ПЕСНАТА КОНТИНЕНТ
Сега ти си предмет на самата себе
а не континентот за кој пееше.
Ќе те сонуваат морепловците
облечени во кожата на Колумбо.
Долго и упорно
во твоите пораки
ќе ги бараат остатоците
на идеалната држава
од која поетите
одамна се протереани.
Сега тебе ќе те откриваат
како копно
што може да се стопи
да се претвори во капка
и да се изгуби во Океанот.
Кој ќе верува дека тоа е солза
на оние кои со плач
те погребувале во илузиите
на протераните поети?
Си исчезнала за да бидеш
Песна Континент
Атлантида
на вечната потрага.
Сега ти си предмет на самата себе
Песна за Песната
Со Свој Колумбо во себе
кој верува дека на светот
сè уште му е потребна
Поезијата.
(Смилевски, В. (2015). Песната Континент. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, К. Неделковски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 14, стр. 99)