ОСАМЕНОСТ
Нешто не е во ред. Со неговото чувство за исполнетост.
Празнината го одгласува ехото.
Чувствува празнина низ сето свое битие.
Доаѓа тоа од осаменоста. Од големата осаменост.
Не, не е сам, сите се тука, околу него. Како пред тоа. И светот е тука, надојден и бучен.
А сепак ја чувствува тишината. Големата тишина што истатнува низ него. Наслегната до сите пори од затворената внатрешност.
Ја чувствува и бучавата на светот. Како таа се зголемува, нараснува, надоаѓа во незапирни бранови што се искршуваат во лом низ надолнина. Ехото од обидот на Сизиф да го престигне времето пред да се претркала кон почетокот. Повторливоста ја затвора надежта да биде освоен врвот. А вербата му се спротивставува на митот, ги побива нефункционалните закони и го приграбува законот на вистината, поставувајќи го како врховен закон законот на љубовта. Законот на законите.
А законот е непроменлива категорија, утврден ред на постоењето, поредок на универзумот. Водата врие на 100 степени. На нула степени смрзнува. Постојана вистина. Непроменлива. Утврдена со законитоста на законот.
Треба само додатна енергија во силата што го тркала каменот по нагорнината. За да го префрле врвот. Тане е убеден дека Сизиф не го внесува тој дел од додатната енергија и каменот натиснувајќи ја постојната сила, се стркалува кон постојаното прибежиште.
Само љубовта може да произведе вишок на енергија што ќе ја измени реалноста и ќе ја отстрани заканата од пропаѓање во долината. Кога се сака се може. Да им се отстапи првата линија на тие што работат со љубов за да го произведат тој вишок на енергија што ќе ја надвладее негативната енергија со која настапува злото. Злото мора да се победи за да се избави човештвото од зинатата челуст на невидливиот напасник кој го затворил во непробоен оклоп и му ја разјадова виталноста на опстанокот.
Се открива Тане седнат во длабоката столица на терасата од својата куќа, во миг пропаднат во длабока размисла. Тука се сите околу него како и секогаш што биле и тој преминува преку нивните лица со погледот со длабока отсутност низ која се губи. Пред ова време во истата надворешна слика минувал низ текот на бурниот, расклокотен живот. Та не да имало трага од осаменост. Тане сега е осамен. И меѓу сите тие свои и блиски, меѓу кои секогаш бил исполнет се чувствува болно осамен. И, насмевки на лицата тие немаат Тане, та не? Си се прашува со прашањето на кое стои одговорот и да не си го поставел. Не може насмевката да пробие преку маските. Сите тие само со очите се присутни. Низ нив може да се наслегне и допре единствено до нивната осаменост. Осамени се колку што е и тој.
Кога ја изгради терасата, зачестија посетите од соседите, од пријателите, од блиските. Пред тоа, накратко, наминуваа само роднините. Мал беше просторот за отседнување. Терасата ја изгради широка, со поглед над градот, толку исполнет со живост и врева. Отседнати на терасата, сите беа разговорливи. Се кажуваа шеги, жените не си шепотеа туку гласно ги кажуваа тајните чуенија од неверојатни настани во животот на градот.
Осаменост.
Дојде по инвазијата од коронавирусот што по широката офанзива го поклопи светот и го затвори, беспримерно низ усните и пишаните помнења.
На терасата столиците се поставени по актуелниот закон за дистанца. Нема место за сите одеднаш, кога ќе дојдат нови некои од претходно дојдените стануваат, се повлекуваат, заминуваат, оставајќи ја присутна на терасата и својата осаменост. Сите се под маски. И возрасните, и повозрасните, и помалите. Лицата им се прекриени. Кон просторот им се отворени само очите. Децата се гледаат како мачорчиња. Живо им трепкаат очињата, несовладливо посакуваат да прфнат, да одлетаат од строгата забрана која ги држи на дистанца од другарчињата и од играта. Толку желно посакуваат да се обгрлат, да се зборат, да го одгласат „да пукне“ со плесок на дланки по крупен погодок.
Ништо од тоа не е дозволено. Можат да се слушаат само низ процедениот глас во кој отапува посебноста низ шумот на маската.
Така маскирани, се обидуваат да му избегаат на коронавирусот кој атакува од сите страни низ отворениот простор, со воздухот. И дури сега сфаќаат нешто на кое немало потреба да размислуваат, дека заеднички е воздухот и тој минува наизменично или во навали од еден до друг, или низ сите, како ветрот низ просторот, сфаќајќи дека не можат да се оградат од него. Некој дошол до сознание дека можат при размената само да го процедуваат низ маските, спасоносна идеја, единственото оружје што до тогаш го имаат против коронавирусот, ако може да се нарече оружје, зашто оружјето сепак служи да се уништи непријателот, а тие со маските можат само привремено да го задржат надвор од своето тело и ништо не можат повеќе да му сторат во својата одбрана, а тој го освојува и воздухот на терасата. Свесни се за тоа и свеста им се поматува дури до неразумност за напаст да ја прогласат маската дека ги отуѓува едни од други, не коронавирусот. И одеднаш на терасата сите ги оттргнуваат маските од себе, со револт што им го затвораат животот и им ги прикриваат животворните контакти. Стигнале до сознанието дека забрзано се губат едни од други и тој простор меѓу нив што ги одвојува и разделува станува исполнет со непробојна материја која згуснува и низ која не можат да се допрат. Не може ниту зборот, затворен во маските. Исчезнале и лицата, преку кои некогаш се препознавале и ја разменувале топлината низ насмевките. Желбата да си бидат тоа што биле го надвладеа разумот и ги отвори и зборот и просторот на терасата. Тоа предизвика еуфорија на восхит. Кога се пронајдоа и препознаа, со отворени лица пред светнатите очи. Така топло и умилено се прегрнуваа и гушкаа што заборавија на сите напасти што владеат низ светот.
Некој се накашла. И се закашла. И, пред миг на згусната тишина низ исчекување што го зби просторот на терасата, одекна експлозија што истиот простор го раскина и распарчи.
Тој што се накашла и закашла сега – кивна.
Тоа не беше обично кивнување.
Го стресе воздухот што ги стресе сите на терасата и во еден инстинктивен одбранбен јуриш се испомешаа пребарувајќи по отфрлените маски за да се затворат со нив и да ја зграбат реалноста.
Следниот миг терасата беше празна и осамена, на неа, на средината застанат Тане, сам и осамен, обидувајќи се да го затвори стравот, дали на лицето ставил туѓа маска и дали таа го заштитува од коронавирусот или коронавирусот преку маската го заробува него.
(Димовски, П. (2020). Осаменост. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 70-73)