Цикличноста на формите во поетскиот израз на Ристо Василевски
(Поговор кон словачкото издание на книгата SRDCE KRUHU од Ристо Василевски,
(Bratislava: Spolok slovenských spisovateľov, 2020)
Делото на значајниот дводомен македонско-српски поет, есеист, книжевен критичар, преведувач, составувач на бројни антологии, издавач и академик Ристо Василевски (1943) е во Словачка досега, за жал, малку познато. Независно од неспорниот факт дека станува збор за навистина исклучителна личност од корпусот на современите јужнословенски книжевности, до неодамна беа преведени и издадени на словачки јазик само неколку негови песни во културната периодика. Се работи за исклучително плоден и, пред сè, квалитетен автор, чие творештво е преведено на повеќе од триесет јазици. Василевски е наедно и носител на многу престижни книжевни признанија ширум светот, а за неговиот творечки опус се веќе издадени и неколку научни публикации. Сето тоа се потполно оправдани причини што ни даваат право да ѝ посакаме добредојде на прилично обемната книга поезија Срце круга (Оди во кругот) во превод на словачки јазик на познатата поетеса и млада славистка Катарина Џункова. Веднаш на почетокот бев убеден дека без никакви забрани треба да се поддржи овој издавачки потфат, кој најпосле беше професионално реализиран од страна на Друштвото на словачки писатели со седиште во Братислава.
Кога ќе го дочитаме ова прво словачко издание од поезијата на Василевски, можеме најпрвин со голема доза на сигурност да констатираме дека Ристо Василевски како искусен поет ја тематизира првенствено човековата немоќ пред Божјата креација и поредок дури и тогаш кога човекот е милосрдно даруван од раката на Творецот. Оттаму извира и истакнатиот стремеж на споменатиот поет да се навраќа кон елементарните, дамнешни прапочетоци и кон суштинските елементи на Божјата семоќ и добрина како кон тема за целиот циклус од сите понудени оди, во оригиналниот јазик игриво преименувани во израз на согласност и афирмација „О, да, односно. (o)да“ (Ó, áno – óda – словачки). Душата, иако слободна, во оваа поезија на Р. Василевски претставува зрак на микро и макрокосмосот, па затоа и се јавува како основна космогониска единица, која ја развиорува ославата на формите и на останатите поими (материјата, зборовите, гласот, празнината, свеста, лебот, правта, времето, имагинацијата, разумот, меморијата, страстите, млекото, светлината, песокот, громот, темнината, патот, тркалата, стравот, убавината, јаболкото, совршеноста, иднината, детството итн.), непрестајно се движи на крстопатот меѓу светот на живите и светот на мртвите, меѓу егзистенцијата и неегзистенцијата, меѓу стварното и метафизичкото, што сетне го симболизира и трајното кружење на нивната заемна обновливост. Тоа е така бидејќи секоја доба, па и оваа нашата во која сега живееме, апокалиптична и во многу нешта расипничка, се труди да го запре и да го кристализира неповторливиот човечки запис на нејзината онтолошка состојба во одредена форма, која има сопствен скриен систем, свои невидливи правила.
Во поетското творештво на Ристо Василевски, значи, се среќаваме со циклични форми на изразот во случаите на т. н. оди. Експресивноста на уметничкиот израз на Р. Василевски во конкретните песни (оди) е наизманично инхерентна и адхерентна. Типични инхерентни експресивни средства за Ристо Василевски претставуваат некои од милозвучните зборови со сликовито значење. Нивната експресивност, впрочем, не е стекната, туку е примарна, првична. Адхерентната експресивност потоа претставува стекната, секундарна карактеристика на зборовите и најчесто произлегува од останатите значења на изразот. Од друга страна, пак, иконичноста на изразот на Василевски е во функција на потенцирањето на вербалната порака при искажувањето односно при отсликувањето на стварноста, која ја опфаќа во себе и врската на пораката кон истата таа стварност (процесот на создавање на поединечните песни, т. е. оди). Ваквите два аспекти на вербалното искажување биле предмет на поучување за поетската, т. е. за реторичката уметност уште во античките поетики и реторики, кога одата како жанр почнала да се раширува. Меѓутоа, кај Василевски е освен тоа видлива и т н. контемплативност на изразот како сосредоточено размислување, осмислување и приврзување кон „човековите нешта“ и кон тајните на светот. Раѓањето на контемплацијата како психичко-духовна активност на човекот е поврзано со неговиот дамнешен, привичен восклик во светот, со неговиот восхит кон светот и со размислите за смислата на сето она што постои околу нас. При контемплацијата, лирскиот субјект на Василевски се обидува да му се приближи на предметот, на објектот на својата душевна насоченост не од причина да го осознае него, туку за да стигне во негова близина (до неговото енергетско поле) или пак да се сплоти со него. Во религиозно нијансираните песни односно оди, на тој начин, контемплацијата се пренесува врз трансцеденталните положби на човековото битие. Во тајните на Творецот (проблемот на раѓањето на сето она што нè опкружува), Господарот (проблемот на смислата на човечката егзистенција) и Владетелот (проблемот на неговиот однос кон сè што постои) се бараат одговорите на вознемирувачките прашања за смислата на сета егзистенција.
Од историјата на книжевноста ни е познато дека еповите на потрагата (по семејството, љубената личност, родината, идеалот…) ја поврзувале контемплацијата со елементите на епските жанрови. Првите преовладувале во уметноста и книжевноста на Истокот, вторите во уметничките структури на Западот. Како поврзувачка алка се јавувала лиричноста, лиризмот во искажувањето и восхитот кон предметот на контемплацијата односно отсликувањето. И такви песни наоѓаме во поетската книгата Srdce kruhu од Р. Василевски во кои, сепак, лирскиот субјект воопшто не се обидува да се поистовети со Бога (во покорноста се гледа како несовршено битие), попрво сака само во контемплативната вдлабоченост да му приближи на Семоќниот и да го замоли за прошка и за благослов. Меѓу субјектот и објектот на контемплацијата се наоѓа провалија – затоа во контемплацијата оној што контемплира се обидува да го восприеми во својата душа ореолот на Владателот над сите и над сè. Затоа и можеме да изречеме мислење дека т.н. христијанска лирика на овој поет не го бара, бидејќи таа веќе го има својот Бог, не се двоуми, туку само го зацврстува својот однос кон апсолутната вредност во која поверувала. Но, подоцна, се чини дека некои други песни како да ја потиснале контемплацијата на маргините од неговиот интерес. За владател на животот и на светот, кој го спознава и го моделира според своите претстави, почнува да се смета човечкиот разум. Важечка е таму максимата дека тоа што не е осознаено, човекот скоро ќе го осознае, а останатото и не е од толку суштинско значење. Тоа значи дека цикличното движење за Ристо Василевски претставува, во основа, исто така каква било кружна форма или движење, во преносна смисла – повторувачка појава која токму преку тоа кружно движење по исполнувањето на зацртаниот пат се враќа кон исходиштето, односно директно му се отвора на читателот. Во преносните значења потоа сите циклуси во книгата (Rozprašovanie kruhu, Kruh z ód, Božie veci, Univerzálna melódia, Artefakty – potomstvo, Svetlé a temné body, Cesta – tiene, Svätá báseň, K dokonalosti, Zo srdca kruhu – z raja) претставуваат затворена целина создадена со структура која може до бесконечност, „во циклус“, ритмички да се повторува.
Перфекционизмот на поезијата од Василевски провоцира да се интерпретираат подетално неговите стихови, бидејќи на читателот му е тешко да поверува дека авторот открил сè што се скрива зад едноставната раскошност на несекојдневниот поетски говор. Поетот пишува оди за различни животни феномени кои го опколуваат човекот и кои на специфичен начин ја определуваат неговата земска егзистенција. Секоја ода од Ристо Василевски е повторена збирка на мал простор: мал круг во средиштето на големиот круг. Самиот наслов на книгата го поврзува емотивното со геометриското. Типичен модел, пак, на неговите „филозофски песни“ е анализата – извесна атомизација што води кон синтеза на принципот на синекдохата со принципот на духовноста. Трите основни мотиви (природата како совршенство, вербата на човекот како страст и љубената тишина како благодарност) го проектираат особениот оригинален поетски свет. Се разбира, може да се оди и уште подлабоко и со целосна предаденост да се анализира сето она што македонско-српскиот лиричар мајсторски го вметнал во катедралските класични форми на одата. Ама, треба притоа и да се дополни тоа дека Василевски не доаѓа кај нас скромно и незабележливо, иако неговата поезија не милува само возвишени зборови, а освен тоа и воопшто не настојува да се облекува во атрактивни рува, кои би ѝ помогнале во достигнувањето на добро познатата лажна популарност денес. Василевски уште со својата прва стихозбирка зачекори по сопствен пат за да остави во македонската и во српската лирика значајни и трајни траги. Овој автор речиси четириесет години ѝ се спротивствавува на модата со својата нестивнувачка жед по чистотата на песната, по нејзината внатрешна динамика, со привидната ноншалатност и со леснотијата на изразот. И наспроти тоа секогаш има и повеќе од доволно инвентивност во него за да може и со помош на т. н. традиционалистички постапки да отвора нови хоризонти за светот што е навидум ограничен од долго повторуваните атрибути.
Неопходно е, на крајот на краиштата, да стигнеме до смислата и значењето (и кон филозофијата насочена кон познанието), кои поезијата на Ристо Василевски често и великодушно ни ги нуди, а во еднаква мерка и кон поентирачките пораки на неговите песни кои стануваат рамноправни учесници во цивилизациските процеси, за да ја зграпчиме нивната естетска јакост, а со тоа и нивната уметничка вредност. Таквата постапка на вреднување неретко си бара и цели години бдеење над текстовите, па затоа со радост констатирам дека со ваква истражувачка цел за понирање во најдлабоките слоеви на поезијата од Ристо Василевски започнуваме конечно и во словачкиот културен ареал, а тоа благодарение на предметниов превод на неговата стихозбирка Срце круга (Оди во кругот). Добрата поезија, всушност, како преднаучен стадиум на мислењето, мора да го открива она што уште не им е достапно ни на смислата ни на интелектот, она што засега е само во сферата на претпоставките, претчувствувањата и соништата, она што е невидливо. Некој би можел да противречи дека настојуваме да воздигнеме извесни метафизички параметри на поетскиот текст и на сето она што во него ни изгледа трансцедентално. Ама, решението лежи во тоа што низ понудената толкувачка призма на поезијата на Василевски – трансцеденталното е реално. Само што до таквата скриена реалност на неговите песни во Словачка досега не можевме да стигнеме преку посветениот начин на интерпретација. Конечно, еве, имаме можност да го пополниме и тоа бело место во мозаикот.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)