Фолклорот како животен позив: (Кон петте децении собирачка дејност на современиот македонски фолклорист Иван Котев)
Развојот на македонската фолклористичката мисла подразбира достојно и доследно проучување на делото на собирачите на народно творештво оние кои ја плетеле арматурата врз која ќе се устрои цела една наука. Иван Котев, достојниот репрезент на фолклорот од струмичкиот крај (Глигоровски 2008:111) е собирач кој многу педантно го запишува и бележи фолклорниот метеријал. Иван Котев е роден во село Робово, Струмичко на 14.7.1939 година. По завршувањето на основното образование продолжува на Учителската школа „Гоце Делчев” во Штип. По завршувањето учителствува во повеќе села, претежно во Кочанско и Струмичко. Желбата да се надградува и да го дооформи своето образование, го води во Штип каде се запишува како редовен студент на Педагошката академија, на групата Македонски со српскохрватски јазик, а по завршувањето на студиите извесно време работи како наставник по предметот Македонски јазик. Во меѓувреме дипломира како вонреден студент на Филолошкиот факултет во Скопје на групата Историја на книжевностите на југословенските народи со македонски јазик. Како надворешен соработник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков” од Скопје, интензивната собирачка и проучувачка дејност на фолклорот ја започнува во 1970 година. Тоа го работи и денеска. Има собрано повеќе илјади народни песни, приказни, анегдоти, кажувања, пословици, поговорки и др. Поголемиот дел од овие материјали се снимени на магнетофонски ленти, а добар дел се предадени на Институтот за фолклор во Скопје. Има објавено значајни книги од областа на образованието и фолклорот. Настапувал и настапува на бројни научни собири со свои соопштенија и реферати.
Најсуштинскиот дел од неговата биографија е оној кога се навраќа назад во времето, таму гласот на неговата мајка, која со многу љубов ги пеела македонските народни песни, не престанува да одѕвонува и да буди посебни чувства:
Љубовта кон фолклорот ми ја вдахна мојата мајка Савета Котева[1] која знаеше многу песни. Подигањето на многудетната фамилија бараше извонредни напори и деноноќна работа. Секојдневните грижи и уморбата од работата ги ублажуваше со песна. Дури предеше на родајнот, пееше; дури ткаеше на разбојот, пееше; дури месеше леб и ја нагоруваше тешката подница – пак пееше. А ние, осум деца изродени година за година, слушавме и, понекогаш, пеевме со неа. Така растевме и не изгледаа мајка ми и татко ми Илија, сите осум деца. Станавме свои луѓе – пет браќа и три сестри.
Уште како дете си запишував песни во една тетратка која, за жал, ми загина. Во неа имав запишано прекрасни песни. И љубовта кон народната песна, приказна, ората, игрите што ги игравме со другарчињата, растеше.
Мајката како стожер на домот и во овој случај ја покажува својата неверојатна сила да им го всади на децата она што никој друг не може, љубовта кон своето, единственото неотуѓиво. Големата мајка, нашата прародилка е онаа праисконска фигура која носејќи го домот со себе, ја носи и традицијата како кров, закрила од невремињата. Токму мајката пеела и кога готвела и кога ја хранела стоката и кога работела по полето. Чудесна е таа човекова потреба преку песна да се ослободи од бремето, да земе здив кога на починка седнува под крошната на дрвото засадено на меѓата. Таа всушност ќе го запали огнот што во душата на синот гори и до денес. Како млад учител започнува да ги крстосува селата во струмичкиот регион, барајќи информатори. Од перспектива на повеќе од половина век, Иван Котев вака ги засведочува своите искустава со информаторите:
Првите записи ги направив на 13.1.1970 година, ден пред Старата Нова година, Сурва. Прв информатор ми беше Тодор Митев Донев од село Босилово, Струмичко, човек на свои седумдесет години. Бидејќи бев наставник во селото, лесно воспоставувме контакт. Тој тогаш ми испеа три песни.
Среќавав различни информатори. Некои без напори и убедувања се согласуваа да пејат или раскажуваат, а некои тоа го правеа после подолги разговори и убедувања. Овде најмногу помагаа моите познаници од дотичното село. Најтешко беше информаторот да испее една песна, после одеше полесно. Откако ќе испееше, му ја пуштав да ја ислуша сниманата песна и тоа за пејачот беше поттик. Ќе кажеше дека знае уште една, па уште една… И така сум снимал и по дваесеттина песни во еден ден.
Вештината на собирање, бележење и дешифрирање на фолклористичкиот материјал е аспект што посебно сакаме да го потенцираме кога зборуваме за подвигот на Котев. Стручното бележење на информаторите подразбира име и презиме на кажувачот, место и година на раѓање, вероисповед, професија, запишувач, дата и место на запишување, број на лента. Воодушевува неговиот однос кон информаторот, однос кој значи почит кон знаењето и мудроста што ги поседува малиот, сиромав и неписмен човек, а со толку дарба и чувство за чување и пренесување на традицијата. Со тоа Котев покажува највисок степен на самосвест за значењето на народната традиција како единствен и најсилен аргумент за вековниот опстанок на колективот. Остануваме занемени пред лицето на народниот раскажувач, пред оној трошен, подгрбавен, измачен селанец кој во себе носи толку богат и раскошен дух. Пред оној селанец со неверојатна меморија, оној кој умеел да ја раскаже приказната, да ѝ даде душа, да ја видоизмени, филигрански да ја доработи нејзината нарација, за да му ја подари на слушателот и да го натера да му верува на кажаното. Нашиот народен мудрец можеби не бил свесен дека, длабејќи по телото на приказната, како највешт копаничар го создава најубавиот орнамент, денес бесценет украс во витрините на македонската народна традиција. Во потрага по сопствениот идентитет, недвосмислено се навраќаме на зборовите на духовно преродениот и освестен Димитрија Миладинов кој во разговор со Коста, таткото на Марко Цепенков, ќе каже: „Јас сум сторил ниет да типосам една книга со песни и други народни сторенија за да останит за спомен на нашето потекло…“. Книгите што собирачите ги оставаат зад себе, не се само спомен, туку и најверодостојниот документ, потврда за нашето вековно постоење.
Преголем е влогот на Котев кога станува збор за македонскта фолклористика, но немерлива е неговата вредност кога станува збор за Струмица и нематеријалното богатство што регионот го поседува. Петдеценискиот труд на нашиот фолклорист се валоризира во последните неколку години кога започнува интензивно да го објавува сето она што го собрал на терен, а се однесува и на народната поезија и на народната проза: народни песни (лирски и епски), народни приказни (волшебни народни приказни, приказни за животни, анегдоти, преданија, легенди), пословици, поговорки, гатанки, клетви и благослови. Мора да се забележи дека неговата архивата содржи и значителен број на фолклористички единици како: народни обичаи, кажувања во доменот на обредната практика на нашиот народ, верувања, материјали што се документирани и се чуваат во аудио и видео формат. Иван Котев е автор на девет исклучително значајни книги за фолклорот од Струмица и Струмичко, а претставуваат книги со немерлива вредност воопшто во македонската фолклористика. Станува збор за книги што содржат оригинален фолклористички материјал собран на територијата на градот Струмица и неговата околина: 1. „Черешница род родила“ (Македонски народни песни, испеани од Савета Котева), Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Скопје, 1984; 2. „Енци Менци“ (Брзозборки, бројалки и залагалки за деца), Детска Радост, Скопје, 2002; 3. „Македонски народни приказни“, избор и редакција Иван Котев, Детска Радост, Скопје, 2007; 4. „Мудроста на вековите“ (Македонски народни пословици и поговорки од Струмица и Стримичко), Струмица, 2012; 5. „Опеана Струмица“ (Народни песни од Струмица и Струмичко), Струмица, 2016; 6. „Играле моми по месечина“ (Еротска народна поезија и проза од Струмица и Струмичко),Струмица,2018; 7. „Турунџула Каравлашки“ (Македонски епски народни песни од Струмица и Струмичко), Струмица, 2018; 8. „Девојчето со златно срце“ (Македонски народни волшебни приказни од Струмица и Струмичко) НЦУК Антон Панов, Струмица, 2019; 9. „Араптази“ (Волшебни народни приказни од Струмица и Струмичко) НЦУК Антон Панов, Струмица, 2020 година и најновата, десета книга од областа на фолклористиката: „Грозен бој се почна горе на Балкано“ (Македонски народни песни од Струмица и Струмичко за Балканските и Првата светска војна), Струмица, 2021.
Во овој контекст значајно е да го напоменеме и неговиот голем придонес во научните сфери на фолклористиката, етнографијата и етнологијата преку објавени над 200 трудови изложувани на бројни научни собири, симпозиуми и конференции. Коавтор е на три филмувани приказни снимени според народни приказни што ги запишал на терен и ги дешифрирал: 1. Дај, па се кај; 2.Маро, ќерко и 3.Џандаро Мемет.
Љубовта кон фолклорот за првпат ќе ја почувствува во домот, во кој неговата мајка Савета Котева ќе му ги испее најубавите народни песни. Подоцна, во 1984 година снимените народни песни ќе ги дешифрира и ќе ги објави во книгата „Черешница род родила“. Кога станува збор за приказните, со нивно собирање и запишување ќе започне малку подоцна. Првата приказна што ја слушнал и научил, а ќе ја запише дури во 1975 е приказната „Араптази“, раскажана од неговиот татко Илија Котев Ѓоргиев. Временската рамка на запишување на приказните го опфаќа периодот од 1972 до 2020 година, а со бележење на песните започнува многу порано.
Иван Котев пет децении го собира и грижливо чува фолклорното богатство на струмичкиот регион. Неговиот потфат подразбира своевиден археолошки приод кон усното нематеријално културно наследство лоцирано, обележано и „ископано“ на теренот на Струмица и Струмичко. „Ископувањето“ на таквото богатство, значи неуморно премерување на теренот што се истражува, барање информатори кои со многу чувство и почит му пристапуваат на предизвикот и најпосле, пресоздавање на уснонавезената низа од зборови, во пишан документ, со вредност на артефакт. Како плод на децениското трагање по бесценетостите, што нашиот народ толку љубоморно ги чувал и пренесувал на своите потомци, Иван Котев ги селектира, дешифрира и чува вредните артефакти што ги ископал од плодната струмичка почва. Од десетте објавени книги со вреден фолклористички материјал (песни, приказни, кратки книжевни жанри) посебно воодушевува најобемната книга која всушност претставува потесен избор (од огромниот број собрани, снимени и дешифрирани материјали) на волшебни народни приказни под наслов „Араптази“. Книгата содржи и речник на помалку познати зборови, изрази и фрази кои се среќаваат во приказните, а се толкувани во нивното буквално или преносно значење.
Фолклорниот материјал застапен во книгата „Араптази“ е собиран на многу места од струмичкиот регион и затоа неговата автентичност и оригиналност се највредниот знак за распознавање. Буквално, Котев ја има изодено струмичката околина од Беласица, до Огражден и Еленица, па и пошироко. Иван Котев е единствениот запишувач и истражувач на фолклорот во струмичкиот регон кој има собрано над сто волшебни народни приказни. Со огромно искуство во собирачката дејност, Котев со многу посветеност и саможртва трага по информатори, со многу вештина и трпение успева да го извлече сето она што тие го носат во себе. Надарениот фолклорист ги снима, запишува и дешифрира приказните раскажани на еден автохтон дијалект, како што е струмичкиот, кој има свои специфики и препознатливи карактеристики. Етнографскиот пристап подразбира паметен избор на соодветни информатори, градење доверба на релација информатор-запишувач, транскрибирање на усно пренесените фолклористички единици како и бележење генеалошки податоци. Ако етнографијата е како читање на туѓ манускрипт, изветвен, полн со празни места и недоследности (Гирц 2007:19), тогаш мисијата на фолколористот значи обид за дешифрирање на таквиот манускрипт, како и обид за пополнување на празнините и формирање на мозаикот, слика за профилот на нашиот предок.
Во приказните од книгата „Араптази“ живее и пулсира духот на народниот творец, создавачот, кој со сето свое знаење и мудрост, создал многу варијанти на приказни во кои се препознаваат универзални мотиви. Во сето она што досега го објавила македонската фолклористика, не постои книга којашто содржи оригинални народни приказни од струмичкиот регион. Во овој избор се сместени околу осумдесет волшебни народни приказни, изделени од огромниот број приказни коишто Котев ги собрал и запишал. Секоја приказна носи во себе специфична нарација, карактеристика која многу зборува за информаторот, за семејните, општествените, економските и културните прилики во времето во кое живеел. Во овие приказни, снимени (поголемиот дел од нив) во минатиот век, се зачувани особености на струмичкиот дијалект што веќе умираат или се непознати за новите говорители. Во дел од приказните, особено оние запишани во седумесеттите години на минатиот век, јазикот се чува скоро во конзервирана форма. Од лингвистички аспект, овие приказни се солидна основа за проучување на дијалектолошките особености на струмичкиот говор, промените, влијанијата како и меѓујазичните контакти што се случувале низ годините, а го видоизмениле локалниот говор. Јазичните белези на сказничната нарација откриваат архаични наслојки на еден локален говор кои во современ контекст не се среќаваат, бидејќи истите се пасивизирале. Единствено народната приказна останала да сведочи за нив. Токму заради овој факт, вредноста на приложениот материјал е немерлива и е од огромна важност за зачувување на културниот идентитет на една средина. Имајќи го предвид фактот, што струмичкиот регион е најмалку истражуван, а уште помалку има објавено оригинален фолклоритичко‒етнографски материјали, изборот што го приложува Иван Котев претставува огромен влог за подобрување на наведената состојба.
Волшебните приказни во книгата „Араптази“ чуваат во себе „фосилни остатоци“ (според терминологијата на Нина Анастасова – Шкрињариќ) од сите фази на еволуција низ кои поминало човештвото. Во нив се чува сè уште живата митска мисла (митските време и простор) и нејзината функција во релацијата митологија-религија. Во меѓуредовите на сказната се испишани кодовите на првобитното религиозно човеково искуство (анимизам, тотемизам, шаманизам, табу и мана), а се исцртуваат и ликовите на божествата од уранскиот, соларниот и хтонскиот принцип. Да ги разбереме сказните треба да ја познаваме книжевноста, филозофијата за поглед на свет но и фолклорот, народната книжевност, етнологија (предмети, објекти од обичаите), антропологијата, психологијата, социологијата и слично. Доколку ја сфатиме логиката на сказната, тогаш ќе успееме во дешифрирањето на културните обрасци врз кои се темели нашата култура и воопшто човековата цивилизациска историја. Културата е систем на кодови исто како и јазикот. Доколку научиме да ги читаме пораките од митско-магиското сфаќање на светот, тогаш ќе сфатиме како и зошто одредени предмети, ликови и сижети се скамениле во сказната.
Самопожртвувано, со многу љубов и труд, Иван Котев докажа дека скоро и да нема место каде човек може да пушти рака, а да не ископа вреден фолклорен артефакт. Со тоа само ја потврди тезата дека нашите предци од овој крај имале богат духовен живот, имале свој свет, ограден со густиот плет на традицијата и во него живееле и му пркоселе на заборавот. Не можеле да бидат свесни дека знаењето што го носат во себе, во некоја блиска или подалечна иднина ќе прерасне во општочовечко културно благо. (Витанова-Рингачева 2020:30). Традицијата е живиот извор од кој се хранат јазикот, историјата, уметноста и воопшто културата. Таа е насекаде околу нас и само со неа борбата за зачувување на идентитетот има смисла. Делото на Иван Котев е најсилен аргумент во таа борба, бидејќи најгласно говори за тоа колку се длабоки корените на македонската народна традиција и дека сѐ уште го хранат со живот стаменото тело на македонската духовна опстојба.
[1]Савета Котева, моминско Митева, (1909 – 1982) е родена во село Робово, Струмичко.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)