ОЛОВО БАКАР ЗЛАТО ВОСОК
[Перитекст: Додека работеше како морнар на тој брод, татко ми се грижеше за библиотеката и филмовите што се прикажуваа додека пловеше. Во слободното време ги залепуваше искинатите листови од книгите и ги прицврстуваше кориците. На некого му го даде Жерминал на Емил Зола; на некој друг им ги даде Изгубените илузии на Балзак и на уште некој Педагошката поема на Макаренко. Смеата дојде само кога се скина филмската лента, тој се придружи со следниот кадар, додека изгубените филмски шеги на ликовите, поделени меѓу морнарите како улоги ги повторуваа по ред, гласно. Кога пропадна социјализмот, бродот каде што работеше татко ми беше киднапиран од имигранти, кои отпловија за Италија. Бродот подоцна беше продаден. Се стана ново. Сопственикот. Бојата. Лицата на хартијата за пари. Екипата. Татко ми веќе не е жив, но библиотеката со книгите од неговото време се уште останува на бродот што плови.]
Стариот брод регистриран под друго име
Со друг сопственик и мултиетничка екипа
Сe уште ги има книгите на татко ми, на неговите зелени полици
Насликан двапати со евтина анти ‘рѓа.
Со листови од книги морнарите ги наполниле дупките на палубата од каде што влегува стравот.
Додека ловат риба, тие ги чистат рацете од валканите моторни масла, ги свиткуваат уловените риби во листови хартија скинати од книгите што некогаш ги читале и чекаат да бидат вратени дома, затворени во бродот-затвор, во исто време додека сонцето сјае врз нивниот измет што лебди во морската струја.
Книгите зашиени со нишки ги потсетуваат на раните отворени од зборовите.
Библиотека на стариот брод. Книгите со заточени зборови во библиотека на брод се вреќи со лекови со истечен рок, закопани во почвата што не живее.
Не е важно кога се случило да бидеш таму кога книгата експлодира.
Сите се испрскани и намачкани со буквите.
Луѓето болни од чир избраа заеднички прав од олово во дневни дози
Малите го лижеа мртовецот по читањето.
А другите починаа од идеолошко предозирање
Од главните букви извлечени од рудниците на затворениците
Каде што имаше хром богат со злато за прстени и медали
Бакар за ТВ антени. Сол на окото.
Исто како и линијата помеѓу задниот дел од бродот, конецот на средината на страниците на книгата ги подели оние што знаеја дека оловниот прав што се шири низ буквите, ставовите и страниците се тајното оружје за масовно изумирање на вкусот и мислата.
Додека наивната кампања на заборавот ќе биде произведувана во приградските автобуси, наследниците на оглувените од експлозијата на куршумот, седнати на нивните пластични седишта, ќе се преправаат дека читаат, држејќи во своите раце нова дебела книга, наспроти бесплатно патување. Греби, читај и победи!
Аријан Лека, Албанија
Arian Leka, Albania
Превод од англиски на македонски: Сашо Огненовски
Translation from English into Macedonian: Sasho Ognenovski
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Милица Димитријовска Радевска и Елизабета Јончиќ, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Milica DImitrijovska Radevska, Elizabeta Jonchikj, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)