Автор на сликата: Драган Најденовски
МАНАСТИР ОД МИСЛИ
Недостапен е Внатре
на Врвот од моите возбуди
скриен е
во густата Шума од молчења
мојот манастир од мисли
чист е
колку мојата совест
свет е
колку моите омилени светци
моќен е
со своите големи Чуда
дека уште сум Жив
дека чисто размислувам
и дека често
помагам
каде што е потребно.
Само Господ знае
каде е
и колку ќе старее
мојот манастир од мисли
скриен низ времево
во лековитата Корија од молитви.
Кире Неделковски