МЕДУЗА НА ВОЗДИШКАТА
Како да се изрече сето тоа
поради кое се скаменува здивот
пред медузата на воздишката
многумина го изговарале и гореле на кладите
задавени со гајтан од вжарени искри
и кога со љубов го изговарале
помеѓу острите слогови на омразата
со глогова круна на глава
им ја покажувале голготата на љубовта
каква ли е таа небесна војна на земјата
во која смртта е единствен компромис
помеѓу Господ и Луцифер
вистината никогаш не се изговара целосно
секое скриено делче од неа е убиство
што како вирус ти го сопира дишењето
како да се изрече сето тоа
поради кое се скаменува здивот
пред медузата на воздишката
само еден атом човечка алчност разградува
100 000 молекули озон и ја шири дупката
што нè соголува пред вселената
истовремено гориме на два огна
и само тенката плацента на матката на милоста
нѐ дели од пепелта во која неповратно ќе се вратиме
светот го направивме филмска индустрија
во која војните се филмчиња
што ги вртиме на кабловските телевизии
како руски рулет на нашите слепоочници
во еден миг студениот клик на шаржерот
ќе ни го покаже ликот на сите наши хорори
дека сме јагне среде волците што сме ги хранеле
повеќе од верниот пес на нашата сушност
ова е свет на диктатори, убијци и измамници
нa генетски лаборатории на смртта и алчни индустрии
ова е свет во кој слободата е дисидент на умот
cogito, ergo sum и поет и македонец во ова време
со рошомонската вистина во која никој не е виновен
дека ни Cogito, ни ergo sum
но како да се изрече сето тоа
поради кое се скаменува здивот
пред медузата на воздишката Боже
Ти го кажа предавството твое уште пред да те убијат
мигновен биди грч на усниве мои и кажи ми
како да не се скаменам од кажаното
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)