Жарко Милениќ (Босна и Херцеговина)/ Žarko Milenić (Bosnia and Herzegovina)
Жарко Милениќ е роден 1961 г. во Брчко. Објавил триесет книги поезија, проза, книжевна критика и есеи. Негови книги објавени се и на македонски, украински и ерменски јазик. Наградуван е во регионот и во странство. Преведува книжевни и други дела од англиски, руски, македонски, бугарски, словенечки и украински јазик. Учествувал на книжевни и преведувачки манифестации во низа земји. Живее во Брчко и Москва. Главен уредник e на списанието за литература, театар и култура „Сусрети“ од Брчко. Сега е на докторски студии по руска книжевност во Москва.
КАПА
Моите браќа Милан и Младен не зборуваа две години. Не можам да се сетам што беше повод за тоа. Веројатно Милан, средниот син на мама и тато, го удри Младен, најмладиот син, и затоа овој престана да зборува со него. Не знам зошто го удри. Се сеќавам дека тоа и не се случуваше баш така ретко.
Се сеќавам и на тоа дека Младен, заради шлаканиците од Милан одма ќе му се пожалеше на тато. Потоа овој ќе го плеснеше Милан и со тоа спорот ќе беше завршен. Еднаш се случи Милан, после жалбата од Младен, истовремено да добие две шлаканици. Во левиот образ од тато, во десниот – од Младен.
Секако Милан не смислуваше како би му вратил на татка си за добиената шлаканица со своја шлаканица, но планираше кога ќе зграби прилика да му ја врати шлаканицата на Младен.
Значи, не е тешко да се погоди зошто Младен одлучи да не зборува со Милан, но не можам да се сетам зошто не зборуваше со тато. И тоа дури две години. Истовремено не зборуваше со двајцата. Зарем него истовремено го удриле и двајцата? Не верувам дека се случило тоа. Нешто друго беше во прашање. Или не постоеше ни конкретен повод? Веројатно на Младен му се насобрало и одлучил да не зборува со татко ни и брат ни истовремено.
Било што било, молчењето го започна Младен и издржа во тој луд наум цели две години.
Сите мои настојувања тоа да се прекине, останаа без резултат. Младен се инаетеше, а Милан го прифати тоа како факт. Иако Милан е постар од Младен четири години, не се потруди да се прекине незборувањето. Меѓу нив немаше директна комуникација. Јас, пак, зборував со двајцата. И со татко ни, секако.
Кога ја купив мојата прва машина за пишување, Милан, додека бев на училиште, со неа ми ја напиша оваа порака:
Марко,
Не знам само како ти падна на памет да му дозволиш на Младен да ја користи твојата машина за пишување! Слушнав кога ѝ рече на мама дека ти си му дозволил. Дали е вистина тоа?
Зарем чавка ти го испила мозокот? Зарем заборави дека што и да дофати штетникот Младен тоа ќе го расипе и упропасти?! Зарем заборави како ми ја среди гитарата?!
Твојот брат Милан.
Кога ми беше роденден, Младен ми подари албум за фотографии. На него напиша посвета: „На мојот најмил брат Марко“. Ме чуди дека не напиша – на мојот единствен брат Марко. Сепак ми беше мило дека Младен, според посветата, сепак индиректно тврди дека има уште еден брат, макар помалку мил.
Молчењето го започна Младен и тој и го прекина.
Еве како се случи тоа. Татко ни секој ден се возеше на работа со својот велосипед. И на дожд и на снег. Немаше навика да носи капи, но во зима сепак носеше капа додека се возеше со велосипедот. Татко ни си имаше волнена капа. Тој ден не ја најде на закачалката и ја зеде првата што ја здогледа.
Тоа го забележа Младен и извика:
– Не ја гибај мојата капа!
Татко ни не рече ништо. Разлутено ја фрли капата на подот и отиде на работа гологлав.
Превод од хрватски на македонски јазик:
Весна Мундишевска-Велјановска