На 31 октомври и 1 ноември 2020 год., во НУУБ „ Св.Климент Охридски“ Битола, се одржа десеттата меѓународна книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“ поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2020 година на која беа промовирани трите наградени книги и доделени годишните награди за 2020 година. Исто така беа промовирани списанијата „Раст“ и „Современост“, а беше организирано и книжевно претставување на значајни поети од земјата и странство.
Манифестацијата се организираше во согласност со сите протоколи за заштита од Ковид-19, а книжевното претставување на странските и дел од македонските учесници беше онлајн на новокреираната веб страна на БКК. Беа претставени истакнати писатели од Словенија, Германија, Италија, Полска, Англија, Узбекистан, Бангладеш, Индија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Романија, Венецуела, Израел, Саудиска Арабија, Тајван, Виетнам, Колумбија и др. Со своја поезија настапија и присутните македонски поети.
Наградата „Лингва“ се додели на Олга Панкина истакната македонистка и преведувач за нејзиниот огромен придонес во афирмација на македонскиот јазик и литература во рамките на нашата држава и странство.
Книгата „Профили“ од Весна Мундишевска-Велјановска е добитник на наградата „Книжевен круг“ за книжевна критика: „Весна Мундишевска-Велјановска успешно го води тој нов книжевно-критички правец, затоа што таа постојано успешно ја наоѓа пораката на делото, најверојатно чувствувајќи ја својата лична метафизика во естетските вредности на книжевното дело… Со оваа своја нова книга ни покажа како може да се биде и креативен творец, па дури и на поетиката на книжевната критика.“ – нагласи рецензентот академик Зоран Пејковски на нејзината промоција.
Книгата „Манастир од мисли“ од Кире Неделковски е добитник на наградата „Книжевен круг“ за поезија: „Поетската збирка Манастир од мисли на македонскиот поет Кире Неделковски е една од ретките во македонската поезија која се издвојува со својата сакрална, метафизичка и христијанска димензија. Оваа концептуална поетска книга која за своја доминантен симбол го има манастирот, како точка на поврзување на земното и оноземното, ја нагласува метафизичката вертикала кон вечноста, наспроти световната хоризонтала на смртноста и минливоста. Лирскиот субјект во поезијата на Неделковски има поглед кој постојано е насочен нагоре во својата потрага по апсолутното, односно кон вечниот живот во Бога. Во својата потрага кон вечното и бесконечното, лирскиот субјект гради свој „манастир од мисли“, метафора која се провлекува низ сите циклуси на збирката.“ – рече д-р Славица Гаџова Свидерска, рецензент и промотор на книгата.
Книгата „Фауст го трча плебејскиот круг“ од Стефан Марковски е добитник на наградата „Книжевен круг“ за проза: „Ова дело е карактеристично по структурната поставеност во нарацијата. Содржи шест елементи од коишто е составена целината. Иако шесте приказни се одделуваат сами за себе како посебни целини, имаат заедничка матрица во планот на изразот. Структуирани се како раскази но се чувствуваат драмски елементи, динамички покренувачи на дејство и статички мотиви коишто ги опишуваат одредените ситуации. Авторот многу вешто прави комбинација на лирски и драмски компоненти во текстот. Експериментира со жанровите.“ – истакна Елизабета Јончиќ, рецензент на книгата.
На вториот ден од манифестацијата беше промовиран двоброј (21-22) од списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“ во издание на Битолскиот книжевен круг од главниот и одговорен уредник проф.д-р Даниела Андоновска Трајковска, а беше промовирано и списанието „Современост“ од страна на Стефан Марковски како главен и одговорен уредник.