Анализа на едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“ од Блаже Конески[1]
Како што и кажав во првиот дел единствено нешто што го најдовме за едночинката „Гладна кокошка просто сонуе“ е изворното кажување на Блаже Конески за овој свој трет драмски текст, без разлика дека станува збор за едночинка, во книгата „Разговори со Блаже Конески“ од авторот Цане Андреевски, издадена во издавачката куќа „Култура“ од Скопје во 1991 година.
Притоа Конески за својата едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“ ќе истакне:… „На крајот на 1944 година „Остен“ го издадовме. Издадовме два броја. Јас бев во редакцијата. Таму има мои текстови без потпис, и во поезија и во проза. Почнавме веќе 1945 година да се организираме. Во февруари, мислам во издание на „Остен“ излезе таа книшка „Гладна кокошка просо сонуе“. Јас го имав тој настап на Народниот универзитет во Скопје“…
На прашањето на авторот на книгата „Разговори со Конески“, Цане Андреевски, како Конески се наоѓа во театарот, односно:… „Но веќе рековте дека сте имале напишано еден скеч, како студент во Белград. Потоа друг во Прилеп, којшто сте го пратиле на слободна територија, па се загубил. И ете, доаѓа третиот драмски текст „Гладна кокошка просо сонуе“, кој е игран, па и печатен како посебна книшка. Би Ве прашал, како се случи токму Вие да дојдете на работа во Театарот?“…[2]
На ова прашање Блаже Конески, без ни малку сопствен сомнеж ќе одговори:.. „Како се случило, јас тоа не знам… Прво кога дојдовме во Скопје ние од она преведувачко одделение, што јас го формирав во Врановци, добивме некоја просторија во зградата на сегашното Собрание на СРМ. И, можеби по неколку дена, таа персонална служба нас нè распредели ‒ еден ваму, друг онаму… А мене ме определија за лектор во Народниот театар. Мене никој не ме праша. Нити јас како сосем млад човек, тоа ми беше прва служба, чувствував некоја потреба да дојде до израз моето мислење за изборот на моето работно место“…[3]
Потоа следи и уште едно прашање на Андреевски:… „А каква беше судбината на Вашата едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“? За неа, само според насловот, се сеќавам дека ја играше и нашата драмска секција во Учителската школа“… [4]
На ова прашање Конески наједноставно ќе одговори… „Таа едночинка ја дадов во Народниот театар овде, во февруари 1945 година. Главната улога ја играше Петре Прличко. И, таа доживеа успех на премиерата“…[5]
А што се однесува до нејзиното сиже, Конески ќе надополни:.. „Тоа е хумористичен текст, во еден чин. Се работи за една комична ситуација, во која ги поставувам некои приврзаници на монархијата. Тогаш беше актуелно избирањето на формата на државата. Се разбира, се знаеше дека тоа ќе биде република, федерално устроена. Но сепак, во меѓународниот контекст не беше без значење да се крева глас против монархијата. Ние тогаш го издававме „Остен“ и во него таа тема ја обработувавме. А со мојата едночинка почнавме и да издаваме серија на публикации на „Остен“. За жал таа серија остана само на еден број, само на таа едночинка“…[6]
Цане Андреевски, авторот на книгата „Разговори со Конески“, повторно го прашува Конески, што стана со неа по премиерата?
На ова прашање, Блаже Конески, ревносно и отворено му одговара, велејќи дека:.. „На премиерата случајно се најде и Радован Зоговиќ, тогаш дојде во Скопје по некоја работа. И Радован оценил дека е многу добра едночинката, ама дека не е опортуно баш во тој момент да се инсистира врз таа тема. И посоветувал да не се прикажува натаму. Веројатно била меродавна политичката клима во тој момент. Почнале разговори со Шубашиќ во тој момент и не требало да се иритира другата страна или некои луѓе, што на некој начин биле сврзани, можеби не цврсто, со другата страна. Таа едночинка доживеа само премиера. Но во провинцијата, јас случајно знам, еднаш во Струга, и подоцна, ја слушнав преку гласноговорникот. На улица се слушаше. Го читаа текстот“…[7]
Ете што вели Блаже Конески за својата едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“.
Потоа, истражувајќи и понатаму во историографско- театарската хронологија, а посебно во Институтот за театрологија во Скопје, успеав да најдам дека таа е одиграна во Народниот театар во Куманово во 1947 година, (агитката), меѓу останатите десетина претстави кои им биле планирани за таа театарска сезона“…[8]
Потоа Народниот театар од Куманово во 1947 година се вселува во новата зграда, што несомнено доведува до квалитативна промена на неговиот институционален статус,… „па така од 1 јануари 1948 година тој работи како полупрофесионален, а од 15 јули истата година ‒ како професионален театар, со уметнички ансамбл од 15 члена. По шестгодишната дејност, како што беше судбината и на многу други театри во Македонија и тој на 30 јуни 1954 година е укинат“…[9]
И така, водејќи се по патот на истражувањето за едночинката којашто во тоа време многумина театарски работници ја нарекувале и агитка, стигнавме и до Фондацијата „Македоника“, во која накусо е забележано дека:… „Гладна кокошка…“ е едночинка во која Конески на луциден и извонредно комичен начин ги проследува различните политички перцепции на обичниот народ во пресрет на завршувањето на Втората светска војна. Многумина овие состојби ги препознаваат и во денешните актуелни политички случувања… Едночинката е изведена на сцената на МНТ“…[10]
И дека само на овие неколку места пронајдов за едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“, зборува и фактот дека познатиот научник, проф. д-р Миодраг Друговац во својата книга „Повоената македонска литература I дел“, која е објавена 1979 година, во издание на „Просветно дело“ од Скопје на страницата 251 ќе напише за Конески како научник и писател:… „Длабока е браздата што во македонската историја ја заорал научникот и писателот Блаже Конески. Тоа е личност со Караџиќевски контури и димензии (П.Ивиќ). Критичкиот и книжевно-историскиот допир со такви личности и нивните дела ‒ како што и самиот Конески пишуваше по повод Крсте П. Мисирков ‒ не е никогаш статичен и безразличен. Тие не случајно оставиле белег во зреењето на еден народ… [11]
Оттука се отвора и дилемата и за Миодраг Друговац како да му се пристапи на Блаже Конески, на неговото севкупно дело?
…„Да се санкционира литературната вредност, а да не се загуби од вид дека на нејзиниот профил значително можеби и решавачки, влијаела и научната свест на овој писател; и обратно: во неговото научно дело да не се предвидат човечките и хуманистичките проблесоци на литературната свест, многукратноста на нејзините значења? Немоќна оваа дилема да ја реши на друг начин, критиката досега, гласно се ограничувала на анализата и вреднувањето на поезијата и прозата, поретко на естетиката, додека самиот научник Конески во таа нецелосна проекција, веројатно и под притисок на ограничувањата на самата критика, редовно остануваше на страна ‒ со евидентен придонес на националната култура и славистичка наука, меѓутоа без адекватни научни образложенија. Кога тоа го велиме, мислиме пред сѐ, на нужноста од една целосна, сеопфатна научно (лингвистички) и книжевно-историски квалификувана систематизација и синтеза на тоа дело, каква што очевидно ни недостига, ‒ ќе забележи Милан Ѓурчинов во својата книга „Повоената македонска литература I дел“, „Просветно дело“, Скопје, 1979 година“…[12]
Сето ова ми даде за право да продолжам прво да ја пронајдам, а потоа и да истражувам за едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“, што е објавена во едицијата „Мала остенова библиотека“, Скопје 1945 година, а е отпечатена во Државната печатница „Гоце Делчев“ ‒ Скопје.
И затоа јас како драматург и драмски писател ќе се потрудам да објаснам што значи комедијата и што претставува таа, како таква?!
Значи, комедијата е вид на драмско книжевно дејство во кое сите недостатоци, настраности на поединците или општеството, на поголема или помала заедница се прикажуваат на еден смешен и комичен начин.
Често во неа ја имаме и скриената иронија, градејќи ги комичните ситуации не само до директен смев, туку или со потсмев, што е пософистициран метод за комедијата, бидејќи на очиглед на сите, но не и на ликовите, им се прикажуваат нивните човекови слабости. Тоа се: фалењето, љубомората, назадноста во сфаќањето, кукавичлукот и стравот, тврдоглавоста, и сето она што може да го има едно човеково суштество, кое е спротивно на елементите на човековите квалитети и слично.
Комедијата секогаш ни ја дава сликата на помала група на поединци или некое општествено збиднување, затоа што таа, како таква одигрува голема улога во човековата свест и личната немоќ да се ослободи од личните фрустрации. Затоа, преку комедијата се сака да се постигне димензијата да се поправи единката во општеството, но и да се поправи човечкото општество со појавата на своите девијантни појави меѓу чинителите на таа општествена структура.
Затоа и писателите кои пишуваат комедии се обидуваат сликата на човековата деструкција да ја покажат на што е можно пореалистичен начин, со тоа што комедијата станува реалистично дело. Имајќи ја предвид темата за која се пишува, стилот на комедијата по правило е едноставен, жив, лесен, јасен, весел и духовит. А што се однесува до ликовите коишто играат во неа, тоа се повеќе ликови меѓу кои може да се направи заплет, а расплетот пак, не секогаш, но обично завршува среќно, така што комедијата завршува со победа на правдата на разумот.
Таква е и едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“ на Блаже Конески од која можеме и изворно да прочитаме како е пишувана и што претставува таа за гледачите и читателите.
Шесте години истрајност ми дадоа за право не само да ја пронајдам, туку и да направам една куса анализа на едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“. Читајќи ја повеќе пати, забележав дека таа е пишувана наменски, при што се исмејува еден период кој заминува од Македонија, а тоа е периодот кога Македонија станува Вардарска бановина, и периодот кога Македонија е окупирана од фашистичка Бугарија.
Целата приказна сместена во едночинката се одигрува за време на дочекот на Новата 1945 година, меѓу ликовите Дара, Богдан, Пијаниот, Докторот и Милка, која на крајот не само што завршува со комичен, туку и со поучен крај.
Оваа едночинка е пишувана на изворно разговорен македонски јазик и затоа ќе се држам до него, односно до оригиналното пишување на Блаже Конески, без никакви интервенции, зачинет со примеси од „расипан“ српскохрватски, (кој повеќе наликува на кумановски), но и на бугарски јазик. Притоа, дијалозите се одвиваат со голема брзина.
Имено, во текот на ноќта кога всушност се случува дочекот на Новата 1945 година, едно српско семејство кое го сочинуваат Дара и Богдан пукотниците од славењето на новата година го замислуваат како доаѓање на нивната српска кралска војска во Скопје и повторно поробување на Македонија како Вардарска бановина.
Потоа Дара, мислејќи дека во Скопје влегува српската војска го буди Богдана од сон, но преку прозорецот го здогледува Пијаниот, за кој мислат дека е војник на српската војска која повторно влегува да го окупира Скопје и Македонија повторно да ја претвори во Вардарска бановина, зашто според нив, оваа српска војска била ослободителна, па ги нападила Бугарите во текот на Втората светска војна, од „своите историски корени“. Еве како изгледа сето тоа:
…„ДАРА ‒ Боже, шта је ово пуцанје оволико? (Оди пополека накај прозорецот и наслушуе). Да га будим Богдана или не. (Надвор некој забрзан мини. Глас однадвор, препалено: Држикјевците… Дара се штрекнуе како боцната) Наши… наши… Сирота ја, кје ми искочи срце… Истина ли је? Они… они… још водив борбу… (Растрепетена од радоси таја трчка и го буди мажа си) Богдане, Богдане, устај дико моја ‒ догјоше наши… Наши догјоше…
БОГДАН ‒ (Се буди тешко од грченјето) А?
ДАРА ‒ (заогја) Наши… наши… Догјоше… Богдане…
БОГДАН ‒ Какав си враг нашла да ме будиш посред нокј?
ДАРА ‒ Ех, глувчо мој, глувчо… Не чуе, јадан… Чекај, ја… (Оди брзо и го отвора прозорецот. Богдан седи намусен в кревет и ја гледа шо праи, уште нерасонет. Светната) Слушај, још на неки крај борбу водив… Боже помози на наши и ти света Богородице… (Оди накај него и вика што и грло носи) Наши угјоше у Скоплје, Богдане. Наши, бре… наши… (Дури на уво): Четници…
БОГДАН ‒ (полека подразбира и најпосле како од гром трештен) Шта кажеш, море жено?… Да ни нешто… Четници велиш.
ДАРА ‒ Да…, да… они… Догјоше мили… Начекасмо се… Ах, мајко моја,… кју полудим од радос… Стани мало… (Се спушта накај сандачето во катот и буричка внатре. Богдан ја следи возбуден, уште во неверица и се појкје се поткрева во креветот. Таја вади отаде урамена слика од крал Петар, ја гушка и ја бацуе) Мило моје… чедо моје златно… сироче моје. Да те кријем, јадна, у сандук, да не видив ови. (Ги стега забите). Од сак ту кје ми стојиш до икону, сунце моје (Ја закачуе сликата на дзид).
БОГДАН ‒ (рипа од кревет) Жено, брже панталоне. (Дара му ги подава). Дакле, истина је?
ДАРА ‒ (од умиление може само со глава да му потврди. Се поприбира и се опира на него. Покажуејки на прозорецот) пуцав још… бум… бум… боже мој… овако је… (Во тој момент се издига надвор ‒ во квадратот на прозорецот црвена ракета).
БОГДАН ‒ (веќе сосем уверен) А-а-а… (Оди накај сликата од кралот, застануе прописно, поздравуе војнички и вика) Живео краљ.
ДАРА ‒ Живео…“ [13]
Значи за подобро да се разбере комедијата, најпрвин мора да се знае што е хумор, иронија и сатира, а тие се основните темели при пишувањето на комичен драмски текст.
Хуморот е начин на изразување со кој се кажува нешто на смешен начин, што треба да биде пријатно и прикладно за слушање. Во хуморот смешно е сето она што предизвикува нескладност помеѓу желбата на поединците и вистинските можности за да се реализираат тие состојби.
Комичен е се разбира секој оној што се прави дека е храбар, а всушност е плашлив и кукавица, или пак оној што зборува дека е човечен, достоинствен, карактерен, а всушност е понизен и дволичен. Некогаш се случува, некое несовпаѓање да се истакнува заради шега и хумор, потоа забавата и доброто расположение во дејствието на драмскиот текст. Потоа, смешното лесно може да прејде во груба шега, со боцлив потсмев, кога се исмејуваат телесните или духовните недостатоци. Затоа за иронијата и сатирата како вид на комедијата се вели дека таа претставува хумор што преоѓа во суров потсмев. Со ваквиот вид хумор што е присутен како позајадлив, по сигматизиран, па дури и со силни навреди се осудува тоа што не чини кај поединецот или општеството. А ако обичните човекови слабости, кои не се во голема мерка развиени се прикажуваат во блага форма и тоа останува на ниво на хуморот.
Па спрема намената и начинот на обработка на драмските ликови во комедијата, или во комичните ситуации, таа се дели на комедија на интриги, комедија на карактери, комедија на суштини.
Поаѓајќи од фактот дека за комичната едночинка на Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“ не е пишувано ништо, независно од нејзиниот обем, сепак морав да ја препрочитам повеќе пати за да пронајдам, што е спорно кај неа, и зошто нема ништо забележано во драмската литература.
Јас, не можам да ја спорам креативноста и генијалниот ум на Блаже Конески, за кого секогаш е пишувано дека е апостол на македонскиот јазик, на македонската литература и книжевност, се разбира како што наведува и Миодраг Друговац,
„…Длабока е браздата што во македонската историја ја заорал научникот и писателот Блаже Конески или кога ќе дополни со својата сеопфатна научно (лингвистички) и книжевно- историски квалификувана систематизација и синтеза на тоа дело итн.“…[14]
Е сега, мене ми се отвора дилемата зошто Блаже Конески е „отфрлен“ и како драмски автор?! За ова се прашуваат и тие што ги консултиравме, но еве пишувам и јас, затоа што оваа негова едночинка заслужува да биде спомената, или пак за неа нешто да се напише.
Рака на срце, мора да го признам фактот дека за оваа едночинка на Блаже Конески има напишано само проф. д-р Димитар Пандев, кој својата научна дискусија ја образложил на Семинарот за македонски јазик, насловен како „Заложбите на Блаже Конески за македонскиот јазик и литература во 1945“, која е објавена во книгата „Слова и согледби за Блаже Конески“, објавена во издавачката куќа „Култура“ од Скопје во 2019 година, а може да се сретне на страниците 63-64.
Притоа, проф. д-р Димитар Пандев ќе напише: „…Драмското во текстот се засновува врз погрешно протолкуван, инаку долго очекуван знак од страна на главните ликови во драмското дејство. За реакционерите, пукотниците по повод прославата на Новата 1945 година, по завршувањето на Втората светска војна во Македонија, се сфаќаат како контрареволуција, како преврат, со кој историјата се враќа на веќе претходно поставената позиција. Тоа е тој клучен, воведен детаљ во драмолетката, тоа е таа тема мошне поинаку обработена во драмската литература, од една страна во Гоголевиот „Ревизор“ и во Нушиќевото „Сомнително лице“ (погрешна идентификација на дојденец врз претходно добиена „доверлива“ информација), но и кај Албер Ками (како недоразбирање, сп. „Недоразбирање“ објавена во 1944 г.), кај Ристо Крле (како заслепено непрепознавање во „Парите се отепувачка“), па и кај Конески во „Гладна кокошка просо сонуе“ како непомирливо несфаќање на промената, како заслепено отсуство на слух за промената и на можноста од поинакво „читање“ на знаците: „пукотницата“ како етнокултурен знак, во дадената типична средина, со значење „веселба“ наспроти „пукотницата“ како знак во услови на војна. Станува збор, значи, за семиотичко читање на знаците во зависност од сопствените (личните) очекувања на нови ситуации (говорни чинови), за толкување на знакот во согласност со сопствениот поглед на свет, за некоординирана комуникација на ликовите со стварноста.
Од јазичен аспект, оваа агитка го привлекува вниманието на читателот преку воспоставената диглосија кај одделни македонски родени зборувачи, претставени во драмата преку соодветни ликови како приврзаници на туѓи идеологии (српската, бугарската) по однос на употребата на македонскиот народен јазик наспроти употребата на српскиот, односно, на бугарскиот јазик.
Целта на агитките, бездруго, била да се исмеат реакционерите на револуцијата. И таа цел е одлично постигната во драмолетките од тоа време. Но, Конески, според наше мислење, оди чекор напред, па внесува и една, би рекле, предупредувачка нотка, која е во согласност со прагматичките теории на играта.
Со драмолетката „Гладна кокошка просо сонуе“ преку односот наслов-текст, Конески го воведува својот интерес кон простите форми, тема на која постојано ќе ѝ се навраќа. Подготовката како проста (едноставна) форма претставува подлога за друга разгранета, но исто така едноставна форма создадена во определено време (агитка). Впрочем, тука ја следиме онаа психологистичка линија во историската лингвистика на Вилхелм Вунд, која особено доаѓа до израз кај Александар Потебња, и која отвора цела една историскоетнографска струја во македонската фолклористика на преминот од XIX во XX век. Блаже Конески, всушност, когнитивно разгранува јазичен гест зацврстен во народната психологија во ангажиран драмски текст. Овој текст не е само обично плаќање данок на времето, тоа е текст со свои семиотички и дидактички вредности, кои се во согласност во оние прагматички теории во филозофијата кои се суштествени за американкиот бихевиоризам, и кои се јасно претставени во книгата „Јазик“ на Л. Блумфилд (1933). Имено, што ќе се случи, ако се случи? Во контекст на времето кога е создадена драмолетката, би рекле: когнитивното предупредување на Конески гласи: непријателот не спие, и тоа е таа дидактичко-морализаторска димензија на текстот.
Својот, пак, интерес кон простите форми, Конески ќе го изложи во една специјална пригода во 1985 година, по повод прославата на јубилејот на лекторатот на полски јазик на Универзитетот во Скопје (сп.: Конески, Б., „На фонот на „Пан Тадеуш“, Славистички студии, 25 години на лекторатот по полски јазик при Катедрата за источни и западни словенски јазици и книжевности, Скопје, 25-26 јуни 1985, Универзитет „Кирил и Методиј“ Филолошки факултет, Скопје 1989, с. 7-11).
Инаку, на Конески одлично му била позната филозофијата на јазикот на Хумболт, на Потебња, како и на нивните следбеници. Во која мера, пак на Конески му бил познат прагматизмот, и особено Блумфилд, во тоа време, е прашање што заслужува соодветно внимание. Појавата на оваа драмолетка треба да се разгледува во тесна врска со професионалниот ангажман на Конески, не само во Македонскиот народен театар, туку и во списанието „Остен“…[15]
Во овој контекст може да се спомене дека македонската драма е поделена во четири фази, а за тоа има пишувано веќе споменатиот Миодраг Друговац, а јас тие фази сум ги забележал во својата книга ‒ учебник за студентите по драматургија „Драмата во стих во македонскиот театар“, објавена од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ‒ Европска, Филмска, Театарска и Танцова Академија ‒ Скопје, Париз, Есен, Ротердам, 2019 година.
Токму во таа четврта фаза, или во периодот, почнувајќи од 1941 година до револуцијата и по неа, кај Миодраг Друговац, Александар Алексиев и слични научници и автори кои се занимаваат со театарското творештво, а посебно за Блаже Конески, не успеав да сретнам никаков документиран запис за едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“. И не само што се обидував да ја пронајдам оваа едночинка на Конески, туку и да направам една куса анализа на едночинката.
Тоа ми го овозможи пред сѐ мојата истрајност и обидот да ја пронајдам во пишувана и печатена форма. И кога конечно по долги години ја пронајдов, почувствував потреба да зборувам за овој трет, не само според Блаже Конески, туку и според драматургијата како наука, а јас како драматург, овој негов драмски текст, иако е едночинка, го респектирам како целосен драмски текст.
Па така читајќи ја повеќе пати, забележав дека таа е пишувана наменски со цел да се исмее еден период кој заминува од Македонија, а тоа е периодот кога Македонија станува Вардарска бановина, и периодот кога Македонија е окупирана од фашистичка Бугарија.
Комичната едночинка што се одигрува за време на дочекот на Новата 1945 година, меѓу ликовите Дара, Богдан, Пијаниот, Докторот и Милка, завршува не само комично туку има и поучен крај.
Ете, читајќи ја комичната едночинка на Блаже Конески „Гладна кокошка просо сонуе“, можам, само да кажам зошто е потребно да се познава комедијата како жанр и потоа нејзините поджанровски поделби? Затоа што само така ќе се види вистинската слика на комичната ситуација, што сака да ни ја прикаже драмскиот автор. Вистина е дека тоа Блаже Конески во својата едночинка вешто го направи. Тој дури и ја употребува комедијата на ситуации, што во тој период не беше присутна кај драмските сценски писатели, бидејќи таа најпрвин како поджанр се појавува во комедиите изведувани како радио драми, а денес таа е присутна и во телевизиските комедии и на театарската сцена. Со ова може да се потврди само податокот дека Конески бил пред времето од сите дотогашни драмски автори кои не се зафаќале со пишување на комедии, туку со битовите драми и трагедии, бидејќи и комедијата како жанр е тешка за пишување.
Потоа во другиот дел, или слика на комичната едночинка, може автентично да се прочита и овој дел:
…„БОГДАН ‒ (со олеснуенје) Ох – ох – ох – ох… (На Дара) Велиш, јоште се води борба?…
ДАРА ‒ (му потврдуе).
БОГДАН ‒ (оди накај прозорецот и се подава надвор. Пуканје понаблизу. Нови ракети).
ДАРА ‒ Ју човече, шта радиш. Немој, кје те удари неки куршум… сирота ја…
БОГДАН ‒ (го дочува пукајнето, блажено се усевнуе, се прчи и ватен од патриотски жар вика) Урааа, наши… Напред, соколи сиви… Удри ову македонску жгадију, мајку им нјиову. (На Дара) Жено, сак да спомогнемо. Сак или никад. Дај… дај… брзо… Куда си га турила леворвер?
ДАРА ‒ Што кје то леворвер?
БОГДАН ‒ (разгорештен) Леворвер куде је, бре?
ДАРА ‒ Куку, мајко… (Оди да го бара револверот).
БОГДАН ‒ Да видив ти гадови како се бори жандармериски наредник Богдан Крушкикј за кралја (ја погледуе сликата) и отаджбину.
ДАРА ‒ (го носи револверот, а му покажува в рака само еден куршум) Што кје урадиш… бре човече, само један куршум ти је останаја…
БОГДАН ‒ Дај, што гнјавиш, сунце ти женско. Један куршум ‒ једно пцето манје на землју (Дара му го дава револверот. Тој го милуе, го полни, оди кај прозорецот и застануе на готовс).
ДАРА ‒ (зад него, го гледа сега со дивленје) Такав ми је он. Делија. Мој Богдан ‒ Југ Богдан. Мој Солунац.
БОГДАН ‒ (се врти и тивко). Псст. Иде неко све уз тарабу. Наш ли је, нјиков ли је? (Го стега пиштолот).
ДАРА ‒ Сирота ја, немој грешка да стане… (Во тоа време зачстуе негде наблизу пуканје. Надвор се слуша крцканје од снегот, а туп пад од чоек со вик: А – а – а…)
ДАРА – Јао… (преплашена бега и се покрива на кревет со јорганот преку глава).
БОГДАН ‒ (И тој малку отстапуе, пеплосан) Убише човека…
(Пауза)
ГЛАС ОДНАДВОР ‒ (офка) Оф… оф… оф… Аааа.
БОГДАН ‒ (надзира низ прозорец): Жив је… мрда… (Го стега пиштолот). Боже помози… ако је наш ‒ кју га спасем, ако је нјиов’ ‒ кју га докусурим. (Излегуе брзо надвор. Вратата по него силно треска).
ДАРА ‒ (Сс подава од под јорган) Куку мене… Куде ме остави саму?… (Оди накај иконата) Богородице мила, помози… (си шепоти молитва). (Надвор се слуша возбудениот глас од Богдана: Ништа, ништа, брале… Држ се здраво за мене… Кју те покачим горе… (Другиот стенка).
ДАРА ‒ (Напрегнато слуша. Чекори по скалите. Таја ја отвора вратата) Шта је?
БОГДАН ‒ (го носи под мишка Пијаниот. Овој је раскрвавен на челото и се порева).
ДАРА ‒ (шлака со раце) Ију-у-и-у…
БОГДАН ‒ Придрж, жено. Наш је. Ранјен. Одма го познадо по браду и шубару. (Го носат на кревет. Пијаниот издава само некакви неартикулисани звуци, Дара му ги собува чевлите, го покриваат)“… [16]
Е сега, оттука му се дава на едночинката уште еден интересен момент, кога всушност, целосно се употребува комедијата на ситуации.
Зошто ја споменувам комедијата на ситуации?!
Затоа што дејствието на комедијата на ситуации го прават ликовите кои се појавуваат во вообичаеното опкружување, како што се домот или работното место.
Во случајот, во едночинката кај Блаже Конески, дејствието се одигрува во домот на Богдан. И затоа интересен е моментот на појавата на третиот лик во едночинката, ликот на Пијаниот.
Целото ова дејствие може да се види и во овој дел од едночинката на Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“.
„… БОГДАН ‒ Брзо, жено, завој… јод… све што треба… (На Пијаниот) Не бој се, јуначе… Није ништа… Кје прогје то… Да знаш само колико је рана од мегдана твој чича Богдан поднеја…
ПИЈАНИОТ ‒ (развлечено, сам за себе) А-ллл-оо…келнер дддај… Плашта…
ДАРА ‒ (се вракја) Бунца сирома… (Му го измива челото и го преврзуе). Јели ти болје сак, јуначе?… Јадан… јадан…
ПИЈАНИОТ ‒ (сака да се поткрене, но пагја пак назад) Е-е-е-а… (Дара го присилуе да лежи. Тој ја забележуе и ѝ се плази) Про-клета бббабо…свинјска. Пушти… ммме…
БОГДАН ‒(со најголем интерес следи што зборуват тие. На Дара) Шта каже, бога ти?
ДАРА ‒ (му дава знак да кјути) Нека си почине… Јадан… Не зна шта говори… Јадна нјегова мајка…
БОГДАН ‒ Е, боже, што сам глув…
ПИЈАНИОТ ‒ Ало… ало… келнер… Ммммајку шаш… ‒ Што? … Ммммене ли… мене, а?… Ајде… уддри… уддри… (Се поткрева, Дара не му дава да се испрај) Ттти… бабо свинјска… (Пагја) Аллооо…
БОГДАН ‒ Шта је жено?… Чини ми се споминје кралја?
ДАРА ‒ (за себе) Бунца, јадан… (На Богдана, вика) Само виче: ало, ало…
БОГДАН ‒ Ало?
ДАРА ‒ Јес.
БОГДАН ‒ А-ха… Сак ми је јасно. Он је од вод за везу телефонист. Питај га… Чекај, ја кју га питам…
ДАРА ‒ Остави га човека нека се одмори…
БОГДАН ‒ Пусти, пусти… (Се наднесуе над Пијаниот, вика) Од кој си ти корпус, јуначе? Од Златиборски или од Равногорски? (Пијаниот во тој момент длабоко заспива). Шта му је, бога му… шта му би? Онесвести се човек…
ДАРА ‒ (го трга, за ракав) Мечко… Што се дереш… Онесвести се човек од твоје виканје…
БОГДАН ‒ Брзо, жено, ладне облоге.
ДАРА ‒ Забога, кјемо умртвимо човека. (Дури таја растрчуе, Пијаниот почна спокојно и длабоко да си грчи).
БОГДАН – (го гледа со страхопочитание) Ех… јуначина… као од брег одвалјен.
ДАРА ‒ Слава богу… ништа му није… Спава…“ [17]
И дека позацврстено и посигурно Блаже Конески сака да ни ја покаже силината на комедијата на ситуациите на сцена, ни го дава и четвртиот лик, а тоа е ликот на Докторот, кој всушност е Бугарин и живее во истата куќа заедно со Богдан и Дара, но на другиот кат.
Токму, преку оваа слика што автентично, како што ја пишувал и Блаже Конески можеме отворено да ја забележиме неговата желба преку комедијата едночинка, да ни ги покаже пропагандите кои дејствувале во Македонија во тој период, и од српска, но и од бугарска страна.
Можеби и затоа ликовите на Богдан и Докторот се ставени во една куќа, која компаративно делува на Македонија, врз која се надвиснале сивите облаци и од Србија, како Вардарска бановина, и од Бугарија, како дел на Западното Бугарско царство.
Автентичноста на јазикот на кој може да се прочита едночинката на Конески е всушност онаа нивна (се мисли на ликовите кои играат во неа) незрелост, затоа што и покрај сите случувања, тие сѐ уште мислат дека Македонија ќе биде нивна, и ќе биде заробена, без разлика дали станува збор за српска, или бугарска окупација.
Блаже Конески тоа многу вешто и многу итро ни го покажува, како врвен стилист кој многу работи на своите реченици, но ни покажува дека и двата окупатори имале меѓусебна врска, оти тие се подготвени да си подадат рака само да ја држат Македонија сѐ уште под окупаторски јарем. Сето тоа можеме да го видиме и во следната слика од неговата едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“.
„… ДАРА ‒ (накај сликата од кралот) Слатко. Па што је леп, што је леп наш млади кралј. Као сунце ми сија од ѕид.
БОГДАН – (се вракја и запира пред сликата од кралот) Шта велиш, жено, треба да је пораснаја наш млади кралј. Е – хе, и женија се. Расту деца.
ДАРА ‒ (Се топи и си ги стиска рацете).
БОГДАН ‒ Кјемо га дочекамо, кјемо га дочекамо… Нашег кралја… Па да видимо тад куде кје оние што викаше „Доле кралј“… Јакако… Па кад прогје он, соко сиви, по Душанов мос са кралицу… па музика… па заставе… они ми ти генерали по нјега… па ту ти и Дража Михајловикј, јуначина стара… Ех, што кје то буде дан, сунце ти твоје… Гледаш, вракја се наше све као раније… А ја и ти тамо у први ред… Па ондак, ево тебе, Богдане, ево тебе, Даро, плата за све ове три године одједаред… Живите…
ДАРА ‒ (подголтнуе од радост) Јели истина?…
БОГДАН ‒ Па ондак, оди ти Богдане, врли родољјубе, тебе кјемо ми за среског начелника…
ДАРА ‒ (поривно го прегрнуе) Дико моја… тоа да дочекам па да не жалим што кју умрем…
БОГДАН – (продолжуе)… за среског начелника, да видиш мало рачуни са ови антидржавни… (Истапуе бесно напред и се прчи) Ја кју им покажем, ја… нико, други… Мајку им шашаву, шта су они мислили, а? (Се појкје се пали) Да кје то вечно тако, а? Ево им сак нова Југославиа, ево им Тито… ево им „Доле кралј Петар“… Сак кјемо се ми питамо за јуначко здравлје… Па да видиш како кје летив главе… (На Дара) Жено, да не заборавим, јутре то да ти буде први посо; да гу наоштриш каму…
ДАРА ‒ Окју, дико.
БОГДАН – Кју колјем, бре… Кју колјем… Још јутре кју колјем… Мајку им македонску… Кје видив оние ко је бивши жандармериски наредник Богдан Крупкикј. Нема да искалим овај јад што сам га набраја, док не заколјем дваесетину. Кју се осветим ја за оно што преживесмо, за наши затвореници, за крв на сви борци; што ја пролеваше за кралја и отаджбину, као овај јунак овде у постелју (покажуе на Пијаниот).
ПИЈАНИОТ ‒ (одеднаш почнуе во тој момент да блуе).
ДАРА – (од како што што го слушаше Богдана) Јууу, добога. Шта му је?…
БОГДАН ‒ (загрижен се растрчуе). Копе га изби на горе…
ДАРА ‒ Повракја црвено… Крв… Шта кјемо сак?…
БОГДАН ‒ Трчи, жено. Зовни доктора. Ту над нас… Што си изгубила главу, бре?… (Дара истрчуе). (Богдан и Пијаниот сами).
БОГДАН ‒ (очински грижно ги брише со крпа блујаниците од Пијаниот).
ПИЈАНИОТ ‒ (си иде на себе си и се одржаруе).
БОГДАН ‒ (израдуван) Слава богу, прогје криза.
ПИЈАНИОТ ‒ (зачуден гледа околу себе. Не може да се сети како допаднал тука) Надо мори… (Пауза). Ја нема Нада… (Се продзева).
БОГДАН ‒ Јели ти болје, јуначе?
ПИЈАНИОТ ‒ Е-хе, уште ми сс врти, чини-чао… Пивнав мммалку… знаеш… Нннова година…
БОГДАН ‒ Не бој се ти ништа, јуначе. На сигурно си место. Ми смо своји, Дражикјевци…
ПИЈАНИОТ ‒ Овај па ззза по-лллитика ми рррас-права… Ништо… Сссогласен сссум… Кје преспијам тттука…
БОГДАН ‒ (сиот напрегнат да чуе и му се пули право в уста) А јели, колико вас је било вечерас?
ПИЈАНИОТ ‒ Ссстара компанија… Миле, Кјоле, Петко, јас удрри вино, удри ракија… Ннништо, не исфркуха… Ајде, фајрон…
БОГДАН ‒ Глув сам, јуначе, не могу те чујем ништо… Ех, што сам глув, што сам глув, мајко моја… Никад ми у животу није било више жао… Би ти позлатија сваку реч, да може да чујем… А добру им попару припремисте вечерас, мајку им македонску… Нека видив оние како четник бије за кралја и отаджбину…
ПИЈАНИОТ ‒ Ммморе, каков четник… Јјјас?… Ннне… јас сум, гггосподине мммој, преблискиот распоп… Ннне сум достоен ззза мантија… тттоа је верно … пппризнавам… Уште брадава ми остана… Пијем… пппушим…
БОГДАН ‒ А окје ли Дража скоро овамо? Викни, сунце ти, јаче… (Му го носи увото до самоти уста).
ПИЈАНИОТ ‒ Шшутур човек… (Се врти на другата страна и заспива).
БОГДАН ‒ Види ти мене, шта га питам. Па то је још војна тајна. Јакако. (Влегуе забрзан Докторот, по него се плетка Дара).
ДОКТОРОТ ‒ (сиот сметен) Добро вечер, комшија… (Му ја подава раката на Богдана).
БОГДАН ‒ Фала, докторе, фала. Ето, ту је ранјеник. Слава богу, криза прогје… И поразговарасмо се мало… Што он прича…
ДОКТОРОТ ‒ (се наведуе над Пијаниот) Спие…
ДАРА ‒ Спава… душа слатка…
ДОКТОРОТ ‒ (го прегледуе, му го пипа пулсот) Ништо нема… госпожо… Малку се згмечил, знаете. (Душка). Мириса на вино.
ДАРА ‒ Сигурно се напија мало човек, за кураж.
ДОКТОРОТ ‒ (Се врти накај Богдана и се топи сиот) Комшија… значи… пак се сврте светот… Кај што текла вода, пак кје тече… Но… знаех аз… И штом спука вечерва, казвам на жената…
БОГДАН ‒ Докторе, седи мало, докторе Изволте. (Седнуват на маса). Као што видиш, дакле, како вели наш народ: Јопе вода на нашу воденицу“… А, што кажеш на ово? (Гледајќи оти докторот се тутка). Не бој се ти докторе. Ја ку те заштитим, куде треба. Кје будеш под моје крило као код мајку.
ДОКТОРОТ ‒ (се умилкуе). Фала, комшија… Ние треба да сс заштиштаваме… Денес ја тебе, утре ти мене… Е-е-е… кажете вие, госпожо, дали не сум ви услужил?…
ДАРА ‒ Ау, како не?… у бугарско време…
БОГДАН ‒ Кју ти кажем ја тебе право у лице, докторе: ти си бугараш (Докторот се штрекнуе). Ја, знаеш како, што на ум то на друм ‒ отворено. Јеси бугараш. И са они Вемеровци имаш везу. Ајде признај: јеси или ниси?…
ДОКТОРОТ – Ама… според извесни указанија… (Уклончиво слегнуе со рамената). Знаете, секи си има извесно минато…
БОГДАН ‒ Дакле, ти си бугараш. Но не бој се ништа. Кје видиш зашто ја то… Истина је, ти се стави на услугу на бугарску политику и пропаганду ‒ и говори држа, и шта ли не… Но, наш народ каже: „На муку се познаев јунаци“. Кад догјоше ови Титовци, тад те ја познадо да си баш човек. Питам ја жену: жено, велим, овај наш комшија од коју се сак веру, да ние и он сас нји?.. Не, вели, но дрвлје и каменје ма мји сиплје… А-ха, мислим си ја. И до сак ти га нисам казаја, но сак ти га казујем, догје ми, брате, мило што смо се нашли на један фронт, и еве ти моја рука да и далје идемо заједно. (Му ја подава раката). Руку к’руци, нисмо Турци.
ДОКТОРОТ ‒ Комшија, јас сум тврдо на становиште, че е апсурд шумците држава да управлјават. Апсолутно апсурд. Од шума дојдоха, таму нека си се вратат.
БОГДАН ‒ Докторе, нема што да се оправдаваш. Ти само спокојно. А и ништа те не чујем. Но ја кју те болје од тебе оправдам. Ти си доктор, бре, учен човек: како кје ти буде тебе шумци да те командуев? За нји-ето им шума, брате. Из шуму дојдоше, ушуму нека се Вратив… Јели тако?
ДОКТОРОТ ‒ Имено. И аз тоа го потчертах. И после: создават народна власт. На народа власт да му дадеш? Па… па… па… па… За народа треба цврста рака и бич, да нема да мрда. Тогава је народа послушен и исполнителен. А, вака, пази боже, очите кје ни ги извадат.
БОГДАН ‒ Чекај, докторе, још на нешто кју ти укажем. Каку демокрацију, каку ведерацију, и буди Бог с нама, кје дадеш на ову рају? Па ово, брате, надигне ли глави одосмо ми. Оде и наша плата за ове три и више године. Ја шта. Треба ту ред, бре, треба чврста рука и бич. А зато ми имамо кралја, да све то попритегне. Јели тако?
ДОКТОРОТ ‒ Да, комшија. Да. Јас имено на тоа се спрех. И после: за каква таму Македонија сонуват те? Во историческите документи нигде никакви македонци нема. Македонски блгари ‒ да. Јужносрбијанци ‒ да. Но македонска нација и проче ‒ апсурд.
БОГДАН ‒ Слушај, докторе. Ако ја не могу те чујем, барем ти ме чуј. Од где изнагјоше па ту Македонију, бога им? Те ми смо Македонци, те македонска држава?… Куде, бре? Ту, где је било цар Душаново царство?.. Па учили смо и, ми историју у трекји разред основну… Знаш ли, докторе, однесе ми то пола живот, изеде се са све джигерицу. Но, фала Богу, сак све то прогје, сак је јопе наше…[18]
Во овој дел Блаже Конески преку едночинката „Гладна кокошка просо сонува“, ни дава до знаење на пропагандите кои дејствувале во Македонија, што може да се рече дека преоѓа кон политичкиот театар, но и не мора да значи, бидејќи гротеската ја содржи, фантастиката и метафориката.
Што може да се забележи преку гротеската. Токму преку ваквиот гротескен момент Блаже Конески им укажува и на гледачите, и на читателите дека и Богдан и Докторот во себе ја носат фантастиката, претворена во метафорика, дека Македонија повторно ќе падне во рацете на српските и бугарските власти. Можеби и затоа е изведен насловот „Гладна кокошка просо сонуе“.
Во продолжението на едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“ ќе го прочитате токму и тоа.
„… ДАРА ‒ Ви, докторе, сасвим се слажете у идеје са мога Богдана.
БОГДАН ‒ Шта велиш, жено, може још од овога доктора да буде добар србин.
ДОКТОРОТ ‒ Знаеш, комшија, знаете, госпожо: човек је секога во извесна еволуција. Моето воспитание сепак си је оставило свои следи, и аз сум земал во миналото извесни отношенија, но бидејќи имам во себе здраво монархическо и тоталитарно чувство, никога нема да тргнам по грешен пат.
БОГДАН ‒ Е, баш ми је мило, докторе, што се ту нагје да се разговоримо. Окје да прелије овда радост, бре. Бога ти твога, јопе ми госе… јопе на конју… И како све то одједаред догје, као на сан…
ДАРА ‒ И мене се просто не верује.
ДОКТОРОТ ‒ Чудно, наистина. Но, знаех аз…
БОГДАН ‒ Ајде, жено што стојиш ‒ донес мало ракију и мезенце, да се почастимо са доктора.
ДОКТОРОТ ‒ А не, мерси. Не пијам. (Сака да си оди). Време је да си одам, ме чека госпожата горе…
БОГДАН ‒ Не, докторе. Кје останеш. Па овој је празник, бре. Овај дан кју узнем ја за славу…
ДАРА ‒ (Носи ракија. Им подава).
БОГДАН ‒ Ајде, докторе. Дедер и ти, жено. Живело данашнје ослобогјенје, живео кралј Петар II.
СИТЕ ‒ Живео.
БОГДАН ‒ На здравлје. Тако, луди моји. И ми да осетимо широко око врата. Дај још једну.
ДОКТОРОТ ‒ Е, ајде… (праи гест да си оди).
БОГДАН ‒ Не, докторе, кјемо пијемо… нема друго… Немој, молим те… (Ги креваат чашите). Ову чашу дижем у здравлје на нашега генерала Дражу, и на сви кралјевски генерали и министри… Да им да Бог живот и здравлје, да владав дуго и да исчупав коров са нашу нјиву… Живели…
СИТЕ ‒ Живели (пијат).
БОГДАН ‒ (оди кон прозорецот). Слободно Скоплје. Види га бре, што је лепо. Жено, да не заборавиш да истакнеш јутре рано нашу заставу… Јутре кје буде, што кје буде ‒ кад ми ступимо у дејство… Кју колјем. Докторе, кју колјем…
ДОКТОРОТ ‒ Треба…. треба…
БОГДАН ‒ Чисто сам се подмладија за 20 години. Песму, бре дај да запевамо, што смо се умудрили као сове? Дедер, ону нашу… (Запева): Спреми се, спремте, четници… (Дара подзема. Докторот се тутка. Богдан нему) Ајде, докторе, ајде и ти.
ДОКТОРОТ ‒ (поцрвенуе). Зарипнат сум. (Запева).
БОГДАН ‒ (го вади револверот). Бога ми кад не мого да убијем неко псето македонско, сак кју испалим овај последни метак барем за веселје… Од ту кју гагјам низ прозор… (Зема нишан).
ДАРА ‒ (си ги затина ушите). Јууу, немој, побогу, кје исплашиш лјуде.
ДОКТОРОТ ‒ Комшија… комшија…
БОГДАН ‒ (пука. Сите се штрекнуват. Пијаниот подрипнуе в кревет).
ДАРА ‒ Шта уради…
ПИЈАНИОТ ‒ (гледа ракија пред нив. Спокојно се подсмева) О-хо… ракија…
БОГДАН ‒ Да ти није ‒ нешто стало?…
ПИЈАНИОТ ‒ (покажуе со гест оти сака да пие).“… [19]
Е, сега, Блаже Конески покрај тоа што ја употребува комедијата на ситуација, тој во едночинката ги употребува и комедијата на интригата, комедијата на карактерот и комедијата на наравот.
Значи, во оваа мала едночинка Блаже Конески успева да ги употреби сите елементи на комедијата.
Зошто, Блаже Конески ја употребува и комедијата на интрига?!
Тоа е многу едноставен одговор, затоа што овој тип на комедија предизвикува хумор и смеа поради некое несогласување и грешки (грешката на Богдан со Пијаниот). Смешниот, или хумористичниот дел во драмското дејствие се постигнува одненадеж со неочекувани свртувања на дејствието во друга насока, на спротивностите, па тогаш ликовите во комедиите не умеат да се снајдат (моментот кога Богдан му се обраќа на Докторот дека е бугараш, ама ќе стане добар Србин итн.).
Таквите невешти и неснаодливи ликови, најчесто се обичните луѓе од секојдневниот живот. (Затоа и Богдан и Докторот живеат во една иста куќа). Па според тоа комедијата на интрига нема цел да исмејува, туку да овозможи гледачот или читателот да се забавува, а смеата и хуморот се лесни и без злоба. Е, затоа овој вид уште еднаш ќе кажеме дека е наречен и како комедија на ситуации.
Што се однесува пак до комедијата на карактерот, таа ја покажува човековата страст која преоѓа од индивидуалните рамки. (Богдан и Дара кога очекуваат повторно да се врати кралот, и затоа ја враќа фотографијата на кралот која ја криела во долапи, Македонија да биде Вардарска бановина, оти поинаку ќе ги изгубеле и платите за три и пол години, што не ги добивал Богдан). Е сега, со нивните улоги Богдан и Дара претставуваат повторна опасност за општественото живеење, и можат да се окарактеризираат како негативни личности. А за да се изразат нивните негативни желби и склоности и тие да станат повидливи, писателот, во овој случај, Блаже Конески се служи со многу вешт писателски контраст. Затоа што покрај негативните личности како што се Богдан, Дара, и Докторот, тој во едночинката ги става и позитивните личности Пијаниот и Милка. Во овој случај со таквата постапка се истакнуваат недостатоците и слабостите на главните негативни ликови.
Комедијата на наравта пак, која повторно Блаже Конеси успешно ја воспоставува во едноночинката „Гладна кокошка просо сонуе“, ни го покажува недостигот и превртените сфаќања на една цела општествена средина во едно време. Тоа беше окупацијата на Македонија под српско и под бугарско владеење. Обично, писателот, во случајот Блаже Конески, ни ги прикажува не само нескладот, помеѓу двете генерации, Богдан, Дара и Пијаниот и Милка, туку и различните временски периоди, а тоа е српскиот период на владеење, прикажан преку ликовите на Богдан и Дара и бугарскиот период на владеење, прикажан преку ликот на Докторот.
Сето ова претставува цел да се прикаже, но и да се укаже на штетноста од таквите окупаторски појави и таквите нивни лични нарави и фрустрации. Според тоа, Блаже Конески преку својата едночинка на смешен начин сакаше да ни ги покаже недостатоците и слабостите на поробителите на Македонија, а со цел дека општеството во случајот Македонија, ќе ги надмине тие слабости и морално ќе се издигне над своите вредности.
Блаже Конески успешно внесува нов лик на сцената, тоа е ликот на Милка, преку чиј лик всушност сака да ни го покаже новото време кое доаѓа во Македонија, веднаш по Втората светска војна. Блаже Конески како автор композициски го врзува и последниот лик, докажувајќи дека и ваква како што тој прави, може доблесно да се прикаже убавината која допрва треба да дојде во Македонија.
Впрочем и затоа дејствието на комичната едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“ е порака испратена до сите непријатели дека Македонија е вечна и дека секогаш тој ќе биде не само дел од неа, туку и преку својата книжевна моќ ќе се бори за неа. Тој во една прилика самиот ќе истакне и ќе напише: „Големо ни е името ќе сакаат да ни го земат“. Што е можеби и појдовна точка да се напише оваа театарска претстава, како едночинка и како комедија, бидејќи тој и преку комедијата на непријателите им ја испрати пораката уште во далечната 1945 година дека Македонија е една и единствена.
И, за да го потврдиме сето ова што го пишуваме, веќе во последниот дел од едночинката убаво може да се прочита и да се разбере, но и да се соочат и другите ликови во пиесата дека одземањето на нешто не е така лесно. Тоа впрочем, Блаже Конески го прикажува преку ликот на Милка која најверојатно ја претставува како Македонија.
„…. БОГДАН ‒ (се врачја радосен, го зема шишето и го пои). А још једну… још једну… још… Браво, бре, ово је баш делија… Него шта, не може свака ргја да буде четник…
Во тоа време се слушаат гласои однадвор. Женски глас: Ајде сега, врати се, Перо… Машки глас: Чекај, уште малку… некако не ми се оди… Женски глас се смее: Ајде… ајде… добра нокј… утре пак кје се видиме… Машки глас (тажно): Добра нокј.
ДАРА – (заслушана сета надвор). Враќа се комшика из град… Нју да питамо…
МИЛКА ‒ (сама тропнуе и влегуе. Со неа влегуе свежина). Шта је ова врева и пукотници кај вас… дури оданде се слуша… Дај, реков, да надзрам малце… Честита ви Нова година на сите… Арна компанија сте се собрале…
ДАРА ‒ Јели, од град ли идеш?
МИЛКА ‒ Да.
ДАРА ‒ Па шта има тамо?
МИЛКА ‒ Ништо.
ДАРА ‒ (земјосана) Како ништо?… А оно пуцанје?…
МИЛКА ‒ Па ништо. Си се веселат лугјено. Нели вечерва је Нова година… А што си сторивте вие?.. Сигурно сте се исплашиле?..
ДАРА ‒ (омалодушена). Ништа… ништа… (Брзо оди, ја симнуе сликата од кралот и ја крие зад себе си).
ДОКТОРОТ ‒ (ја спраштуе надвор. На Милка) Извинете јас по работа…
МИЛКА ‒ Што му стана па на овега?
БОГДАН ‒ (тој досега земаше колку се може поважна поза накај Милка). Е, девојко, шта велиш сак? Шта кјемо сак? Ето, видиш, догјоше наши… Сак смо ми на власт… Сак кјемо ми покажемо шта знамо… Сврши се ваше… (Дара му праи одзади очајни знаци да молкне). Остави, жено. Кју јој кажем направо: ако је дошла за оца да моли; нека си иде. Нјега кјемо ми бесимо.
ДАРА ‒ (Трча накај него и го вакја да не зборуе. Сликата ѝ испаѓја и се гледа кралот). Доста, будало… доста…
БОГДАН ‒ (ја отфрлуе). Остави ме, бре… Ти си увек била мека срца… (На Милка) Нема милост код нас. Кад твој отац зна да се бори за некакву нову Југославију, ми кјемо му дамо заслужено. Шта је мислија он, а? Да кје вечно тако остане? Ето му сак нјегов Тито: Скоплје је наше… Било је и кје буде наше…
МИЛКА ‒ (изненадена се пули во Дара. Мала пауза).
ДАРА ‒ Ју, битанга. Довеја ми ту неке пијандуре. (Покажуе на Пијаниот). Напили се као свинје, проклети…
МИЛКА ‒ (полека си излегуе и од врата). А, такви сте вие, значи. Кје видиме чие је Скопје…
ДАРА ‒ (во првиот момент остануе како скаменета. После одеднаш ја обвакја бес, трча кај Пијаниот, ја вади пантовката и го удира по глава). На ти, на… пцето пијано…
БОГДАН ‒ (запрепастен се притрчуе и грубо ја отфрла за мишка). Ти си полудела… сунце ти женско… (Стиска тупаници).
ДАРА ‒ (плаче и си ги крши прстите). Шта учинисмо… Богдане… шта учинисмо…
БОГДАН ‒ (поомекнуе). Шта ти је, бре?
ДАРА ‒ Преварисмо се… мајко моја… (Вика) Наши нису ту… Богдане… Нису наши…
ДАРА ‒ Скоплје није ослобогјено… Наши нису ту…
БОГДАН ‒ (счудоневиден) Шта кажеш? Нису наши?..
ДАРА ‒ (му потврдуе со глава).
БОГДАН ‒ Ама ти си заиста полудела… (Се вакја за стол да не падне). Па Бога ти твога… Зар може тоа да буде?… (Погледуе накај Пијаниот). А-а-а, овај?…
ДАРА ‒ (плука на пијаниот). Пфуј, лопужа нека…
БОГДАН ‒ (оди и го свлечкуе за јака Пијаниот од кревет. Го дрма). Ко си ти? Кажи ко си, бре?
ПИЈАНИОТ ‒ Само гјибнете ме… јас се кје кажам…
ДАРА ‒ (го отима). Пусти га, гјаво га однеја. (Пијаниот се исчепкуе и бега надвор. Тешка пауза).
БОГДАН ‒ Ама како то? Значи… наши нису заузели Скоплје… Ама јели могукје? Сак ми је јасно зошто оно девојче изагје онако сербез…
ДАРА ‒ Шта кје сак буде, мајко моја?… Шта кје буде с нас…
БОГДАН ‒ (сржуе). Ти си крива, сунце ти твоје, ти ме превари.
ДАРА – А кад те ја тера да кјутиш?…
БОГДАН ‒ Откриемо све карте и ето… (Си ја кубе косата). Ех, ти… луда главо … како наседне… Поверова на једну блесаву жену… (Ја догледуе сликата од кралот на земи). Куде кјемо сак ову слику, бога му… Брже да се склони све то (ја, крева). Куде, куде?… (Се врти).
ДАРА ‒ Дај у ватру, Богдане… у шпорет… (му покажуе).
БОГДАН ‒ Добро велиш… још кје нат векју беду нанесе. (Ја кини сликата и ја фрла в оган. Двајцата стоат жалостиво и гледаат како гори. Пауза).
ДАРА ‒ Јадан наш кралј…
БОГДАН ‒ Оде моје начелникованје…
ДАРА ‒ Оде наша трогодишна плата…
БОГДАН ‒ (издишуе тешко.) Ах…“ [20]
ЗАВЕСА
Веќе во дидаскалијата Блаже Конески во својата едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“ пишува дека при влегувањето на Милка во куќата, во собата, со неа влегува и свежина. Значи, влегува новата слободна Македонска држава. Еве уште еднаш ќе го прикажам тој дијалог со влегувањето на Милка.
„МИЛКА ‒ (сама тропнуе и влегуе. Со неа влегуе свежина). Шта је ова врева и пукотници кај вас… дури оданде се слуша… Дај, реков, да надзрам малце… Честита ви Нова година на сите… Арна компанија сте се собрале“… [21]
И на крајот од оваа наша опсервација можеме да додадеме, како што впрочем вели и самиот Блаже Конески за својата едночинка „Гладна кокошка просо сонуе“, зошто понатаму не е поставена, па затоа што на премиерата се најде Радован Зоговиќ, кој оценил дека иако е добра едночинката, таа е опортуна, но во тој момент не би требало да се пишува на таа тема. И посоветувал да не се прикажува натаму.
[1] Пејковски, З. (2021). Блаже Конески присутен и во македонската драматургија. Скопје: Центар за култура и културолошки: 9-39
[2] „Разговори со Конески“, Цане Андреевски, Култура-Скопје, 1991;
[3] „Разговори со Конески“, Цане Андреевски, Култура-Скопје, 1991;
[4] „Разговори со Конески“, Цане Андреевски, Култура-Скопје, 1991;
[5] „Разговори со Конески“, Цане Андреевски, Култура-Скопје, 1991;
[6] „Разговори со Конески“, Цане Андреевски, Култура-Скопје, 1991;
[7] „Разговори со Конески“, Цане Андреевски, Култура-Скопје, 1991;
[8] Институт за театрологија-Скопје;
[9] Народен театар – Куманово 1947;
[10] Фондација „Македоника“ – Скопје;
[11] Блаже Конески, „За македонската литература, избрани дела, книга 4, Крсте Петков Мисирков“, изд. „Култура“, Скопје, 1967, стр. 103);
[12] Миодраг Друговац, „Повоената македонска литература I дел“, „Просветно дело“, Скопје, 1979 година;
[13] Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“, „Мала остенова библиотека“, Скопје, 1945;
[14] Миодраг Друговац, „Повоената македонска литература I дел“, „Просветно дело“, Скопје, 1979 година;
[15] Димитар Пандев, „Слова и согледби за Блаже Конески“, Култура, Скопје, 2019, с.63-64.)
[16] Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“, „Мала остенова библиотека“, Скопје, 1945;
[17] Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“, „Мала остенова библиотека“, Скопје, 1945;
[18] Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“, „Мала остенова библиотека“, Скопје, 1945;
[19] Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“, „Мала остенова библиотека“, Скопје, 1945;
[20] Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“, „Мала остенова библиотека“, Скопје, 1945;
[21] Блаже Конески, „Гладна кокошка просо сонуе“, „Мала остенова библиотека“, Скопје, 1945;
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)