Звонко Танески
ОТПУШОЦИТЕ ЌЕ СТАНАТ ПРЕКУ НОЌ НОВИ ЦИГАРИ
Отпушоците ќе станат преку ноќ нови цигари
младината предвреме отидена во пензија
ќе се засити од чадот во кој ќе си ја дошмркува амбицијата
новиот свет ќе се спрпелка во забревтаната нишалка на сонот
Отпушоците ќе станат преку ноќ нови цигари
сите млади жени што личат на лотки
веќе нема да гласаат на штотуку завршените избори
стравот ќе им оди зад петиците и ќе флертува со нивните сенки
Отпушоците ќе станат преку ноќ нови цигари
нас потоа ќе нè натоварат на двоколка од која редовно ќе скокаме
опиени од фујарата на еден слепец
за да одиме на нозе напред удирајќи по газињата на девојките пред себе
Отпушоците ќе станат преку ноќ нови цигари
птиците без јато ќе мафтаат со личните карти на ангелите без дозвола за престој
по ѕидовите низ градот насекаде ќе се испише тишината
на влезот од возовите – пушачите ќе почнат страсно да ги штедат новите цигари