Историско-уметнички запис за постоењето
(за „Хераклеа Линкестис“ од Вања Ангелова, Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, 2018)
Поетското остварување Хераклеа Линкестис на Вања Ангелова од Бугарија кое претставува една нестандардна интертекстуална поема со утврдена форма создадена на иновативен начин, но со нагласени лирски и епски моменти ја има добиено гран при наградата за поезија за 2018 година од Битолскиот книжевен круг, награда која редовно се доделува еднаш годишно за поетски остварувања кои даваат исклучителен придонес во поезијата и од тие причини е објавена во издаваштво на Битолскиот книжевен круг. Хераклеа Линкестис е лирско-епски запис за античкиот период кој се врзува за овие простори, а кој особено плени со својата препознатлива реторичка експресија во која доминантни се историските личности, но и митолошките ликови, суштества и претстави, ликови од Хомеровите Илијада и Одисеја, топоними кои се врзуваат за стари локалитети со позната историја како што се: Филип II Македонски, Клеопатра, Евридика, Персеј, Орфеј, Дионис, Зевс, Кербер, Хеба, Мегала, Орфала, Херакле, Аргеадите, Хера, Херкулес, Тукидид, Тетида, Хектор, Ахил, Елена, Хирон, Танатос, Хадес, Харон, Медуза, Посејдон, Геја, Микена, Тезеј, Пела, Дарданци, Аминта, Октавијан, Август, Јулие Цезар, Антониј, Тива, Пелагонија, Хераклеа Линкестис, Атлантида, Александар, Букефал, кентаур, минотаур и многу други (И оваа ноќ ја сонував Атлантида,/ Тимеј и Критиј, Платон и Сократ,/ големите борци на Линкестида…Со штит и оклоп за дар од небото идам/ и со вистинска желба за воен пат./ Свештеничката фела на Адот е победена./ Се родив во пазувите на Атлас./ Веројатно затоа сум озарена/ од сонцето со крилјата на Пегаз… (Линкестида, стр. 11).
Книгата се состои од три дела со наслови: Линкестида, Одзвуци од Хераклеа и Звуци од Кифара и Кинор. Првиот дел, Линкестида, се доживува како градациски вовед во приказните за античките јунаци во којшто се навестува начинот на кој настанала оваа епопеја за античките корени на Македонците. Таа е вдахната од скаменетото време кое живее во торзото на боговите, од прашливиот здив на закопаните ходници по кои некогаш чекореле Македонските кралеви, од смарагдните погледи на императорите. Лирскиот субјект го набљудува каменот и се поврзува со него до таа мера, што тој добива антропоморфни карактеристики и може да зборува и за себе и за другите низ вековите. И оттука, оживува историјата која најпрвин се одвива пред очите на лирското Јас, а потоа и пред очите на читателот кој активно учествува во создавањето на тоа значење (Урнатини, пеплишта, старини…/ Јазикот и зборот се врежани во книга./ Судбината броди во овие ширини,/ каде пее полската чучулига… Од чисто злато, мермер и метал/ колона и колона се издига./ Мозаиците на царските дворци/ блескаат како бели олеандри… Од фина прашина е вајана земјата/… И каменот не сака да е молчелив/ и во стихови за себе говори. (Монолог на каменот, стр. 7)). Вториот дел со наслов Одзвуци од Хераклеа содржи песни со митолошки суштества и ликови кои се поврзуваат со Хераклеа: танцот на вакханките, Еримантскиот вепар, Аргеади, Дионисии, Розалии, Мелпомена, Тартар, Кербер, Немејскиот лав, Критскиот бик и многу други… Третиот дел е најмногу посветен на периодот во кој владее Филип, а завршува со песната со наслов Вергинската ѕвезда (Раката ми ларнакса галежи златни./ Коњите се подготвени да ездат./ Могилите на Аргеади славни/ ги огреа Вергинската ѕвезда (Вергинската ѕвезда, стр. 80).
Овој интертекстуален, историско-уметнички, лирско-епски и лексички богат текст изобилува со стари лексеми кои денес не се употребуваат (сариса, кадани, бахарат, анами, махаири, пелти, скелме, смутои, смелак, миро, елеј, дионисии…), што укажува на сериозниот стручен и научен лингвистички пристап на поетесата при создавањето. За тоа заслуга има и Петре Димовски кој направил извонреден препев во кој се зачувани семантиката, но и ритмиката и музиката на стиховите. Тоа е од особена важност, затоа што стиховите во Хераклеа Линкестис се стегнати, римувани и со правилен ритам. За нивната музика придонесуваат и фоно-морфолошките стилски изразни средства како што се асонанцата и алитерацијата, но и асиндетот и полисиндетот. Оттука, препејувачот имал извонредно тешка работа, така што може да се рече дека тој делумно е и коавтор, затоа што морал да даде свои оригинални решенија за стиховите за тие да ја зачуваат својата семантичка вредност од една страна, но од друга страна и да звучат како во оригиналот или со други зборови – да личат на Вања Ангелова.
Истражувачкиот и темелниот пристап како подготовка за почнување на наративната постапка е повеќе од очигледен, затоа што книгата изобилува со историски прикази на животот на човекот во времето на познатите македонски кралеви кои само ја продолжуваат приказната за важноста на освојувачките походи во себереализацијата, но и откривањето на потеклото на големото семејно стебло кое се протега многу векови наназад, затоа што неговиот корен има доволно сила за да ги храни сите свои чеда. Токму поради тоа, но и поради мајсторски изведената визуелно-аудитивна престава за херојските подвизи на митолошките јунаци, за хероите на старото античко време на чии херојства и денес се восхитуваме и кои станале симболи за егзистирањето на одреден стадиум на човековата душа, а особено заради синестетичката дескрипција на миговите кои се одликуваат со изразит лиризам, чувствуваме како пред нас да се одвиваат сцените исполнети со нежниот глас на флејтата, предизвикувачкиот танц на вакханките, бакнежите запечатени од мирисот и бојата на виното, развеаните долги коси кои бесрамно паѓаат врз голото тело на менадите (Под звуците на флејти и тапани/ галопирање на бакхантите во крвта./ И се поклонуваат сите излудени.// Менада е безумна во ек расцветен/ на својот тирс се врти лудо./ Косите и се и срма и сатен./ Магијата е повеќе од чудо.// Ноќта уште на целер мириса,/ на фикус и на расцутени фиданки./ Земјата во порив свет и вечен се круниса,/ танцува со жестоките вакханки (Танцот на вакханката, стр. 26)). Ангелова изградила книжевен свет на фикцијата во која ликовите кои се носители на главните дејства се пластично претставени со нивните највпечатливи карактеристики по кои станале симболи. Овде се зборува во множина затоа што раскажувачката постапка опфаќа повеќе приказни кои се испреплетени едни со други, но кои во исто време претставуваат независна и компактна контекстуална целост во која коегзистираат плејада од ликови од кои некои живеат во исто време, но има и такви на кои поетесата се повикува или ги споменува, но се дел од друга хронолошка рамка. Токму поради ваквите експериментални поставки на актантите песните се доживуваат и како намерно хронотопско искривување и интерхронолошко градење на световите за кои може да се рече дека коегзистираат природно во нова фикциска средина која својот извор го има во хронолошката поставеност на настаните. Со ова како да се сака да се постигне ахронологија на хронолошкото, односно како да се сака да се каже дека секоја временска точка е севремена затоа што сѐ што се случило некогаш, пред тоа веќе било случено и сѐ што се случило, пак ќе се случи, затоа што животот на човекот се состои токму од тоа: броење на миговите и нивно врамување за да не заборавиме кои сме за да знаеме кон што одиме и што ќе бидеме кога ќе се разбудиме во некое друго време, затоа што ништо не почнува со нас, но ако не сме ние, нема да продолжи.
Преку овие ликови, Вања Ангелова ја раскажува човечката приказна за љубовта кон мажот или жената, за лукавоста, измамата, страста, војната, омразата, љубовта кон народот и грутката земја, раѓањето, умирањето, одмаздата, пеењето, поезијата, хедонистичкиот поглед на свет,… а сето ова, како што веќе рековме била, е, но и ќе биде основна одлика на човековиот род независно од времето во кое живее. Имајќи го предвид сето ова, ние како читатели, почнуваме да ги чувствуваме како свои блиски и Филип и Александар и Ахил и Херакле и Клеопатра,… затоа што нивните радости, болки, страдања, љубови стануваат и наши, а тие се запишани во нашата ДНК, а сега тој запис е овде – меѓу страниците на Хераклеа Линкестис.
Ангелова има и три песни кои ги посветува на нашите познати писатели и универзитетски професори од интернационален ранг: Јордан Плевнеш, Васил Тоциновски и Христо Петрески и на тој начин искажува почит и благодарност за нивното дело, но и ја истакнува поврзаноста со нив на едно повисоко и поетско рамниште. Од нив, Плевнеш и Тоциновски, но и Димитар Пандев имаат напишано позитивни рецензии за Хераклеа Линкестис кои се интегрален дел од оваа книга, а сето тоа зборува за естетската и националната вредност на ова книжевно дело, кое е само еден дел од големата епопеја на македонската античка историја која Ангелова ја раскажува на лирски начин и со многу музика во стиховите.
Песната има моќ да создава светови, но и да се бори против непријателите и секогаш е на страната на доброто таму каде се спротивставуваат сили со различен поларитет. Во тој стил и ќе завршам: Свири, Орфеј, на лирата чудна,/ и Кербер, ако можеш, забави!/ Ноќта избелува со сеништата бавно./ Душата се стреми кон висови! (Кербер, стр. 53).
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)