој умее, на маестрален начин да го опее – породувањето на песната.
Раѓањето – како заедничко дејство – за школката, за мајката;
Утробата – како заедничка сема на овие две семеми;
Бисерот – како заедничка суштина, и на школката, и на песната…
Небото на нашите животи
А како ги развива Панов поетските слики?
Песната „Град од врвот на носот“ е одличен показ за тоа:
Одеднаш кондуктерот ме пробуди
и ми рече дека треба да се симнам.
Го прашав каде е градот,
а тој дека нивно било да ме довезат,
а јас сам да си го најдам градот.
Сам – среде темницата и пустиот пат
се најдов во еден град на врвот од носот.
Панов е поет на изградена авторска интонација која јасно оддекнува во стиховите:
Подоцна, си мислев, зошто Господ
не ми го направил носот подолг
а очите шашливи за да ги видам
градот зад слепоочницата и скалите
од автобуската станица во мракот.
Песната понатаму тече и се развива, а поетот гласно си размислува:
И си мислев колку ли се градови
носиме на врвот од носот без да знаеме дека во нив заспиваме и сонуваме
(…)
И токму во тие „непознати адреси“, поетот открива дека се јавува – жената на твојот живот.
Колку што е јак во поентите, толку е снажен поетот и во почетоците и во градациите на песните.
Така моќно започнува и втората песна под наслов „Рубикова коцка“:
Рубикова коцка држи среде небото.
Не, не е коцка, тоа е мојата соба,
улицата што оди кон градот, една земја,
и планетата што се врти како коцка
со сите мередијани измешани во разни бои,
со четирите годишни времиња и двете ледени капи,
со катаклизмите помеѓу мислите.
И „тече“ така песната, а посебно одблеснуваат стиховите кои и даваат посебен живот на поезијата и кога во неа ќе се почувствува речиси „жив“ и уверлив мирис на живот:
(…) А сепак, се вртат белите коцкички
и процветува плима и мириса на кајсија и вишна.
И неверојатно автентичен и сугестивен е поетот кога започнува песна со симпатична нараторска „јадица“ која духовито нè примамува, налик на фин кус расказ:
Вујко ми се врати од војска со
тетовирано море на градите,
над него имаше жена со рибина опашка,
рече дека се вика сирена,
но не мирисаше на риба туку на мишка,
а под морето – сидро.
И ја разгранува поетот песната за да преку неа сфати дека кога првпат влегол во вистинското море, та го дигнал бранот, тој го плеснал на камењата, за да на крајот:
И долго плетев синџир од песок
и чекав тоа сино море да го повлече мој
и сфаќав дека времето на љубовта е капка
која копнее по својот океан.
И дури тогаш насловот на песната се осветлува во – полн сјај. Тетовираното море веќе не е само тетовирано на градите на вујко, туку е тетовирано и на небото, на небото на нашите животи… откаде нè демне сиот живот.
Тетоважа на небесата е тоа… Море тетовирано и на небото…
Метафората за вистинскиот живот, за морето како вистински живот, но и за идеализацијата, сликата за т.н. „живот“ – меѓу нив има голема разлика.
Едното е – слика за нештото, а другото – е самата суштина.
Едното е знак, а другото е означено.
Едното е форма (тетовирана на градите), а другото е суштина (која секојдневно се врежува во нашите животи). И тој „мурал“ од тетовирани отисоци расте секој ден и создава ракопис – тетовиран на нашите души. И на нашите неба.
Оти секој човек си има само едно и само свое – небо.
Песната, книгата е запис на тоа – тетовирано небо.
И кога сме во највисок бол, страдание или можеби животна драма, но и во животна љубов или страст, токму тогаш, најдлабоко и најтрајно се врежуваат, втиснуваат тетовираните букви – кои ние, со нашиот живот, ги кодираме, а потоа ги декодираме. Ги втајнуваме, а потоа ги растајнуваме.
И маестрален е поетот Панов кога умее да нè вивне и понесе од песна – кон расказ кој всушност е поезија, но поезија-филозофема, поезија-вретено, поезија-порака… Но и поезија-слика. Повторно е величествен кога создава поетски слики. Во тоа е исклучително вешт, но и надарен, вдахновен и чист.
Поетот Панов умее да прави незаборавни слики во кои вградува, „втиснува“, не само визуелна, туку и чувствена убавина. Та иако песната ја започнува навидум лесно, поетот натаму успева да ја „окрупни“ и со мисла и со збор, но и да ја ораскоши – со незаборавна и впечатлива слика. Таква е песната „Пантомима“:
ќе дојдеш до реката
и сфаќаш дека музиката никогаш не
престанала да тече…
ќе седнеш на клупа во паркот
и сите мисли
седнуваат во твоето уморно тело
и белите ракавици од еден телесен
театар
ќе ти покажат како дождот непрестајно
го допира градот –
истовремено со сите луѓе во твоите
мисли
коишто панично бегаат за да се
засолнат под стреите…
во тој миг, сосем сам си под облеката
на дождот
и убаво ти е под кожата…
Таков е поетот Панов, така умее вешто и нам да ни се доближи, така и ние ги сеќаваме капките на дождот, по нашата кожа, по нашите сетила, онака како што ја примаме и поезијата негова – како дожд.
И убаво ни е…
Песни-медалјони
Поетот Панов е извонредно успешен во т.н. песни-медалјони, како што е кусата песна „Чевли“:
Само во старите чевли
стапалата се дома
и кога патуваат до бескрајот
Со таква концентрирана енергија „зрачи“ и песната „Карактер“:
карактерот не е пеперутка
и нема крајна фаза метаморфозата
до небото
има многу скалила
Поетски медалјон е и песна „Уханија на огнот“:
само лебот на зборовите
го заситува гладот на душата
во него постојано тлее
уханијата на огнот со кој е испечен
Збогатени со „гроздови“-металогизми се песните како „Поглед“:
времето е зеница
што се собира и шири
со духовите
на мртвите и неродените
и во еден миг
одеднаш сфаќаш
дека светлината
и со мракот
те погледнува
Уметникот на смртта
Следните поетски циклуси донесуваат наполно зрели песни. Книгата моќно расте низ циклусите, развивајќи ги своите поетско-филозофски проникнувања.
Посебен духовен квалитет на збирката и даваат песните: „Божја налика“; „Монахиња“, „Безгрешно зачнување“, итн.
И додека поетот неодмна пееше за т.н. „повеќевремено време“, сега тој пее и за „истовремено време“.
И во сето тоа, одблеснуваат прекрасно песните-раскази, песните-стории за локалните ликови како песната „Мајстор за ѕидови“ кога одлично го опева мајстор Серафим, кој го викале Мате Парлов, кој редејќи – ред бои, ред дудовка, сотворил сребрена боја – од шеќер, јајца и вода.
Мајсторот на песната го опева мајсторот за ѕидовите, и во тоа е вично сугестивен, оригинален и впечатлив.
Така поетот го слика и „Уметникот на смртта“кој:
Тој цел живот ја шминкаше смртта,
и ги поткаструваше ноктите,
и ја бричеше брадата,
и ги дотеруваше мустачињата,
и ставаше римела на трепките,
И така натаму, поетот опишува што сè и правел уметникот на смртта, но и што ни правела таа – нам.
И книгата и песната завршуваат со стиховите:
„Кога татко ми почина, му обувме
картонски чевли,
па не се жалеше – само ние по него
жалевме.
И, ете, така ми помина животот,
Па се мислам да ја надитрам со мене –
ќе ја претворам во пепел, а ветрот ќе ми биде гроб,
па кога ќе дува од исток, некој ќе се сети
дека бев овчарче пред да заминам во
Америка
и ракија жешка за душа ќе ми се
напие…“[4]
* * *
Таков е најновиот поет Панов, кој, како минат годиниве, со своите ракописи, сè повеќе се отвора – кон светотот. Неслучајно, неговата поезија, особено последнава деценија, сè повеќе ја има на значајни меѓународни поетски манифестации и фестивали, онлајн-настани, и во списанија.
Со најновата поезија авторот Борче Панов се наметнува како зрел автор со изградена поетика, со автентичен стилски ракопис, кој во нашиот творечки амбиент поседува вредности кои ќе останат отворени кон пошироката читателска публика.
[1] Борче Панова: Глочка школка. – Радовиш, Центар за култура, 2018.
[2] Ibid., 12.
[3] Ibid., 12.
[4] Ibid., 96-97.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)