Стиховна равенка на животот: кон „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска
Книгата поезија Математика поезија на Даниела Андоновска-Трајковска се состои од 91 песна кои се распоредени во 12 делови: Точка, права, рамнина, Кругови, Триаголници, Тригонометриски функции на животот, Искршена линија на животот, Мерки на централна тенденција, Мерки на дисперзија, Непараметриски тест, Параметриски тест, Множества, Аритмија на аритметичките операции, Фибоначиева низа. На крајот е понуден и дел во кој се приложени објаснувања на математичко – статистичките термини кои ДАТ ги користи во поезијата. Но, нека не ве залажуваат тие неколку странички, науката овде се појавува во улога на толкувач на волшебникот кој низ цела книга постојано вади некакви волшепства.
а) Точка, права, рамнина: Авторката почнува со тоа што не се дефинира, тоа од што сè почнува, враќање до почетокот, прапочетокот, враќање до Големата експлозија. Затоа што сè почна со една димензија, премина во две и потоа на нив се накалемија три, четири, пет, којзнае колку… Затоа што сè почна од една и единствена точка, па премина во безбројни прави и рамнини кои ја формираат таа совршена кристална решетка на постоењето. Совршена и прецизна убавина на постоењето во чие срце егзистираат несовршените суштества несвесни дека тој бескрај престојува во секој од нив: Ние сме и Адам и Ева и Каин и Авел и Мојсеј и Гилгамеш и Утнапиштим и Акенатен и Ахил и Одисеј и Исус… („Неколинеарно време“). Сепак авторката се обидува да се оттргне од таа чудовишна вистина дека сме само еден мал механизам во неразбирливо огромната машинерија на Универзумот; да ѝ се оттргне на таа глобална фатаморгана, на таа дводимензионалност, на таа вселенска отсечка која ѝ е досудена во немилосрдниот однос простор – време, на ахроматскиот свет. Нејзиниот лирски израз покажува бунтовност против дванесетте точки кои поврзуваат 24 периферни агли за да го прочитаат едното космично мигнување и целиот живот кој е толку тажно краток за да биде толку сув, сиромашен и без можност да се дефинира, да се опише со повеќе од неколку зборови. И болката е ситна цена за тоа. Ниска цена за да побегне од црно – белата проекција и да се видат сите бои на спектарот: и сознав дека една права може да биде своја само во однос на другите на неа и тогаш почнав на себе си да барам и точки и отсечки и прави и криви и неба и солзи и вода што стои и тогаш во белото видов седум бои… („Права“). И плачењето од внатрешната страна на ѕидот, и ужасното пресекување на рамнините од кои боли желудникот, и несоницата, и одбивањето на раздробувањето и мачното трагање по почетокот и крајот. Сè е тоа нешто што лирското Јас е подготвено да го плати и да прифати дека патот до совршенството води преку распетието: имам пријатели кои ме демнат и распнуваат на две нормални прави за да бидам тоа што сум – најдобра верзија од себеси („Нормални прави“).
б) Кругови: Животот е круг. И повторно, од една мала точка, во една тивка експлозија на совршена среќа, се раѓа еден мал Универзум, еден неповторлив оригинал кој ќе ги изоди тие 360 степени за да се врати во утешното и тивко непостоење, но меѓу разделбата и средбата во таа иста точка, авторката открива свет преполн со љубов, допири во сржта од која извира инспирацијата, искушенија на острите агли, Сизифовски страданија кои нè тркалаат од највисоките планини и истрајност повторно да ги искачиме и барањето на смислата во сето тоа. Иако знаеме дека зад таа планина, дури и ако ја освоиме, се наоѓа друга, повисока, пострмна. Сепак мислата ја исполнува таа зеечка празнина која останува, дури и кога надежта поразено се повлекува пред ужасот на таа безличност. И повторно ја открива совршеноста дури и во прозаичната слика како што е кругот: од танцот на балерината кружницата е свесна за линијата („Кружница“).
в) Триаголници: Триаголникот затвора еден простор со агли, можеби полн со тајни и завери кои не можат да се согледаат од централниот дел. А тој ја пружа илузијата на избришан простор и чувство на сигурност кое не може да се наруши од центрифугалната сила. Триаголникот понекогаш е куќа на соништата, понекогаш е дом, неговите краци се некогаш покрив, но некогаш се заканува со остроаголноста на подотворената врата и опасниот свиок на крстосницата. А понекогаш е беспомошен и сведен на линија која едвај ги крепи своите агли: секоја за скршените колена на другите знае, но молкот запечатен главите им ги гушка („Дегенериран триаголник“). Лирското Јас во „Математичка поезија“ не љуби затворени простори. Растргнато е во дилемата на што да даде предност: на заштитата на покривот над грбот или на тежината на истиот тој покрив: цел живот се плашам од таа страна спроти мене што се заканува да ме подигне на квадрат и не ми дава да гледам надвор од куќата со аглесто тело („Безимена катета“). И затоа е принудена да го гледа тоа што секојдневно тече низ неброените триаголници, од теме до теме, низ сите агли на животот – острите зборови на заробените души: зборовите кои луѓето си ги кажуваат денес имаат толку многу остри агли а сепак се затворени само во еден триаголник („Остроаголен триаголник“).
г) Тригонометриски функции на животот: Синус, косинус, тангенс, котангенс – заедничка им е дробната црта. И тука се раѓа приказната за дробната црта, за делењето, за таа страна која се крие одоздола, без јадра, со изгубени валенции, местото каде што се складираат неизговорените, несаканите зборови, мрачниот агол во кој чмае непрепознатливоста – и на зборот и на сонот: не си го препознавам веќе зборот ниту сонот што се закоренува во аголот („Косинус“). Даниела Андоновска-Трајковска пее за дуалноста која како неизбежна судбина се надвиснува над секое суштество, а дробната црта е границата над која и под која се појавуваат двете лица: едното видливо и осветлено, а другото во полумрак и сосема свесно дека неговото време допрва доаѓа, дека ќе дојде, кога – тогаш.
д) Искршена линија на животот: Времето се тркала, изминува, миг по миг, час по час, низ сите часовни зони. Даниела Андоновска-Трајковска импресивно го опишува ропството на часовникот кое ја следи линијата на животот. Сите мислат дека таа некаде почнува и некаде завршува, но всушност таа е наследството на кругот. Животот не престанува – само се трансформира во сеќавања во времето кое тече. Авторката потврдува и дека постои безвременост осликана во уметничките изблици како пркос на едниственото незапирливо нешто во оваа реалност – времето: Создаваат вечност без часовници додека се бакнуваат со разделени усни („Бесконечно време“).
ѓ) Мерки на централна тенденција: Животот се одвива во систем. Или во неброени системи, кој од кој позатворени, поограничени и построги. Математички. Со прецизно впишани координати. И на човекот му преостанува само средишниот, ширум отворен автопат по кој се движат сите, затоа што маргините се густо обраснат честар во кој демнат стапиците и предрасудите и обвинувањата. И на таа широчина, застрашувачка е димензијата на привикнувањето, комодитетот, претопувањето во сивилото на секојдневието кое води до заборавањето на уникатноста, индивидуалноста… Сè се стреми кон центарот, кон средето, а многумина забораваат дека центарот во координатниот систем е … всушност, нула: тие и понатаму доаѓаат и заминуваат, но јас полека и неусетно заборавам да бројам („Мод: избројани чекори“). И затоа авторката вели: животот ми живее во сонот без координати („Координатен систем“), како да е животот нешто кое рутината успева да го оддели од живеачот…
е) Мерки на дисперзија: И веднаш потоа, авторката ги тестира границите. Од најмалата бројка, до најголемата, низ четирите квартили кои под нормала го сечат небото, таа се обидува да го предвиди ширењето, да го пресмета опсегот… ако е тоа можно… Непредвидливите патишта на животот формираат свои ѕвездени јата во најневеројатните агли на егзистенцијата и неретко човекот препаднат се повлекува од нив, јасно освестен дека таму не се препознава и се враќа на утешната навика: единствено важно ни станува навивањето на часовникот за да не задоцниме тука или таму некаде… („Варијанса“).
ж) Непараметриски и параметриски тест: Сепак, животот експериментира и кога нашето свесно со крик се спротивставува на експериментите, а крвните зрнца му објавуваат војна до истребување. Животот сака да пролета низ тие ѕвездени јата, во тие агли кои ги набљудуваме само со едно крајче на окото и се убедуваме дека: играта со сенки беше само тоа и ништо повеќе – игра со сенки („Експериментален фактор“). И ништо повеќе нема смисла. Статистиката поразена се повлекува од нелогичното поле, носејќи ги своите тестови кои упорно повторуваат дека се оружје само во зоната на рациото. И сите бројки ја откриваат геометриската прогресија, а Универзумот самозадоволно ја дава потврдата дека може да постои секаде – и во едно гнездо, свиено на едни усни.
з) Множества: Кога броевите престануваат да бидат броеви, тие добиваат семантика, стануваат душа. Дури и нулата! Затоа што отсуството на докази не е доказ за отсуството. Кога броевите именуваат приказни, вселени, кога именуваат нешто што ограничува своевидни светови со прецизна точност до дел од секундата, до дел од милиметарот, до дел од тежината на новиот котиледон во кој се крие идниот живот, тогаш тие стануваат основа на ткивото на постоењето и нивната апстрактност се губи пред секоја точка со која го означуваат континуитетот: Збор што на ситни камчиња се дели. И секое е цело. И секое содржи вселена. И секое приказната своја во кругот затворен ја пишува („Множество на природни броеви (N)“).
ѕ) Аритмија на аритметичките операции: И тогаш доаѓа тоа фамозно „Икс“ под кое може да се крие секој. Отуѓено, непознато, често и неприфатливо. Тежок примерок на родот чие решение може да е многу тажно. Андоновска-Трајковска ја опева аритметичката и геометриската прогресија како операции кои го подредуваат човештвото по членови. Подредуваат! Колку незгоден збор! Но, нашата реалност е трка во која стартните броеви не нудат никаква гаранција. А не ретко во таа трка, дури и стоперката која го мери времето е нечесна.
и) Фибоначиева низа: Авторката ги завршува своите неверојатни математички циклуси со златниот пресек, Божествената пропорција, доказ за совршенството кое егзистира насекаде околу нас. Ништо не е случајно, тврди Даниела Андоновска-Трајковска и ја открива математиката насекаде во убавината. Од грандиозноста со која човекот по којзнае кој пат ги порекнува границите за себе и во себе, до изворите на личната среќа: Во нив – отпечаток од ѕвезда со само еден број на челото 1.618.
„Математичка поезија“ поезија на Даниела Андоновска-Трајковска е стилски богата и освен математиката, таа ја користи и Библијата, епот за Гилгамеш, Египетската митологија и историјата на Стар Египет, митологијата на Месопотамија, астрономијата, ликовната уметност… за уште повеќе да ја збогати. Нестандардна уште кај насловот, „Математичка поезија“ е книга која топло би ја препорачала на сите кои се љубители на поезијата, а посебно на тие кои досега со антипатија гледале кон математиката. Ставена во контекст на толку убав и богат збор, едноставно е да се засака.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)