ЛУЛЕШКА ОД ВИНОЖИТО
Дуваше ветар.
Преку целиот ден дуваше топол јужен ветар и Езерото бучеше со ритмичен клокот во играта на водите.
Низ шуштежот што го создаваше шумолот на шумата таму потаму од водите налегнатата ноќ повторно го внесе сонот во очите на Климента и го постави со отворен пат кон височините на небото. Ветерот продолжуваше да дува и му завиваше веднаш тука крај ушите и создаваше вител на бескрајно движење. Сонот беше таков за каков веќе ни кажуваше, лепливо мек, како поставен на лулешка од виножито.
Низ шумот што добиваше бескрајни димензии во движењето се помеша развражување на бели птици кои надгласија со цвркотот и со звукот на полетот и набргу се помешаа меѓу ѕвездите кои гореа на небото. Климент со широко отворени очи и со светлина што извираше од длабочината на просторот го следеше јатото птици кое носеше во себе виорна игра. И забележа Климент, тоа го виде со зрачен одблесок како секоја птица од јатото во клунот дофаќа ѕвезда, откинува од ноќта со сјајот што пробива и ѕвезденото небо, понесено на крилјата од птиците се поместува како облак од светлина и наслегнува кон земјата. Климент го држеше тој светлосен облак во погледот и чувствуваше како се приближуваат еден кон друг и очекуваше средба во која ќе се спојат во летот. Во создаденото движење откри дека и тој како и птиците лета и срцето силно му се возбуди и вознемири од големиот настан со кој оди во пресрет. Просторот толку се изви, одѕвони и се испомеша што сега откриваше дека насекаде околу него горат ѕвезди и паѓаат, провиснати од небото со долгите опашки а тој со раширени раце ги пречекува, ги дофаќа и ги собира и гледа дека му надошле низ отворениот прозорец низ собичето, а свеќата тука крај него на масичката сè уште трепети и гори и ја одржува трајноста на светлината.
Се присетува како над масичката, во долга размисла, се бореше за дофатот на откритието од кое во последното време беше целосно подземен, но не можеше да ја отвори вратата, иако беше убеден дека клучот за неа го држи во рацете. Се сеќава колку тоа го замори, таа потрага да го отвори влезот и да ја допре тајната. Од тоа му натежнуваа очите, на нив му навалуваше дремка. Така го соборил сонот тука над масичката. Но сега откриваше Климент дека ниту миг не се оттргнал од патот кон откритието кон кое целеше, дека тоа продолжило, зашто му се стори дека една од птиците што слета над масичката удри со клунот над листот кој за сето време беше отворен пред него и од клунот ја испушти ѕвездата, со звук низ кој се изрази гласот. А, толку лесно излезен од широко отворената уста. И таму, каде што падна светлината на ѕвездата, со перото кое му стоеше во раката, а не го испуштил ниту во сонот завлече по пергаментот и го нацрта отворениот клун на птицата, така како што го виде кога тој удри во листот, со линија преку средината каде што осветлува ѕвездата фатена во клунот и донесена на листот на масата.
Аз, прошепоти Климент, присетувајќи се на животот со преблажениот Отец Кирил и како тој ја создаваше глаголицата, на која го научи да ја црта, отсликува и пресликува со вештина што многу брзо го воведе во сите тајни на буквите и со љубов и верба ги внесуваше знаците насекаде околу себе. Новите потреби на писмото бараа од него исто така да се зафати со измислување знаци за буквите, како што тоа го стори Константин Филозоф пречесниот Кирил, за да ја дополни и усоврши азбуката според новите потреби и сознанија на времето, а славата да му припаѓа на светлозрачниот ум што го красеше Учителот и во чест на тоа името ќе свети на азбуката, Кирилица. Со прилагодување на азбуката учениците во школата многу поолеснително ќе ги препишуваат и умножуваат потребните книги на кои чека богослужењето. Брановите од Езерото искокнуваа таму, потаму, каде што му луташе погледот и се оцртуваа во неговата мисла, се издигнуваа, се накреваа, се оформуваа и растураа, и во еден миг Климент го фати на пергаментот знакот од умот што се преточи преку раката, која го држеше перото, на листот и озвучи гласот Б излезен од знакот фатен на рамнината од пергаментот. Буки. И низ буките на брановите протече белината и се разлеа низ просторот, повејувајќи како кога го создава ветрот. Брановите посилно се раздвижија, на површината од водата создаваа круг до круг и така гонејќи се постојано а недофатни еден за друг со својата бучава го затресија небото и тоа одгласи, раскрши, распука и веди затрештија над езерските бранови. Двата брана, што му беа во мислата на Климента, сега осветлени од огновите на небото ги понесе на врвот од перото, само ги исправи еден над друг и така како што ја допираа површината на водата ги спушти на пергаментот. Тие настојуваа да го продолжат своето наттрчување еден над друг, но Климент го тргна перото, го подигна од листот и виде колку смирено останаа да го држат гласот што се содржеше во тој знак, веди за В.
Светлината што наслезе од небото, пренесена со ѕвездите носени од птиците, му го огреа и просветли умот, и кога сонцето удри и искока над планината, го дофати со врвот на перото, го постави на пергаментот и воздивна олеснително, исполнувајќи го долгот кон својот учител.
Крукчето, ореолот останува во чест на светлината над светлозрачниот учител Кирил, си подума мудриот отец. Тука е и сонцето на својот пат. А го дофати во таа приквечеринка кога сонцето заоѓаше, а веќе лакот на небото од неговиот пат беше целосно оформен. Половина круг. Го нацрта на листот, го впиша знакот во пергаментот, во сувата јарешка кожа што одблеснуваше по рамнината под трепетливоста на пламенчето од свеќата, го пренесе од небото сончевиот лак, оформен како срп, и на листот остана знакот С за С и, словото е од божја уста пред сите нас изусти, и, во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото, се присети Климент дека и тоа го слушнал првпат од устата на учителот, на преблажениот Кирил и, воздивнувајќи олеснително што завршил еден голем дел од работата, го спушти перото на масата, па стана да ја постави вечерата. Чувствуваше надојден апетит и задоволство од работата што му ја исполнуваше душата.
Закрепнат, одземаше од ноќта и од сонот, слушајќи го во тишината на одминувањето шуштежот на перото по рамнината на умешно штавената и вешто обработена кожа и во ист миг пробиваше до него шепотот на умозрачниот учител кој уште при првата средба го приклони кон својата мисла и потоа му ги отвори големите ризници на знаењето што ги носеше во себе, осветлувајќи му го патот кон големата вистина. Сега ти ја отворам тајната на небото и на земјата и светот никогаш повеќе нема да биде ист зашто тајната до која ќе допрат сите луѓе ќе ги просветли и ќе ги ослободи од стравот на темнината и ќе ја почувствуваат благородната душа на создателот, откривајќи колкава е неговата грижа за нив и дека не бил залуден трудот и топлината што од него се внесувала предадена кон нив. Делото е свое чедо и љубовта со која се сака е содржана во истрајноста и напорот на создавањето.
Непрестајно низ главата му минуваа раздвижени визии на знаци за гласовите и стрпливо, истрајно, исполнет со енергија и полетност ги ловеше, ги дофаќаше, и ги слегнуваше на пергаментот да ја скроти нивната разиграна светлина во смирена размисла. Кога ќе го нацрташе знакот и ќе го довршеше неговото прилагодување во спојот со листот, привикнувајќи се конечно да го прифати и привикнувајќи го на гласот кој му го предава да го носи од тој миг натаму низ целата вечност, задоволно ќе го положеше перото на масата. Со еден смирен прелет на раката ќе ја избришеше потта од челото, создадена од огнот на мислата во борбата на скротувањето на знаците и потоа, и потоа Климент ќе ја насочеше светлината кон ново пребарување. Откритието на новиот знак настојуваше да го прилагоди на светлината од одредениот глас и да го скроти на површината од листот. Начесто тоа не одеше лесно и од прв обид, го исполнуваше листот а му бегаше светлината, искосуваше, искршуваше. Дури се случуваше да создава и хаос во кој целосно не го препознаваше знакот за кој целеше. Го бараше и настојуваше да го спои со гласот кој гласно го отпушташе во просторот. Се случуваше да закрцкоти, да зашкрипе, да предизвика лом, и тогаш Климент го менуваше листот на масата, земаше нов, неначнат пергамент, го поизмазнуваше со дланката, го прилепуваше на површината од масата и во него го вцртуваше најновиот знак од мислата. Го чувствуваше задоволството кога гласот, кој го изговара, се вклопува во убаво созвучје со знакот, што е нацртан. И тоа е тоа. Го добиваат животот од неговата рака и веќе постојат, тука се. Од следниот миг светот ќе ги запознава, широко ќе се отвора за нив и тие, со свој лет, предаден од птиците што слетале од сонот, ќе долетуваат до секого што ќе го искаже интересот за нив. Ќе другаруваат, ќе се дружат и ќе им бидат водичи, отворајќи им ја светлината низ непознатите простори на времето.
Кога, најпосле, по долга неизвесна борба со сонот ја наслони главата на работ од масата, сонот го налегна меко и кротко. Сонцето веќе излегуваше од вулканот на ноќта и исто така меко и кротко како сонот го погали со зраците што ја простираа светлината.
Климент над масата, прекриена со испишани листови на кои стоеја триесет и еден знак и од секој излегуваше по еден глас, сонуваше нов сон и отвораше нови, недопрени тајни.
А гласовите се помешуваа низ сонот, разиграни во сите бои низ светлината на виножитото. Наслегнувајќи од небото одгласуваше прекрасната симфонија, создадена од звуците на знаците, и го исполнуваше целиот простор. Тоа исто така беше сон, убаво како најубав сон и исполнуваше со силно надојдена среќа.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)