ТВОРЕЧКО ПРИЈАТЕЛСТВО SUB SPECIАE AETERNITA-TIS (СПОРЕД УРНЕКОТ НА ВЕЧНОСТА): Веле Смилевски и Раде Силјан
Наместо вовед
Во овој текст се врши своевидна компаратативна евалуација на творештвото на двајца наши истакнати поети и претседатели на ДПМ и на Собранието на ДПМ, во повеќе мандати: Веле Смилевски и Раде Силјан. Исто така е направаен краток осврт кон две нивни книги и тоа: „Песната палимсест“ (2017.) од Веле Смилевски и „Устата на јавето“ (2017.) од Раде Силјан. Вистинскиот повод за тоа е „златниот јубилеј“ (50 години) од нивното творечко пријателство, кој се наврши во 2017. година, а догодина ќе биде 55 годишнина од нивното творечко пријателство.
Според еден од учениците на познатиот филозоф Сократ, Аристип, смислата на животот, меѓу другото е и да си овозможиме разни радости и задоволства, а секако при тоа со тоа да не наштетуваме на другите. Затоа денес се собравме овде, како што пееше Гане Тодоровски во истонасловената песна, за да се случи настан за троа радување (Тодоровски 2:303-304).
Творештвото е еден од најважните атрибути на Бог, дури и еден од најчесто употребувани епитети за него е – Творецот.
А според познатиот филозоф Аристотел пријателството, тоа се две души во едно тело. Па, така, ако се поврзи творештвото пријателството, можеме да кажеме дека творечкото пријателство е божји атрибут манифестиран преку две души во едно тело. А за траењето на едно такво пријателство и доживувањето да се стекне со епитетот „златно творечко пријателство“ (50 години, по аналогија со „златна свадба“), тоа е навистина исклучително ретка пројава која вреди најдлабоко да се почитува. А виновници за тоа се двајцата витези на перото од долината на Еригон, Веле Смилевски и Раде Силјан.
Симболиката на бројот 2 според речникот на симболи од Шевалие и Гербран упатува на тоа дека:
“Бројот два симболизира дуализам на кој почива целата дијалектика, секој напор, секоја борба, секое движење, секој напредок. Но, делењето е принцип и на множењето и на синтезата” (Шевалие-Гербран, 2005:225)
Со оглед на тоа што денес промовираме две книги, редно е да се каже нешто и за симболиката на книгата, за да нема никакви дилеми околу тоа.
Симболиката на книгата
Според речникот на симболи на Шевалие и Гербран: “Банално е да се каже дека книгата е симбол на знаење и на мудрост, но таа навистина е тоа…Книгата е пред се, ако се подигнеме за степен повисоко, симбол на светот. Светот е голема книга. Изразот Liber Mundi им го должиме на Розенкројцерите. Книгата на животот од Откровението се наоѓа во средиштето на рајот и се идентификува со стеблото на животот: листовите на стеблото како и буквите во книгата ги претставуваат сите суштества заедно, но и сите божји одлуки.” (Шевалие-Гербран, 2005:472)
А според речникот на Тресидер:
“Како очигледен амблем на мудроста, науката и учењето, книгата исто така се применува во иконографијата и како симбол на Божественото Откровение, особено во христијанската и исламската религија. За арапските мистици книгата била метафора на самиот живот, на целиот свет. Во некои легенди за Гралот рицарите не ја бараат чашката, туку книгата и изгубениот збор. (Тресидер, 2001:108)
Симболиката на Пирејот и поетите од бреговите на Еригон
“За нас пирејот е синоним за тешкотија која постојано се обновува, заради маката сокоја се откорнуваат долгите корења на ова жилаво растение од земјата.
Во древна Кина, каде очигледно такви тешкотии не постоеле, белите корења на пирејот се користеле во некои ритуали поради прочистувачката способност по која коренот на пирејот бил познат. (Шевалие-Гербран, 2005:784)
2.- Веле Смилевски (роден 1949 година во с.Ново Село, Демир-Хисарско) од 1953 година живее во Битола, а од 1968 година во Скопје. Од 1985 година е научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје. Тој е поет, романсиер, литературен критичар, есеист, книжевен научник, доктор по филолошки науки.
Тој е поранешен претседател на ДПМ, уредник на издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје, главен и одговорен уредник на Македонскиот книжевен гласник „Синтези“.
Досега (до 2017. Година) има објавено 14 книги поезија (при што избори од неговата поезија се објавени, освен на македонски и на српски, албански, чешки, руски и англиски јазик). Добитник е на бројни престижни домашни и меѓународни награди и признанија. Објавил и 13 книги литературна критика и есеистика, составувач е на три антологии, и приредувач на 7 книги за македонската книжевност.
2.а) Раде Силјан (роден во с.Жван, Демир-Хисарско во 1950 година), поет, есеист, критичар, преведувач, антологичар. Завршил Филолошки факултет – јужнословенска книжевност на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како новинар. Бил главен и одговорен уредник на Третата програма на Македонското радио и генерален директор на книго-издателството „Македонска книга“. Тој е основач и главен и одговорен уредник на „Матица македонска“ од Скопје. Претседател на ДПМ во два мандати (2008-2010, 2010-2014), а подоцна и претседател на Собранието на ДПМ.
До 2017. година му се издадени 17 стихозбирки, на 11 книги со критики и есеи и на 12 антологии од македонската и балканската поезија, проза и критика. Објавени му се избрани дела во 6 тома. Неговите дела се преведи на повеќе странски јазици. Добитник е на повеќе национални и меѓународни награди, меѓу кои и на државните награди „11-ти Октомври“ (2010.) и „Свети Климент Охридски“ (2015) за животно дело од областа на културата.
За книгите
3.- Поетската книга „Песната палимпсест“(стр.750) од Веле Смилевски е всушност избор од неколку негови порано објавени поетски книги (Педесет песни, Педесет допевања, Час по поезија, Забранета книга, Век за самување и Век за приказ).
Насловот на оваа книга е според истоимената песна „Песната палимпсест“ од книгата „Педесе песни“, во оваа книга (п)ре објавена на стр.137.
На почетокот од оваа книга има обемен текст (71 страна) со наслов „Песната палимпсест“ во кој има повеќе поднаслови. Во првиот поднаслов „1. Арс поетички коментари“авторот Смилевски се осврнува на својата поезија и на своето творештво, посебно за неговата поврзаност и инспирација од творештвото на Константин Миладинов. Тука исто така отворено укажува и на поврзаноста на творештвото од Блаже Конески со неговото творештво, при што навистина тоа може да се вреднува како една многу искрена поетско-самокритичка обсервација. Само со тоа тој го заслужи епитетот поетски мудрец. Ова заради едноставниот факт што го изнесува Антоан де Сент Егзипери во „Малиот принц“: “Многу е потешко да си судиш сам себеси отколку на другите. Ако успееш правилно да си судиш сам себеси, тогаш си вистински мудрец” (Сент Егзипери:53). А мојата перцепција е дека критичарот Веле Смилевски, суди многу објективно (читај: правилно) за поетот Веле Смилевски.
Вториот поднаслов од овој воведен дел со наслов „Искуства“ е многу интересен и од филозофско-социолошки, и од психолошки, но и од педагошко дидактички аспект. Авторот во овој дел дава презентација на своите дневници од претстоите во странство, а посебно се задржува на два негови подолги претстои – во Москва и Прага. Е, тука веќе е интересно што можат да се направат паралели со искуствата на Гане Тодоровски во Москва (како Locus standi et locus operandi), која тој ја нарекува „Белокамената“ во песната “Последниот сон на поетот”. (Тодоровски т.1:221).
Другите поднаслови во овој обемен текст се: 3. Век за самување, 4.Песната тестамент и 5. Поезија и критика. Во последниот дел со наслов „Критиката за поезијата на Веле Смилевски“, на цели 126 страни се презентирани критички текстови за поезијата на авторот од еминентни македонски и странски автори.
3.а) „Устата на јавето“ е најновата поетска книга на Раде Силјан.
Таа содржи вкупно 69 песни, кои освен во Пролог-от (1) и и Епилог-от (1), се поделени во неколку циклуси и тоа: Ноќ бескрајна (13), Записи (8), Лузни (5), Траги (11), Отворени рани (16), Слики од животот (14).
И во оваа најнова поетска книга Раде Силјан е доследен во своето творештво. Имено, тој обработува и универзални теми, но не заборава да пее за маките и страдањата на својот македонски народ. Тој пее и за поетите и за нивната судбина во денешно време. Во таа смисла во песната „Поетот на нашето време“ Силјан пее:
Поетот на нашето време/Во шума од идеали/Ноќе скита
Скришни места бара/И на гола месечина/Со свои заблуди оро игра.
И како последица на таквиот негов однос кон стварноста и кон самиот себе, неговата судбина е неизбежно жална:
И во свет од лажни слики/Пред олтарот на тагата/Ко свеќа догорува сам (Силјан, 2017:7).
Раде Силјан врши критика на познатата народна поговорка „молчењето е злато“ и во песната „Молк“ пее дека дури и на свети места се присутни „глуви мисли“.
Песната по која го носи насловот книгата „Устата на јавето“ е поместена во првиот циклус „Ноќ бескрајна“. Во неа поетот Силјан пее и за страдањата на луѓето и за нивните сомнежи и прелаги, за љубовта и љубомората, и за животни случки и проколнувања, па дури и за „се што ќе ти се насели во сонот“, наспроти молкот и глувотијата, тој вели дека „устата на јавето/во својата одаја се ќе збере/ (Силјан,2017:13).
Во првиот циклус поетот пее и за убавината, за болката и радоста, за самотијата, за сонувањето, но и за спомените. Притоа не заборава да пее и за нашите манастири (песната „Карпински манастир“).
Во вториот циклус се поместени повеќе песни во кои Раде Силјан пее за разделби, за судбината и спомените, за животните маки („Морничав ден“), но дава и „Портрет на поетот“. И тука портретирајќи го поетот Силјан отвора тема на која постојано се навраќа, за окружувањето на поетот и за неговото однесување во истото.
На поетите и нивните проблеми и посебно нивните илузии и измами, за нивните воздишки и потсмевнувања, Раде Силјан се навраќа и во циклусот „Слики од животот“ во песната „Поетска заблуда“:
Со јазикот на спомените/Ме подлажува историјата/Тивко потпевнувам
На фотографиите не им верувам/Дека играта со зборовите била
Голема заблуда на поетите.(Силјан, 2017:85)
Но, поетот Раде Силјан, има и свое многу симболично-метафорично сфаќање за книгите и нивната суштина. Многу концизно тоа го опејува во песната „Книга“:
Врзопче од тајни/Во ковчеже збрани/За поколенијата/Кула од зборови,
Блажена насмевка/На историјата трошна/Потпрена на темели/Од древни мисли/Птица без крилја/Тажни песни пее/За последната/Безимена слика.(Силјан,2017:87)
Со пишувањето за поетите, песните, книгите, Раде Силјан зафаќа тема која е заедничка со многу други поети, а во овој случај и со поетското творештво на Веле Смилевски, кој на пример, има цели книги посветено на некои од тие теми: „Педесет песни“, „Педесет допевања“, „Час по поезија“, „Забранета книга“ и др.
Силјан на повеќе места во својата поезија се допира и до болната точка од нашето минато – ослепувањето на Самоиловите војници, после битката на Беласица (1014.). Како последица од тој настан, многу од ослепените војници не биле способни да работат како и другите (физички здрави) луѓе, но сепак имале достоинство и не сакале да просат. Затоа е добар дел од нив научиле да свират на гусли и така (достоинствено) да заработуваат за живот. Но, Раде Силјан, на слепиот гуслар му дава посебна и метафорично- симболична траурно-пророкувачка улога во „Епилог“-от на оваа своја најнова поетска книга. Еве што пее поетот во песната „Последниот македонски гуслар“:
Последниот македонски гуслар/Свири на гусла без струни
Во татковината на молкот/Место вино солзи пие
Има очи на светец/И памук душа
Без раце/Без прсти
За животот лажовен/Долго се крсти
Последниот македонски гуслар/Свири на гусла без струни (Силјан, 2017:97).
Кога ќе се земе предвид целокупното нивно творештво (колку книги објавиле, колку антологии и други книги составиле и приредиле, колку награди и признанија добиле, какви високи и одговорни функции извршувале), одговорно може да се каже дека Веле Смилевски и Раде Силјан, се едни од најважните столбови во македонската современа поезија и пошироко во македонската книжевност. Дури мислам дека нема да биде претерување ако се каже дека се гиганти во македонската книжевност. Гиганти кои се на патот кон вечноста. Затоа ова претставување би сакал да го завршам со зборовите на Гане Тодоровски:
Оти се вкусило од многуте привлечности,/А пат ни претстои, пат стрм и долг,
драг пат/Кон вечноста/Преку човечноста! (Тодоровски т.1:267)
А до вечноста се стигнува со творечки опус и пријателство како она што тие го создадоа и негуваа во изминатиот половина век.
ЛИТЕРАТУРА
- Матевски, Матеја (2005) Избрани дела: Поезија том1. Скопје: Матица македонска
- Сент Егзипери, Антоан де (1993) Малиот принц. Превод Мира Чепинчиќ. Скопје: Табернакул
- Силјан, Раде (2014) Отворена книга. Скопје: Матица македонска
- Силјан, Раде (2017) Устата на јавето. Скопје: Матица македонска
- Смилевски, Веле (2017) Песната палимпсест. Скопје: Дијалог
- Тодоровски, Гане (2006) Избрани дела Поезија том1. Скопје: Матица македонска
- Тодоровски, Гане (2006) Избрани дела Поезија том 2. Скопје: Матица македонска
- Тресидер, Џек (2001) Речник на симболи. Скопје: Три
- Шевалие Жан и Ален Гербран (2005) Речник на симболите. Скопје: Табернакул
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)