БУГАРИЈА (BULGARIA)
ЕЛКА ЊАГОЛОВА (ELKA NJAGOLOVA)
Елка Њаголова (1952, Добрич) е поетеса и писателка со објавени 20 поетски книги во Бугарија и уште 11 книги објавени во други држави: Русија (2), Франција, Украина, Србија (2), Македонија, Полска, Хрватска, Грција. Носител на национални, но и на меѓународни книжевни награди: Полска, Русија, Србија, Литванија, Црна Гора, Северна Македонија, Велика Британија и др. Преведена е на 20 јазици. Преведува современи словенски поети од 5 јазици. Член е на Сојузот на Бугарските писатели, претседател на Славјанската литературна и уметничка академија, директор за Балканот на Меѓународната асоцијација на псиателите, член на Академијата за руска славистика, Академијата за руска литература и главен уредник на „Знаци“.
НИШТО ПОСЕБНО!
Ништо посебно!
Ајде – сè е јасно:
погрешни птици, небеса, непотребни стихови,
мисли кои се раѓаат за да нè зачудуваат,
погледи коишто викаат кога е тивко.
Ништо посебно!
Сјајниот прстен на изгрејсонцето,
втонет во морето спроти – за да нè примами,
таа бесмислена, посакувана, ризична Вистина,
каде – зошто во животот? – како тресет секогаш се пали …
Ништо посебно:
улица, време, планета,
лузна од оган, рана од некогашни пријатели,
спринтот, кога ќе избегаш дури и од својата среќа,
спазмата во белите дробови на болната Бугарија …
Ништо посебно!
Ништо, иако не ни стига воздухот!
Зимата семоќна ги зема малите луѓе –
бесно помеѓу себе градат замислени насипи,
и животот ги испраќа ко слајдови …
Ништо посебно!
Бледа архива е девојчето,
мастилава фотографија, тешко е да и се види лицето веќе …
В лузни е целата таа – од главогубна љубов
и од бескрајната потрага по душата сродна.
Ништо посебно!
Но љубов, додека сѐ уште
со розовите прстенца мрда, знаци ни дава:
„Ги има – иако на крајот – величествени зборови,
зборови на љубов, милост … кои ги забораваме! “
Ништо посебно!
Нашите уши веќе болат –
кисел дожд во душите врне и ги гори,
и месии нови со беспатни зборови
во нашите празни срца го зазедоа кормилото …
Бричи од згора
ветер, наивно насликува:
нека повеќе зло да не никне во душите бесчувствителни!
Ги кријам ушите во зимската шапка, но мислам:
Винсент веројатно не сакал да чуе нешто …
Препев: Борче Панов
Translation from Bulgarian into Macedonian: Borce Panov