НЕШТО КАКО КОПНЕЖ
7
Повторно паѓајќи во лепливите канџи на анксиозноста од која сакаше да исползи, пациентката се обидуваше да скокне надвор и од ќошот во кој беше сместена нејзината сегашност или барем она што личеше на тоа, а сето тоа беше далеку од начините за кротење на лавот заробен во нејзиниот ум.
Интрузијата на поединечни, навидум несовладливи мисли во нејзината глава надоаѓаше, се креваше во плима, а внатрешната борба беше само скок во кафезот по што лавот само се охрабруваше, и така здивеан се пушташе да ги дораскине преостанатите парчиња разумска контрола.
Дваесет милиграми циталопрам можеа да го нијансираат во поподносливо ужасното чувство на срцебиење што досегна до грлото, заканувајќи се таму да остане и да се вгнезди, но и тоа траеше само краток дел од сето време, пократок одошто замислуваше и сега веќе сите форми на очајот повтаа да станат изблици на тага растворена во фрустрација, но и бес, снажен бес кој беше овде заради неприродното, наметнато ограничување. Бесот на Бегонија беше распрснат во сите можни насоки што требаше да ја погодат и неговата внатрешна цел, но во тоа негово распрснување, знаеше, на страдање подлегнуваа и сите други нејзини скриени нежности кои таа инаку скапоцено ги вардеше и од најобичен допир, а камоли од пакост.
Го вклучи екранот и со прстот бргу помина по иконите кои ја одведоа до него. Информациите на неговиот профил беа оскудни: беа наведени годината на раѓање, градот на живеење и факултетот – и тоа беше сѐ. Да можеше да се занемари едната и единствена фотографија на која изгледаше како фотографиран на апсолвентска прослава и пет-шесте фотографии на кои беше означен од неколку, очигледно блиски пријатели, ќе беше апсолутно празно.
Мистеријата продолжуваше, влевајќи се во далечните јадра од мисловните делови на мозокот кои инаку забораваше дека постојат.
Си мислеше, токму заборавот и беше причината за сите тие… илјадници прашања… не сите со прашалници. Некои со извичници исправени како неговиот стамен ‘рбет додека седеше, други со три точки, трети со неправилно едноподруго натрупана интерпункција како слободно интерпретиран блуз или како пулсот. Фокусот на вниманието ѝ беше како дворот од неговата куќа – екстремно тесен, бетонски забарикадиран и еднобоен.
Нејзините чудачки ококорени очи со апсолутна доминација на зениците како да се подготвуваа за екстаза додека остро и праволиниски го скенираа секој милиметар од екранот, понирајќи во секој дополнителен детаљ кој го сакаа, а го немаше за забележување.
„Каде си?“ брзински и во отсуство на секакво колебање ги прошета прстите низ екранот.
Блештавата светлина на екранот сѐ повеќе се засилуваше губејќи го самиот осет за сила и продор, жиците во позадината како да сакаа да ја избркаат од себе, како таа самата да повтеше да ја напушти таа груба пластична кутија, да се отелотвори во хало околу сиот простор, да можеше да испушта звуци тоа ќе беше неземско трештење што реже во длабочината на нејзините очи и самиот универзум, но не можеше, такво вештавило не можеше ниту тогаш ниту кога било да се манифестира во што било друго, најмалку во звук. Звуците од прашањата кои одекнуваа во нејзината главата беа единствените кои наликуваа на тоа.
Одговор и понатаму немаше.
„Каде си? Сакам да те видам“ се надоврза, за веќе следниот миг во новиот налет на прашалници да ја избрише пораката.
***
По неколку дена, повторно ѝ прелета она препознатливо од некогаш дали сум луда? како едно од плејадата прашања, пред, враќајќи ја намерата да му се врати и на екранот.
„Те молам, би сакала да поразговараме. Дали ќе бидеш и денес истото време во паркот?“
По неколку минути следеше краток одговор:
„Извини, зафатен сум.“
Инстантно заборавајќи на најстрогата забрана која тој ѝ ја посочи, го подигна четвртестото шише виски од под креветот и истури во чашата, веднаш отпивајќи неколку голтки.
„Знам дека секој ден минуваш оттаму“ му врати.
Вкусот на алкохолот беше изненадувачки тап и далечен од она што го очекуваше, затоа ја грабна стаклената чаша и не обидувајќи се да даде уште една шанса, со едно молневито движење ја фрли настрана.
„Те молам.“
За исто толку време, следеше и второто кратко довршување на она што не успеа да го дорече од прва.
„Не сум заинтересиран.“
Бесот распрснат во сите насоки сега полека се собираше во една точка, некаде на врвот од челото но поназад, на линија на веѓите, истовремено вклештувајќи ѝ ја во неподвиг вилицата, чекор по чекор поместувајќи ѝ ја разумската моќ во некој од непознатите задни џебови од внатрешноста на черепот.
Во дел од мигот уште еднаш го зграби телефонот, заборави на сите правила кои го регулираа односот меѓу мислите и нивната јазична артикулација и во напливот кој траеше пет, шест или десет минути, ни таа не знаеше точно колку, од себе ги исфрли сите можни зборови кои требаше да ги разорат или да ги изградат повторно онака како што можеше да одреди само моменталната јарост. Му пиша и неколку мејлови пред да се обиде да го добие телефонски, но одговор и понатаму немаше.
***
Неколкуте денови кои следеа, умот продолжи да ѝ врти околу единствениот, или поточно, првиот случај на нешто што таа го чувствуваше како блиско до некаква, макар и платонска афекција, некакви трошки чувствена интима, чиста и недопирлива, фантазмагорична а толку реална.
Безбедна и идеална, нешто како патување или тегобна бесцел по која вредеше да се трага.
Но тоа беше сѐ далеку од овдешноста.
Возбудата која веќе стана вообразение беше далеку од тоа да се созерца со обичното видело, а страста вајаше привидение од сите нејзини сенки кои ја прелеваа в очи со нежноста на розевата стварност сочинета од божури или цветовите на нејзината живописна лика – усните со нивното природно розевило.
Пулсираа тие, а пулсираа и другите делови од нејзиното тело. Во екот на своето вообразение низ кое ја допираше оваа слика под секој замислив агол, наоѓајќи се во полулегната положба на креветот, во внатрешноста на својата вулва почувствува силна одреденост на насоката на тврдиот долг објект во нејзината десна рака, обвиен во лизгав презерватив.
Темпото низ кое тврдиот објект продираше и излегуваше надвор беше во ритамот на нејзините мисли од миговите претходно, нивно магично продолжение во физичкиот или вообразен свет. На мигови се згуснуваше, на мигови, кога сакаше да побуди нови зони на насладата, опаѓаше, на мигови надоаѓаше до фаза на пред-ерупција и тогаш… тогаш можеше да се трансцендираат границите на припадноста, да знае дека му припаѓа, светот сосе сите негови мириси дека е нивен, дека се едно, дека е нејзин. Без никакви наметнати ограничувања. Нејзин. Дека тој е дел од неа. Дека ѝ припаѓа. Со неуморна тишина да му каже мој си. И така да го дочекаат утрешниот ден додека е во неа, заборавено нејзин. И дека не може да е поинаку. И дека… во животот не беше искусила побурен оргазам од неодврзливиот јазол на таа љубов, тогаш.